Проширени пори, зошто се појавуваат и како да ги третираме

 


Здраво драги мои,

една од вечните проблематики и секогаш актуелна тема се токму проширените пори. Голем е бројот на девојките (па и момците секако) кои страдаат од оваа проблематика. Во 90% од случаите проширените пори ги поврзуваат со масна кожа, и за третирање на истите се препорачуваат производи од типот “pore free"или "oil free" кои знаат да бидат и доста агресивни како производ. Проширените пори не се сите исти. Голем е бројот на оние кои немаат масна кожа, а сепак страдаат од оваа проблематика. Зошто е тоа така?

Пред да се премине кон купување на производи кои ќе ни помогнат да ги намалиме порите, мора да ја сфатиме најнапред причината за нивната појава. Доколку сфатиме што е она што ги предизвикало и како последица на што се појавиле, полесно ќе биде успешно истите да ги третираме. 

Најнапред мора да сфатиме едно нешто СИТЕ НИЕ ИМАМЕ ПОРИ!!! Оние слики на убави девојки со перфектна кожа кои ги гледаме на рекламите се дело на фотошоп или разни филтри. Токму тие реклами според мене се најголемата причина за еден вид на комплекс помеѓу девојките кои на сите начини се обидуваат да имаат перфектна кожа, а би требало да се грижат за здравјето на кожата повеќе отколку за аспектот на истата.  Пори е многу нормално да се има, секако не велам дека треба да бидат премногу видливи. Постојат три основни причини за појава на проширени пори и тоа:

1. Проширени пори како последица на алтерација на природната бариерата на кожата

Никогаш нема да се уморам од укажување на тоа колку е важно да имаме функционална бариера на кожата. Секоја алтерација (дали е тоа пХ вредноста или пак хидратацијата на кожата) скапо ја плаќаме. Во овој случај потребно е да ја вратиме во нормала функциноналноста на кожата, со помош на производи кои нема да прават агесија на кожата, туку напротив ќе ја помогнат сама на природен начин да се регенерира и обновува. Овде сѐ започнува од правилното средство за миење на кожата. Агресивните средства кои премногу одмиваат прават алтерација на павилната хидратација на кожата, а неправилно формулираните производи за лице (со лоша пХ вредност) прават алтерација на пХ вредноста, Знајте дека кога еден од овие два параметри е алтериран веднаш се појавуваат проблеми и последици врз кожата.  

2. Проширени пори како последица на опуштање на кожата


Со текот на годините се намалува и еластичноста на кожата и нашата кожа ја губи способноста да ги држи на место порите на површината на кожата (кожата опаѓа, нема еластичност и порите изгледаат поголеми). Ова секако е почест случај кај повозрасна кожа, меѓутоа има и голем број на млади девојки кои имаат проблем со опуштена кожа и намалена еластичност.

Доколку е ова случај со вас, верувајте ми нема “фајде“ да се користат производи од типот “no more pores"или "zero pores" итн. нема да ја подобрите состојбата со оглед на тоа што таквите производи најчето се на водена база, и нема да го подобри случајот на недостаток на еластичност на кожата. Потребни се производи кои се пред сѐ одлично формулирани со сотојки кои се компатибилни со нашата кожа. Од огормна помош се и производи на база на омега масни киселини, убаво избалансирани креми за лице со природни масла и путери и секако антиоксиднтни производи на база на витамин Ц како на пример серумите.

3. Проширени пори како последица на полнење на порите со надворешен“материјал“

Во овој случај порите се “наполнети со материјал“ односно состојки кои не би требало да се наоѓаат во самата пора. Овде спаѓаат состојки како навтени деривати, силикони, или пак вишок на кератин (летно време кога кожата природно ситентизира повеќе кератин како прва одбрана од сонцето), или пак вишок на масти како резултат на зголемена активност на лојните жлезди (тука веќе станува збор за масна кожа). 

Кои прво правило во овој случај, исфрлете секаква козметика на база на силикони и навтени деривати кои воопшто не се компатибилни со нашата кожа, имаат филмогено дејство и немаат никаква улога во правилната нега на кожата. 

Во случај кога гледаме дека порите се запушени, прво нешто што ни паѓа на памет е истите да ги “ослободиме“ со помош на пилинг (хемиски или физички) со оглед на тоа што пилингот има кератолитичко дејство и на некој начин го “отстранува материјалот“ кој се насобрал во самата пора. Ова е делумно точно и мора да бидете многу внимателни како, на кој начин и со кои производи ќе го сторите тоа. 

