Спреј за волумен и сјај на косата
Кога станува збор за косата, сите сакаме две нешта: поголем сјај и волумен на истата.
Меѓутоа кога ќе размислам подобро сакаме и помека коса, лесна за расчешлување и свиленкаста на допир. За да го постигнеме сето ова, освен правилната исхрана, шампоните и третманите со масла, од голема важност се и производите за стајлинг на косата како креми, гелови, пени и спрејови за коса.
Во продолжение на оваа статија ќе ви предложам два прекрасни домашни производи (спреј за коса) кои, доколку редовно ги употребувате, ќе ја препородат вашата коса.
Истовремено ќе ја омекнат косата, ќе ја направат полесна за расчешлување и ќе го зголемат сјајот и волуменот на истата. Доколку косата ви е фарбана или шатирана, со самото тоа што го зголемуваат сјајот на влакното, на некој начин прават бојата да живне и да биде поубава.
Навистина се многу лесни за подготовка, затоа да не должиме повеќе туку да се фатиме за работа.
СПРЕЈ ЗА КОСА СО ГЕЛ ОД ЛЕНЕНО СЕМЕ
За овој спреј потребно ви е:
гел од ленено семе
јаболков оцет
растителен глицерин
етерични масла од лаванда и лимон
Пред да преминам на вистинскиот рецепт најнапред мора да ви кажам како да подготвите гел од ленено семе кое е основа на овој спреј.
Лененото семе содржи висок процент на минерали како фосфор, магнезиум и бакар, 20 % на протеини и 40% масти. Ова семе има безброј корисни дејства врз организмот и може да се конзумира во супи, салати и како чај, меѓутоа од него може да се направи и гел за нега на косата. Со редовна употреба на овој гел, косата буквално ќе се препороди, ќе стане поздрава и посјајна.
Порано овој гел го правев на овој начин http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_23.html, меѓутоа со оглед на тоа што за овој рецепт потребно е гелот да биде малку потечен ќе го направиме поинаку.
Земете 30 гр. ленено семе (околу 3 рамни супени лажици) и 250 мл. вода (една чаша). За полесно да го направите овој гел ќе ви треба едно мало тенџерче во кое ќе ја ставите водата и една поголема цедилка (горе долу слична димензија како тенџерчето) во која ќе го ставите лененото семе. Цедилката ставете ја во тенџерето со вода (лененото семе треба да биде покриено со вода) и вклучете ја ринглата.
Кога водата ќе почне да врие намалете за да избегнете да ви тече од страните и со помош на една кафена лажичка постојано мешајте во рок од 5 мин.
Откако ќе поминат 5 мин. тргнете ја цедилката со лен и оставете да се олади гелот.
Во едно празно спреј шише од 100 мл. ставете најнапред од гелот (наполнете го шишето 3/4, околу 85 гр). Додадете една супена лажица јаболков оцет, една кафена лажичка растителен глицерин (може да го најдете во аптеките) и по желба додадете 10 капки етерично масло. Јас користев 5 од лаванда и 5 од лимон. Затворете го шишето, убаво протресете и вашиот спреј е готов.
Гелот од ленено семе како што веќе напоменав е голем предуслов за убава и здрава коса.
Јаболковиот оцет има киселкаста ph вредност која е од огромнo значење за убавината и здравјето на нашата коса и дава огромен сјај. Идеалната ph вредност на нашата коса е помеѓу 4 и 5 така да јаболковиот оцет навистина помага во оддржување на истата. Исто така јаболковиот оцет ја затвора кутикулата на влакното и како резултат на тоа косата е сјајна и мазна. Ова е многу важен факт затоа што на тој начин ја задржуваме природната влага во косата, и на некој начин ја спречуваме појавата на расцветани врвови.
Глицеринот во рецептов го ставивме најнапред затоа што ја задржува влагата во косата и го спречува сушењето, меѓутоа и затоа што е најдобар растворач на етеричните масла.
Со оглед на тоа што овој спреј нема конзерванси, трае 10 дена (оцетот и глицеринот малку помагаат, меѓутоа немаат големо дејство на конзерванс).
Единствен начин да се конзервира овој производ е или со конзерванс или со најмалку 10% алкохол, меѓутоа со оглед на тоа што алкохолот ја суши косата (а нашата цел е мека, сјајна и прекрасна коса) сепак подобро е да не го ставаме.
Може да направите и помала доза намалувајќи ги количините (во шишенце од 50 мл. наместо од 100).
Ви советувам да го чувате во фрижидер (ладното ќе го зголеми ефектот на овој спреј) и да го испрскате на косата пред истата да ја исушите со фен или на веќе сува коса пред да ја обликувате.
За поголем волумен косата сушете ја со главата надолу.
Еве го ефектот на овој спреј
СПРЕЈ ЗА КОСА СО ПАНТЕНОЛ
За овој спреј потребно ви е:
пантенол раствор 5%
масло од јојоба
растителен глицерин (или алое вера гел)
етерични масла од лаванда и лимон
Од аптека купете пантенол раствор (внимавајте да е без силикони и парабени, читајте ја убаво декларацијата).
Во едно празно спреј шише (100 мл) најнапред ставете една кафена лажичка глицерин, додадете една кафена лажичка масло од јојоба и 10 капки етерично масло. Доколку немате глицерин може да го замените и со алое вера гел. На крај шишето наполнете го со пантенол раствор (не скроз до горе оставете малку простор), затворете и убаво протресете.
Ете, вашиот спреј е готов. Може да го користите по миење на косата (пред да ја исушите со фен) или пак на сува коса доколку сакате да ја обликувате.
Пантенолот е одличен за косата, меѓутоа за жал кај нас не може да се најде чист, па затоа и растворов ќе ни послужи. Како што веќе ви напоменав внимавајте на декларацијата.
Алое вера гелот е одличен за косата, ја омекнува и хидрира. Во една книга имам прочитано дека алое вера гелот содржи аминокиселини кои се многу слични на оние присутни во фоликулите на нашата коса, па затоа алое вера гелот има регенерирачко својство и дава голем сјај на косата.
Маслото од јојоба е одлично за косата, особено доколку е сува и безживотна. Ја заштитува косата, го враќа нејзиниот сјај и има голем хранлив ефект.
Вториов спреј трае подолго од првиот со оглед на тоа што сите состојки кои ги употребивме се веќе конзервирани.
Еве го ефектот врз косата
Без разлика на тоа дали имате права или валовита коса, се надевам дека ќе се одлучите да им дадете шанса на овие интересни производи и да се уверите во нивната ефикасност.
Comments
Post a Comment