Комплетна нега на масна и проблематична кожа со производите на Natura Siberica


 Здраво драги мои,

колку само барања и приватни пораки добив за рецензија на оваа нова линија на Natura Siberica, наменета за сите оние кои имаат масна и проблематична кожа. Овој тип на кожа е доста комплициран за нега бидејќи вистинскиот производ со добро формулирана формула може да помогне и со текот на времето трајно да го реши проблемот, додека погрешниот производ може да даде обратен ефект и да ве воведе во еден магичен круг од кој тешко се излегува.

Во повеќе статии имам говорено за акни и имам напоменато колку е важно да се разбере дека истите се појавуваат доколку не се во хармонија два параметри на кожата, односно правилната хидратација и правилната пХ вредност на кожата. Секако,во овој период на пандемија каде  носењето на заштитна маска е неопходно за наша сопствена сигурност, додатно ја отежнува и онака комплицираната состојба на кожата на лицето. 

Токму затоа најнапред потребно е да се разбере како резултат на што се појавуваат акните, а потоа и соодветно да се делува. Најголема грешка на скоро сите девојки и момци кои страдаат од оваа проблематика е прибегнување кон киселините како третман (и производите кои ги содржат истите) со цел да ја решат оваа проблематика. Ова не само што е погрешно, туку неправилната и неконтролорана употреба на производи на база на киселини може додатно да ја влошат состојбата. Запоменете кожата која страда од акни веќе има проблем со заштитниот филм (истиот е оштетен) и дополнителното нарушување на заштитната бариера може само да ја влоши состојбата. Како што претходно напоменав еден или двата параметри (правилна пХ вредност и правилна хидратација) се нарушени и токму на нив треба да започнеме да работиме доколку сакаме да го подобриме изгледот и здравјето на нашата кожа.

Во оваа статија би сакала да ви претставам една линија за нега на кожата на лицето од марката Натура Сиберика која не само што има одлична декларација и дејство, исто така има и одлична цена и е прифатлива за скоро сечиј џеб. Ќе ви претставам 4 производи за комплетна нега на масната кожа и тоа: гелот за чистење на пори, тоник за лице, серум за нормализирање на себумот на кожата на лицети и хидратантен крем за лице.

1. Гел за чистење на порите

Правилната нега на кожата започнува од правилната хигиена на истата. Третманите од типот на двојна детерзија, миење на лицето со премногу агресивни производи, или обезмастување на кожата е погрешно, бидејќи со самото тоа правиме уште поголема алтерација на веќе измачената состојба на кожата и се вртиме во затворен круг. Нема да се изморам од кажување и нагласување колкава е важноста на еден добар и правилно избалансиран производ за миење на кожата кој ќе ги одмие само вишокот на масти и нечистотии од самата кожа, без да направи алтерација на природната бариера на кожата. Токму затоа ви го предлагам овој гел за миење на лицето кој иако не е сертифициран како органски, има одлично избалансирана формула.

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, SODIUM COCO-SULFATE, COCO-GLUCOSIDE, COCAMIDOPROPYL BETAINE, SODIUM CHLORIDE, PANTHENOL, NIACINAMIDE, BETULA ALBA BARK WATER, LACTIC ACID, BETULA ALBA LEAF EXTRACT, MENTHA ARVENSIS LEAF EXTRACT, SAPONARIA OFFICINALIS ROOT EXTRACT*, RHODIOLA ROSEA ROOT EXTRACT*, CALENDULA OFFICINALIS FLOWER EXTRACT*, SACCHARIDE ISOMERATE, GLYCERYL OLEATE, CITRIC ACID, SODIUM CITRATE, BENZYL ALCOHOL, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE, PARFUM, CI 42051.

Базата на овој производ е вода, содиум коко сулфат, коко глукозид и бетаин што ми укажува на фактот дека аформулата е одлично избалансирана. Примарниот сурфактант содиум коко сулфат е ублажен најнапред со глукозидот, а потоа и со бетаинот кој освен тоа што ја намалува ахресивноста на примарниот исто така ја подобрува и пенливоста на самиот проиавод. Базата на овој производ е збогатена понатаму со пантенол (провитамин B5) наречен уште и витамин за убавина, кој има за задача да ја подобри хидратацијата на кожата и има смирувачко дејство врз истата. Нијацинамидот е исто така витамин од Б групата (наречен упте Б3 или ПП) е одлична во случај на нега на масна кожа. Има ленитивно дејство врз кожата и помага во случај на акни и флеки пост акни со оглед на тоа што успоева да ја намали видливоста. Како екстракти во овој производ употребени се екстракт од бреза, екстракт од нане, екстракт од невен и екстракт од сибирски бор

Нежно ја измива кожата без да ја иритира или премногу обезмасти, оставајќи ја перфектно чиста и мазна. Според декларацијата одличен е и за помлада кожа, особено кај оние кои се во пубертет и страдаат од акни на кожата. Може да се користи и кај акни предизвикани од маска, со оглед на тоа што е нежно како средство и не прави нарушување на заштитната бариера.

