Направи сам: природен чистач со активен јаглен за масна кожа


Здраво драги мои,

во неколку статии ви имам предложено домашни варијанти на приозводите на Lush. Одредени нивни производи навистина многу ми се допаѓаат (како на пример чистачите за лице и свежите маски кои за жал ги нема во Мк) и се обидувам да ги направам во домашна верзија. Овојпат за вас подготвив една домашна варијанта на познатиот чистач за масна кожа Dark Angels.

Овој чистач се појави на пазарот како еден вид на одговор на чистачот Angels on Bare Skin кој лично го имам пробано и за кој направив и домашна варијанта во оваа статија

Овој  Dark Angels го немам пробано во оригинална верзија (од Lush), меѓутоа ја разгледав декларацијата и се обидов да го произведам во домашни услови.

Еве ја оригиналната декларација на производот:

Rhassoul Mud, Organic Cold Pressed Avocado Oil, Glycerine, Powdered Charcoal, Black Sugar, Sodium Lauroyl Sarcosinate, Perfume, *Linalool, Sandalwood Oil, Rosewood Oil.

Содржи глина, органско масло од авокадо, растителен глицерин (овде не е нагласено меѓутоа пишува на опаковката), активен јаглен, црн шеќер, сурфактант, парфем и етерични масла од сандал и роза.

Кога ја гледав декларацијава си велев: ок, глина имам (може да ја заменам со зелена), авокадо имам, глицерин имам....и.т.н. сѐ додека не дојдов до сурфактантот кој го немам и на негово место ставив малку гел за лице кој сепак содржи сурфактанти.

Еве ја мојата верзија на овој познат чистач за лице.


1 супена лажица зелена глина
1 ипол супена лажица растително масло од лаванда
половина супена лажица растителен глицерин
половина супена лажица кокосово брашно
3 до 4 таблетки активен јаглен
половина супена лажица нежен гел за миење на лице без сулфати

Како што можевте да забележите наместо Rhassoul ставив зелена глина, со оглед на тоа што најлесно се наоѓа кај нас (целта е нели да правиме проекти со состојки кои лесно може да ги најдеме низ аптеките во градот). Лажицата која ја гледате на сликата е онаа која ја корстев како мерка за овој производ (не толку полна секако). Да ве потсетам дека зелената глина не се зема со метална лажица.


Наместо црн шеќер ставив кокосово брашно кое е многу понежно за кожата. Шеќерот ми е малку агресивен, така да ви советувам да ставите или кокосово брашно или мелен бадем. На тој начин чистачов ќе биде поделикатен за кожата.

Наместо масло од авокадо ставив масло од лаванда. Овде не мислам на етерично масло, туку на домашно подготвено масло од лаванда (рецептот ќе го најдете во оваа статија). Имав и масло од авокадо, меѓутоа сакав да го ставам ова за производот да има подобар мирис без да користам етерично масло. Вие доколку немате масло од авокадо ставете било кое друго масло како маслиново, бадемово, арганово...она што имате дома и додадете (доколку имате секако) две капки некое етерично масло како лаванда, чајно дрво, рузмарин и.т.н.



Глицеринот не може да го замениме, па затоа ви советувам да го купите од аптека. Во првиот рецепт (оној за чистачот Angels on Bare Skin) јас лично глицеринот го заменив со алое вера гел, меѓутоа на тој начин производот помалку трае. Глицеринот, освен тоа што ја омекнува и навлажнува кожата, помага и во трајноста на овој производ.

Активниот јаглен може да го најдете во сите аптеки. Земете 3 до 4 таблетки (иако и 3 се доволни), убаво згмечете ги во ситна прав и ставете ги во овој рецепт. Всушност токму оваа состојка е главна состојка во овој чистач и одтука го добил и името.


Како што веќе кажав, наместо сурфактантот кој е користен од страна на Lush, ние ќе ставиме нежен гел за миење на лицето без сулфати. Гелот веќе содржи конзерванси, така да нема проблем.

Ајде да преминеме на изработката.

Најнапред во еден сад ставете ја глината, кокосовото брашно (или мелениот бадем) и јагленот.


Додадете го маслото, глицеринот и гелот за миење и убаво промешајте сѐ додека да добиете изедначена смеса. Овој домашен чистач има помека и потечна структура од купечкиот кој е многу посув.


Се користи на тој начин што со чисти раце или пластична лажичка се зема многу мал дел од производот, се меша со малку млака вода во рацете, и се нанесува на навлажнето лице. Навистина доволна е многу мала количина за да се покрие целото лице. Внимавајте да не го земате производов во влажни раце (да не влезе вода во него) затоа што побрзо ќе се расипе.

Со благи кружни движења се чисти лицето и потоа се измива со млака вода. Иако на оригиналниот производ пишува дека може да се користи секојдневно, сепак според мене најидеално е да се користи двапати неделно, со оглед на тоа што сепак претставува еден вид на ексфолиатор на кожата и не е добро да се претерува со ексфолиацијата секојдневно.


Ова е мое мислење, одлуката секако ја оставам на вас.

Евентуално доколку сакате да го користите како секојдневен чистач, во тој случај ставете мелени бадеми и откако мала количина ќе ја растворите со вода во раката, нежно тапкајте ја на навлажнето лице без триење и кружни движења (нешто слично како што се прави со чистачот на Др. Хаушка). На тој начин нема да предизвикате голем стрес на кожата, а сепак ќе ги искористите бенефициите на овој чистач за лице.

Идеално е да го користите навечер (по отстранувањето на шминката), со оглед на тоа што јагленот малку бои и потребно е малку подобро да се измие од кожата (а навечер имаме повеќе време за тоа). Постапката изведувајте ја врз лавабото во бањата за да не исцрните некој бел килим или светло килимче во вашите бањи.

Откако убаво ќе го остраните од лицето со млака вода, измијте се со ладна вода и нанесете убав хидратантен или хранлив крем (оној кој го користите за навечер).

Само да напоменам дека производов трае месец дена, со оглед на тоа што гелот веќе е конзервиран, а ставивме и глицерин кој исто така помага. Затоа и количината која ја направивме е мала. Ви советувам да го чувате во фрижидер.

Секако оваа варијанта можеби и не е како оригиналната на Lush (која како што кажав ја немам пробано), меѓутоа мене лично многу ми се допадна.

Се надевам дека и вам ви се допадна овој туторијал.

Дали вие досега имате пробано некој ваков сличен чистач и дали сте се обиделе да го направите сами дома?

Поздрав
Вики

Comments