Козметика: што треба да знаеме за да ги избегнеме ризиците по нашата кожа
Здраво драги мои,
денес сакам да отворам една многу интересна тема за која вчера се говореше на италијанската телевизија РАИ 1 во емисијата Порта а Порта (Porta a Porta) на водителот Бруно Веспа. Темата на емисијата беше токму насловот на оваа статија односно:
“Козметика: што сѐ треба да знаеме за да ги избегнеме ризиците по нашата кожа“
Гости во студиото беа:
Министерката за здравство на Република Италија
Најпознатиот италијански мејкап артист Диего Де Палма
Претседателот на здружението на италијанската козметика
Претседателот на здружението на потрошувачи во Италија
Претседателот на здружението на дерматолози во Италија
Претставник на националниот центар за хемиски состојки
Еден италијански актер
Една италијанска водителка
Се говореше многу за козметиката и нејзиното влијание врз нашата кожа и имаше навистина доста дискусија особено помеѓу претставниците на зружението на козметика наспроти она на потрошувачите, меѓутоа овде ќе изнесам само неколку теми кои се во склад со она за кое се залагам, односно природна и органска козметика.
Најнапред изнесоа статистички информации:
за 2015 потрошени се 10 милијарди евра за козметика;
секоја четврта крема е купена од маж;
паднат е процентот на продажба на производи во козметичките и фризерските салони
зголемена е продажбата на производи во природните аптеки и супермаркети
На почетокот на емисијата дадоа еден прилог снимен во една ексклузивна стоковна куќа во одделот за козметика каде водителката отиде со еден експерт по козметика со скриена камера да ги разгледуваат декларациите и состојките на козметичките производи без да ја кажуваат марката на истите.
Експертот кажа дека потребно е да се бира козметика која на прво место не содржи силикони и нафтени деривати, не затоа што може да ја оштетат кожата (според него не постои производ кој може да ни го загрози здравјето или да ни наштети), туку затоа што овие состојки немаат никаква улога во негата на кожата и создаваат еден вид на маска кој прикрива сѐ, а не го решава проблемот за кој сме го купиле производот.
Потоа стана збор за цената на производите, скапата козметика наспроти евтината. Експертот разгледа повеќе креми за лице кои коштаа и по 350 евра и рече дека според состојките и декларацијата истиот крем би требало да има реална цена од најмногу 50 евра. Обратно, за еден крем од 40 евра рече дека има навистина добра декларација без силикони, нафтени деривати и парабени.
На прашањето на водителот во студиото зошто одредена козметика има толку всока цена, по многу дебата се воспостави дека скапите креми за лице имаат висока цена не затоа што состојките се поквалитетни во зависност од поевтината (не секогаш, секако има исклучоци, без да генерализираме), туку затоа што компанијата дава многу пари за маркетинг, реклами, истражувања, прави повеќе тестови за истиот крем и.т.н.
Секако, одредени компании произведуваат креми со екстремно ценети состојки кои се навистина доста скапи и ги набавува од проверени одгледувачи или сама ги произведува состојките во органска средина.
Гостите во студиото се изјаснија дека понекогаш имале многу подобар ефект со некој поевтин производ наспроти некој многу скап кој коштал и до 500 евра.
Потоа стана збор за маркетинг стратегијата на многу фирми, особено при промоција на козметика која има анти ејџ ефект.
Назнаките како “за месец дена се намалуваат брчките“ или “крем со активатор на младоста“ според гостите, па и според министерката се само маркетингшки трик кој има за цел да ги разочара купувачите доколку кремот не ги исполни очекувањата по неговата употреба.
Беше даден еден интересен пример односно:
просечна жена која има плата за едвај да стигне до крај на месецот, гледа реклама за крем кој ги брише брчките на лицето, каде манекенката која е заштитно лице е со пефектно лице и поправена со фотошоп на рекламата. Истава жена собира пари, ја купува козметиката, меѓутоа не го добива истиот ефект од рекламата.
Се говореше и за кремите за заштита од сонцето и нивната употреба. Кратко проговорија за хемиските наспроти физичките филтри, а повеќе се задржаа на огромната важност кожата убаво да се заштити за време на изложувањето на сончевите зраци.
Луѓето кои имаат светол тен обично многу подобро се штитат од сонцето со оглед на тоа што лесно горат, додека оние кои имаат потемен тен и веднаш поцрнуваат не посветуваат големо внимание.
Претседателот на здружението на дерматолози рече дека ова е голема грешка со оглед на тоа што без разлика на тоа што не горат и лицата со потемен тен мора да користат заштита почнувајќи од 50 затоа што ултравиолетовите зраци прават иста штета како и кај оние со светла боја на кожата само што таа штета не е видлива и може да се појави како проблем после неколку години во вид на некое заболување или голем проблем со кожата.
Она што е многу интересно да ви кажам е дека претставничката од националниот центар за хемиски состојки рече дека постојат 30 хемиски филтри кои се дозволени во употреба. Таа нагласи дека хемиските филтри се употребуваат само кога има потреба од тоа, односно за време на изложување на сончевите зраци, никако кога нема потреба од тоа (на пример пудра со заштитен хемиски филтер која ја ставате навечер за во дискотека).
Министерката за здравство рече дека ќе започне со кампањи во основните и средните училишта во Италија за едукација како правилно да се заштити од сонцето уште од најмала возраст.
Се говореше и за други теми како ботокс и инекции, меѓутоа не се од интерес за овој блог.
Драги мои, какво е вашето мислење на ова што досега го прочитавте?
Дали се согласувате со дел, сѐ или ништо од ова кое гостите во судиото го кажаа?
Дали е неопходно козметиката да има висока цена за да биде ефикасна или постојат и нискобуџетни козметички производи кои може да дадат одличен ефект врз кожата?
Вашите коментари како и секогаш се добредојдени под текстот.
Поздрав
Вики
Comments
Post a Comment