Премногу агресивните пилинзи (најчесто хемиски, ама доста често и механички) ќе ги исчистат порите за тоа нема збор, меѓутоа ќе направат алтерација на заштитната бариеа на кожата. Кажете ми дали се исплаќа да решиме една проблематика, а притоа да си направиме друг проблем на кожата? А верувајте ми доколку ја алтерирате бариерата повторно се навраќате на проширени пори (оние назначени во првиот дел) така да сѐ се врти во круг. 

Јас не сум против правењето пилинг на кожата на лицето, против сум претераното и неправилно екфолирање на кожата со премногу агресивни состојки. Прво нешто кое многумина би ви го препорачале се производи на база на киселини. Ја знаете онаа поговорка “Водата и огнот се одлични слуги, но лоши господари?“ Токму така, епа јас ова би го рекла за киселините. Доколку не заете како да ги користите и еден ден ставате една друг ден друга (производ за кој не ја ни знаете пХ вредноста), наместо да си помогнете и го намалите проблемот, видно ќе ја влошите состојбата на вашата кожа. Јас лично киселините ги употребувам многу ретко и тоа со усул и со резерва (запомнете помалку е повеќе), и што е најважно при употреба на киселините со цел да се среди една пробематика не треба да се креира нова.

Во случај на кожа со проширени пори прво правило е дека нема потреба киселините да се нанесуваат на цело лице. Доволно е да се нанесат на оние места каде има проширени пори полни со „несакани состојки“ и тоа на одреден начин (за кој ќе говорам во продолжение) со цел да се добие подобар ефект со помал напор. Јас лично не сум фан на киселините, ама доколку навистина сакате да користите киселини, во тој случај ви ги препорачувам овие две на True Alchemy односно АХА и лактинска (млечна) киселина. Овие две имаат декларација која е многу подобра од останатите производи кај нас на пазарот.

Од сите оние кои досега ми ги имате покажано кај нас на пазаров, овие и изгледаат најизбалансирани.

На сајтот на производителот пишува дека може да се нанесат и остават и до 30 мин. (во зависност од типот на кожата) па дури и да се остават да делуваат цела ноќ само на одредени делови, меѓутоа јас лично не би ви го препорачала тоа. Драги мои кожата е ваша, така да ве молам размислувајте со своја глава. Серумите имаат убава декларација за тоа не станува збор, меѓутоа ниеден од нив не е хидратантен. Запомнете киселините немаат хидратантно дејство (со исклулчок на хијалуронската) со оглед на тоа што имаат кератолитичко односно ексфолијантно дејство. 

Сега ќе ви објаснам и зошто. Доколку се секавате на моето видео за салицилната киселина, кога станува збор за киселините пресудна улога има пХ вредноста. Иста киселина различно делува доколку се стави на различна пХ вредност. Киселините природно имаат многу ниска (киселикаста) пХ вредност (инаку не би биле киселини). Доколку истите се качат на повисока пХ вредност преминуваат во својата сол (од lactic acid преминува во sodium lactate) и тогаш да, има хидратантно дејство. Затоа при подготовка на еден производ на база на киелини, пХ вредноста е пресудна за функцијата и ефектот кој тој производ ќе ја има врз кожата.

Овие два серуми, иако одлично формулирани, за жал имаат ниска пХ вредност (некаде околу 4) и токму затоа ниеден од нив не може да се смета за хидратантен, ниту пак да се користи премногу често како да е света вода. Во случајот на проширени пори од третиот тип (како резултат на масна кожа или пори кои се полни со нечистотија) можат да помогнат во подготовока на една маска која ќе ја користите само на местата каде имате проширени пори и тоа еднаш неделно или на секои 14 дена (не почесто). Нормализацијата на кожата е долг процес и верувајте ми не постојат скратени патишта ниту пак решение преку ноќ.

За подготовка на оваа маска потребни ви се:

- една кафена лажичка бела глина или глина расул;

- половина кафена лажичка масло по ваш избор (она што го имате дома);

- една капка (со пумпицата) серум АХА киселини или лактинска (не двата заедно секако)

- малку вода (само доколку е потребно)

Помешајте ги сите состојки и смесата нанесете ја само на оние делови каде имате проширени пори. Кога глината ќе почне глината за затега (тоа е обично после третата минута) мијте веднаш. Не оставајте глината да се исуши бидејќи премногу ќе извлече сѐ од кожата (и она што треба и она што не треба) 

Некој можеби ќе ви препорача или советува да ги мешате киселините, да ги користите два до три пати неделно, да ги ставате секоја вечер итн, меѓутоа драги мои на крајот на краштата кожата е ваша, сѐ што ќе направите ќе се одрази врз неа.