Овој производ може да го најдете во ДМ маркетите по цена од 375 мкд.

2. Тоник за масна кожа

Тоникот е вториот чекот во една рутина за нега на кожата и има за цел не само да ја корегира и поврати правилната пХ вредност на истата, туку, во зависност од состојките, да ја хидрира самата кожа, да ј апрочисти и направи поубава и посјајна. Стриктно овој тоник за кој ќе говориме во продолжение, има тројно дејство: хидратантно, омекнувачко и прочистувачко.

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, GLYCERIN, HEPTYL GLUCOSIDE, NIACINAMIDE, BETULA ALBA BARK WATERWHH, LACTIC ACID, BETULA ALBA LEAF EXTRACTWH*, MENTHA ARVENSIS LEAF EXTRACTWH*, CHAMOMILLA RECUTITA FLOWER EXTRACT*, NUPHAR LUTEUM ROOT EXTRACT*, MALVA SYLVESTRIS FLOWER EXTRACT*, PHOSPHOLIPIDS, SPHINGOLIPIDS, PANTHENOL, GLYCYRRHETINIC ACID, BENZYL ALCOHOL, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE, PARFUM, SODIUM HYDROXIDE, BUTYLPHENYL METHYLPROPIONAL, ALPHA-ISOMETHYL IONONE, CI 42051, CI 42090, CI 1914.

На втора позиција по водата, има глицерин кој дава омекнувачко и хидратантно дејство на производот, и на некој начин се надополнува со третата состојка, односно глукозидот. Ставени се со цел да производот нема само прочистувачко дејство и да не суши, туку истовремено и да ја хидрира и омекнува кожата. Запомнете масната кожа без разлика на тоа што има зголемено лачење на себум, сепак има потреба и од хидратација.

Понатаму во овој производ се забележува присуство на нијацинамид и прекрасни екстракти од кои дел се со прочистувачко а дел со омекнувачко и смирувачко дејство кои го прават овој производ избакансиран и прекрасен. Како екстракти присутни се: бреза, нане, камилица и слез.

Се користи двапати дневно наутро и навечер, по миењето на кожата со помош на едно памукче.

Тоникот може да го најдете во ДМ маркетите по цена од 260 мкд.

3. Серум за корекција на кожата

Овој серум е еден од најдобрите серуми за масна кожа кои ги имам видено кај нас и секако правилно избалансиран. Како што напоменав на почетокот јас ретко кога препорачувам киселини за третирање на акни на кожата, со оглед на тоа што кожата е веќе доста иритирана и на некој начин “повредена“. Доколку убаво ја разгледаме декларацијата на овој производ ќе забележиме дека во истиот има присуство на киселини...па добро, дали во меѓувреме го променив мислењето??? Одговорот е не, а сега ќе ви објаснам и зошто.

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, GLYCERIN, LACTIC ACID, HEPTYL GLUCOSIDE, XANTHAN GUM, NIACINAMIDE, BETULA ALBA BARK WATER, ZINC PCA, PANTHENOL, GLYCOLIC ACID, BETULA ALBA LEAF EXTRACT, HESPERIS SIBIRICA FLOWER/LEAF/STEM EXTRACT, SCUTELLARIA BAICALENSIS ROOT EXTRACT*, CHAMOMILLA RECUTITA FLOWER EXTRACT*, CALENDULA OFFICINALIS FLOWER EXTRACT*, SALICYLIC ACID, SODIUM LACTATE, SODIUM HYALURONATE, HYDROXYPROPYL GUAR, SODIUM HYDROXIDE, BENZYL ALCOHOL, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE, CITRIC ACID, PARFUM, BUTYLPHENYL METHYLPROPIONAL, ALPHA-ISOMETHYL IONONE.

Во едно видео на мојот јутуб канал во кое говорев за салицилната киселина напоменав дека една важна работа кај производите на база на киелини е пХ вредноста. Иста киселина има различно дејство (и различно се однесува) на различна пХ вредност. По природа киелините имаат киселкаста пХ вредност (инаку не би биле киселини), и со самото тоа ексфолијантно дејство врз кожата. Делуваат на тој начин што имаат кетаролитичко дејство врз кожата, односно го отстрануваат оној слој на т.н.“мртви клетки“, меѓутоа доколку се користат претерано или погрешно може да направат повеќе штета отколку корист и да го нарушат природниот баланс на заштитниот филм на кожата а со самото тоа и нејзината функционалност. Колку повеќе се качува пХ вредноста на еден производ прави да киселината премине во својата сол односно на пример од lactic acid премине во sodium lactate која за разлика од киселината има и одредено хидратантно дејство врз кожата. Еве ви табела со пример на салицилна киелина.Е сега ќе поставите прашање како знам која е пХ вредоста на овој производ и дали киселините се повеќе или помалку активни? Одговорот е едноставен, во овој производ има присуство на нијацинамид. Во еден козметички производ нијацинамидот пожелно е да биде на пХ вредност од 5 до 7 (идеално би било од 5 до 6). Доколку пХ вредноста на производот е пониска нијацинамидот преминува во никотинска киселина која може да предизвика иритации и црвенила кај кожата (секако во зависност од видот на кожата и состојбата на истата). Со цел да се избегне тоа, производителите на козметика (барем оние сериозните кои се грижат за добросостојбата на кожата на сопствените куувачи) го внесуваат нијацинамидот во финален производ со пХ од 5 до 6. За да ви го докажам ова ја измерив пХ вредноста на овој серум и истата е околу 5,5.


