Направи сам: лесен тониран флуид за комбинирана до масна кожа


Летото се наближува а со него се зголемува потењето и секако се јавува најголемиот проблем на скоро сите девојки со комбинирана или масна кожа, а тоа е прекумерното светење на кожата. Понекогаш светењето се јавува како резултат на тешките креми и пудри кои ги нанесуваме на кожата.  Идеално е да користиме во летниот период полесни и матирачки производи кои ја остават кожата да дише.

Во оваа статија заедно ќе направиме токму еден ваков лесен производ, односно тониран флуид за комбинирана до масна кожа. Овој флуид го изедначува тенот, ја остава кожата да дише, воопшто не ја масти а сепак и ја дава потребната хидратација.

Навистина е многу лесен за подготовка, а сѐ што ви е потребо за да го направите е:


4 полни кафени лажички алое вера гел
2 кафени лажички масло од јојоба
на врвот од една кафена лажичка глицерин
4 кафени лажички минерална пудра во прав

Во една чашка најнапред ставете го алое вера гелот со маслото од јојоба и глицеринот и убаво промешајте. Потоа додадете ја минералната пудра во прав и продолжете енергично да мешате со една лажичка околу 5 мин. додека сѐ убаво не се спои. Доколку сакате, за да ви биде полесно може да употребите и мал рачен миксер (оној за нескафе).


Откако сите состојки убаво ќе се спојат земете едно празно чисто шишенце и со помош на една лажичка (или шприц без игла секако) префрлете ја смесата во него.



Ете колку беше лесно да се направи овој природен тониран флуид.

Трае два месеци на собна температура со оглед на тоа што алое вера гелот е веќе конзервиран, а ставив и малку глицерин.

Зошто токму овие состојки.

Алое вера гелот е фантастичен за масната кожа, затоа што ја навлажнува без да ја отежни. Има големо хидратантно и смирувачко дејство и не дозволува кожата да свети.

Маслото од јојоба е најпогодно за масната кожа. Неговата структура е многу слична на онаа на нашиот себум, така да на некој начин ова масло го нормализира производството на себум и ја нормализира масната кожа.

Глицеринот кој го користев во овој рецепт е од растително потекло (може да го најдете во аптеките) и има за улога најнапред да ја подобри текстурата на овој производ, а потоа да ја зголеми хидратантната моќ на алое вера гелот. Обично во производите за масна кожа глицеринот се додава околу 3 до 4% во вкупниот производ, затоа и ви предложив да ставите само малку на врвот на една кафена лажичка.

Еве ја структурата на овој производ


и откако го размачкавме на кожата


Го тестирам веќе недела дена и може да ви кажам дека кожата веднаш го впива, не свети, дава мат ефект на лицето, а сепак ја остава кожата хидрирана и нахранета. Со оглед на тоа што нема голема прикривачка моќ (само го изедначува тенот) доколку сакате, врз него може да ставите и малку камена пудра или во прав за подобар ефект.

Верувајте ми овој флуид е создаден за летно време затоа што кожата може слободно да дише, а сепак бојата на тенот е изедначена.

Јас и онака во овој период како дневна нега на кожата користам алое вера гел во комбинација со маслото од јојоба (ставам мал дел од двете на дланката промешувам и го нанесувам на лицето), па потоа ставам минерална пудра во прав. На овој начин е многу покомотно, затоа што со едно мачкање сум ги нанела сите три производи заедно.

Доколку ви се допаѓа овој предлог и се обидете да го направите, споделете ги вашите искуства и импресии од употребата.

Ве поздравувам и до скоро читање.
Вики

Comments

  1. Здраво Вики,

    многу интересен предлог, баш периодов се мислев каква cc крема да купам, а ова е нешто слично на BB/CC крема. Сакам да прашам дали наместо масло од јојоба може да се користи друго масло (арганово, од семки од кајсија, кокосово...). Дали освен минерална пудра во прав може да се додаде и издробена камена пудра (погоре имаш спомнато дека камена може да се користи врз кремата).

    Поздрав и секое добро.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Ирена и благодарам за твојот коментар. Наместо пудра во прав секако може да користиш и компактна пудра (да ја изгребеш претходно). Што се однесува до маслото може арган, Кокосово не би препорачала овој период затоа што е сеуште во цврста состојба и ќе ја смени малку структурата на производот. Јојобата ја предложив како најпогодно масло за масна кожа, меѓутоа арганот е ок, а исто така одлично за комбинирана до масна кожа е и маслото од лешник. Поздрав и секое добро.

      Delete

Post a Comment