Запомнете една многу важна работа: наместо да се стремите кон совршенство и перфекција (кожа без никаква маана) стремете се кон тоа да го задржите здравјето на вашата кожа. Само здравата кожа е убава кожа.

Ве гушкам 

Вики

Comments

  1. Здраво Биодевојка
    Оддамна Ве следам и ги читам Вашите постови, истражувања и знаења од областа на природната козметика и искрено - воодушевена сум од тоа колкаво познавање имате и желбата истото да го споделите со нас.
    Неодамна ја купив и Вашата книга и сега за сега ми е најчитаната и проучувана книга, а Вашиот јутјуб канал најгледаниот. Вие сте светлата точка во ова време-невреме и некако ни поттикнавте некаков креативен дух кој го имаме кај нас, а не сме знаеле дека го имаме.
    Направив неколку од Вашите рецепти-креми за лице, тело, серуми, а успеав и да направам и неколку сапуни, со одредени модификации и додатоци по мое со оглед на неможноста одредени супстанции да ги најдеме тука кај нас и можам да кажам дека сум задоволна сега за сега.
    И јас како вас преминав “директно“ на органска козметика и се извадив од памет кога по некое време, резултатот ми беше сува, дехидрирана кожа, па дури и оние места кои ми беа помасни, станаа исклучително суви и рапави (веројатно има и големо влијание и ладното и суво време, просториите со клима уреди кои се постојано уклучени и не сушат, а и хормоните кај мене). Но, постепено успевам да најдам нешто што ми одговара лично мене и на мојата кожа.
    Имам милион, билион, каталјон прашања кои ми се вртат во глава и кои не ми се јасни, па сакам да ги споделите со нас, но сега за сега ќе ги селектирам в мојата глава, па малку по малку ќе Ве прашувам, ап се надевам дека многу работи ќе ми се разјаснат. Сега за сега сакав само да Ве поздравам и да Ви кажам дека ми е многу мило што постојат вакви луѓе како вас, па затоа, продолжете понатаму. Само напред!

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Татјана, ви благодарам на овие прекрасни зборови. Навистина ми е многу мило што ви се допаѓа мојата работа. Слободно може да ме прашате сѐ што сакате и што ве интересира. Јас сум секогаш воодушевена кога читателите сами почнуваат да креираат природни и домашни производи и да стануваат свесни и внимателни за она што го користат. Уште еднаш огромна благодарност. Убава вечер

      Delete
    2. Благодарам многу и на вас што ни помагате да се освестиме што ставаме на нашата кожа. Во потрага сум по домашно изработена хидратантна крема за мене, но некако се што експериментирав беше помасно, а не похидратантно. Читав дека класичниот колд крем е 60%масло, 20%, воден дел и 20% пчелин восок. Пробав да го зголемам водениот дел но само до 30%, а во маслениот дел да ставам брзовпивачки масла (барем за тие за кои мислам дека се) затоа што прочитав во еден Ваш пост дека не треба водениот дел да се зголеми многу, но повторно немам хидратација туку помасна крема. Прашањето ми е дали можам водениот дел да го зголемам уште повеќе (користам алое вера гел во водениот дел) и дали тоа ќе помогне истата да стане похидратантна или ќе предизвика двоење на маслениот и водениот дел или расипување на кремата? Можеби е глупаво прашањето, ама целосно сум нова во оваа област, но многу љубопитна и решена да не се враќам веќе на комерцијалната козметика. Малку касно, ама надежта последна умира🙂

      Delete
    3. Драга моја воопшто не е глупаво прашањето. За жал не може да се зголеми водената фаза бидејки прво емулзијата ќе е раздвои (пчелиниот воок не е вистински емулгатор ама во тој процент на околу 20% вода упева да ја оддржи емулзијата) а второ кремот ќе се расипе ќе се појави муфла поради фактот што поголем процент на вода бара и конзерванси. Ја поздравувам твојата љубопитност и заинтересираност кон козметиката и само продолжи така. И за на крај секако ти благодарам на убавите зборови. Секое добро. Вики

      Delete
    4. Благодарам многу Вики. Тогаш останувам да експериментирам со 20% вода🙂. Поздрав голем и секогаш со задоволство чекам некој нов пост пд Вас.

      Delete
    5. Благодарам многу. Поздрав.

      Delete

Post a Comment