На пХ 5,5 киселините немаат исто дејство како да речеме на пХ 4 или пХ 4,5 (ова можевте да го забележите од табелата погоре). Токму затоа овој серум е можеби и единствен кој би го препорачала за сите оние кои имаат проблем со акни.

Содржи екстракти од камилица, невен, бреза и сибирски бор, а исто така содржи и пантенол.


Се нанесува двапати дневно наутро и навечер на убаво чиста кожа и нежно се масира со прстите сѐ до комплетно впивање. Цената на овој производ е 360 мкд и истиот може да го најдете во ДМ маркетите низ републиката.

4. Лесен хидратантен крем за масна кожа

Овој крем има лесна структура која истовремено е доста хидратантна. 

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, POLYGLYCERYL-6 STEARATE, SODIUM STEAROYL LACTYLATE, GLYCERIN, CAPRYLIC/CAPRIC TRIGLYCERIDE, CETEARYL ALCOHOL, MAGNESIUM ALUMINUM SILICATE, BETULA ALBA BARK WATER, PANTHENOL, SODIUM HYALURONATE, ALLANTOIN, BETULA ALBA LEAF EXTRACT*, ARALIA MANDSHURICA LEAF/STEM EXTRACT*, CHAMOMILLA RECUTITA FLOWER EXTRACT*, NUPHAR LUTEUM ROOT EXTRACT*, VIOLA ODORATA EXTRACT*, POLYGLYCERYL-6 BEHENATE, TOCOPHEROL, XANTHAN GUM, CITRIC ACID, BENZYL ALCOHOL, ETHYLHEXYLGLYCERIN, PARFUM, SILICA, BUTYLPHENYL METHYLPROPIONAL, ALPHA-ISOMETHYL IONONE, CI 77891, CI 77491, CI 42051.

После водата има два емулгатори од кои вториот е одличен со оглед на тоа што како емулгатор одлично е толериран од сите видови на кожа, па дури и чувствителната. Ова е одлично со оглед на тоа што кожата која има акни на накој начин е оштетена и доста чувствителна. Потоа има глицерин кој има омекнувачко дејство, па како масло е присутно каприлик кое е доста лесно масло кое е “усогласено“ од токоферолот (вит. Е) во чиста форма. Најискрено можеле да стават и уште некое масло (јас лично би ставила доколку би ја правела формулата) со цел да се зголеми хидратантното дејство на производот. 

Доколку го земете серумот со бреза кој претходно го рецензирав, во тој случај наместо овој крем земете го оној на Др. Конопка за комбинирана до масна кожа кој е многу похидратантен. На овој начин ќе направите подобар баланс на лицето. Доколку не го земате серумот, во тој случај ви го препорачувам гелот за миење со бреза од оваа линија заедно со овој крем. Ама за комбинациите ќе говорам при крајот на статијата.

Како и останатите производи од оваа линија и овој содржи екстракт од бреза, камилица, невен, виола, потоа пантенол (пров.Б5). Производов може да го најдете во ДМ маркетите по цена од 520 мкд. Се нанесува двапати дневно наутро и навечер на убаво исчистена кожа. 

Во зависност од типот на акни и годините би ви ги пепорачала седниве комбинации:

МЛАДА КОЖА

Доколку сте во пубертет и страдате од акни мој предлог ви е да го земете гелот за чистење на пори од Натура Сиберика во комбинација со тоникот од бреза на Натура Сиберика и кремот на Др. Конопка (оној во зелено пакување за комбинирана до масна кожа). Овие два производи според мене одлично се надополнуваат и даваат одлични резултати.

КОЖА СО АКНИ 25 +

За нега на овој тип на кожа ви го препорачувам гелот за чистење на пори на Натура Сиберика во комбинација со серумот од истата линија и кремот на Др. Конопка. Доколку не сакате серум како производ во тој случај земете го гелот за чистење на пори со кремот од бреза на Натура Сиберика.

АКНИ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД НОСЕЊЕ НА МАСКА 

За оваа проблематика имам посветено цела статија која може да ја прочитате овде меѓутоа еве ќе кажам дека најсоодветна според мене би била комбинацијата на овој гел за чистење на пори од Натура Сиберика во комбинација со спрејот од цинк на Novexpert и кремот за нега на комбинирана до масна кожа на Др. Конопка.

Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и ви беше од корист. Вие доколку имате прашања или коментари, слободно оставете ги под статијата.

Ве гушкам и се читаме наскоро.

Вики

Comments