Хијалуронска киселина за перфектно хидрирана кожа


Здраво драги мои,

хијалуронската киселина, претставува една од најинтересните и интригантните состојки во козметиката. Мислам дека кога се појави направи вистински бум во формулите на козметичките производи и особено е ценета поради дејството кое го има врз самата кожа.

Во модерно време хијалуронската киселина (со различна молекуларна тежина) се користи како во козметиката така и во пластичната хирургија. Меѓутоа со оглед на тоа што ние тука сме сите натурал ќе се задржиме на козметичката употреба.

Хијалуронската киселина е една од најфасцинантните молекули која може кон себе да “врзе“ многу вода. Претставува една од основните состојки во конективното ткиво на нашата кожа и ја помага цврстината, еластичноста и мекоста на самата кожа. За жал со текот на годините нејзиното присуство и ефект се намалува.



Порано хијалуронската киселина можеше да се добие само од животинско потекло. Од пред извесно време има два начини за добивање на хијалуронската киселина: едниот е оној што го напоменав, односно од животинско потекло, додека другата е по пат на биотехнологија односно се добива со модификација на бактерии.

Во козметичките производи хијалуронската киселина може да се најде како hyaluronic acid или sodium hyaluronate, иако пожелно е да правиме разлика помеѓу овие два термина. Првото е хијалуронска киселина која е киселина и има и благо избелувачко дејство врз кожата со оглед на тоа што прави кисела реакција. Второто не е киселина туку нејзина сол (затоа и името содиум) која не предизвикува киселинска реакција, нема избелувачко дејство врз кожата, меѓутоа одлично ја хидрира самата кожа исто како и hyaluronic acid.



Во козметичките производи многу ретко се користи киселината како чиста (скоро и да ја нема) или доколку ја користеле, козметичките куќи мора претходно малку да ја неутрализираат во самата формула на производот за да ја доведат до повисока пх вредност. Доста е скапа како производ така да ретко ќе ја најдете во козметичките производи.

Хијалуронската сол (иако сите ја викаат хијалуронска киселина) е многу повеќе застапена во козметиката и постои со макро или микро димензии, односно висока и ниска молекуларна тежина. 

Она со висока молекуларна тежина во водените раствори дава убава густа гел структура и има неверојатно својство да ја задржува водата со што на кожата и дава одлична хидратација. Обично овој тип на хијалуронска киселина е најчесто употребуван во козметиката. Онаа со ниска молекуларна вредност е за нијанса помалку хидратантна, не дава густа структура и ја хидрира кожата од внатре.

Во оваа статија би сакала да ви предложам два серуми на база на хијалуронска киселина еден со висока а другиот со ниска молекуларна вредност од марката True Alchemy. Ајде да ги разгледаме.

1. Серум за лице со хијалуронска киселина со ниска молекуларна вредност



Ајде да започнам со оној серум со хојалуронска киселина со ниска молекуларна вредност. Многу се ретки овој тип на производи со оглед на тоа што овој тип на киселина е многу поскап од оној со висока молекуларна вредност. Како што најнапред напоменав хијалуронската киселина со ниска молекуларна вредност има за нијанса помалку хидратантно дејство од оној со висока. Ајде да ви го објаснам ова преку декларацијата на овој производ



Со оглед на тоа што хијалуронската киселина со ниска молекуларна вредност не дава гел структура, потребно е истата да се згузне со нешто како во случајов ксантан гума. Формулата е едноставна, вода, глицерин (за поголема хидратација), хијалуронска, конзерванси и згуснувач. За разлика од онаа со висока молекуларна вредност оваа со ниска дава ефект доколку подолго ја користите. Она што сакам да го кажам е дека онаа со висока молекуларна вредност делува однадвор и дејството веднаш се забележува врз кожата, додека оваа со ниска делува од внатре (пенетрира подабоко) и потребно е повеќе време за да се види резултатот врз кожата. Би било подобро доколку во формулата беа застапени и двата вида на киселини, меѓутоа во производов на некој начин тоа е компензирано со глицеринот и згуснувачот.
Еве ја структурата на овој производ



Производов е сертифициран од страна на EcoCert како природен и органски производ. Доколку се одлучите да го земете, бидете трпеливи, резултатите ќе стигнат иако малку подоцна, меѓутоа убава работа е тоа што има 1% хијалуронска киселина во прав (во чиста форма) која е максималната доза при подготовка на производи на база на хијалуронска. Благодарение на глицеринот и згуснувачот формулата е доста хидратантна, и секако станува збор за валиден производ. Ви советувам да го комбинирате со некој убав хидратантен крем за лице наменет за вашиот тип на кожа.




2. Серум за лице со хијалуронска киселина со висока молекуларна вредност



Овој серум ми се допаѓа премногу (многу повеќе од претходниот) и тука производителот употребил хијалуроснка киселина со висока молекуларна вредност. Ја остава кожата мека, хидрирана и прекрасна. Го обожавам. Пред да преминам на рецензијата на овој производ, ајде да разјаснам нешто околу процентот на употреба на хијалуронската киселина.

Јас лично ја правам хијалуронската киселина сама дома и можам да кажам дека за 100 мл. гел од хијалуронска киселина користам 1 гр. хијалуронска киселина во прав и 98,50 грама дестилирана вода и 16 до 18 капки еколошки конзерванс (количините варираат од типот на конзерванс кој се користи).

Со овој процент се добива навистина густ гел. Доколку се обидам да ставам 2% хијалуронска киселина во истиот процент на вода ќе добијам уште погуста структура која ќе биде потешка за да се извади од опаковката на производот. Доколку се направи со 3% или 5% хијалуронска киселина (немам никогаш пробано, меѓутоа имам гледано како се обидуваат) во тој случај се добива кристализирана структура и добар дел од хијалуронската киселина нема ни да се раствори во водата. Значи повеќе од 2% е фактички невозможно да се раствори и добие убава структура.

Во производов нема 3% чиста хијалуронска киселина во прав, туку најверојатно од растворот од 1% производителот ставил се 3% во овој производ. Знаете дека секогаш сум искрена и отворено говорам за производите. Ајде да ја разгледаме декларацијата.



После водата има алое вера сок, кој има преубаво хидратантно дејство врз кожата, потоа глицерин и хијалуронска киселина. Оваа формула премногу ми се допаѓа затоа што е едноставна, а навистина многу хидратантна. Уште кога за првпат ќе ја нанесете на кожата се чувствува разлика.

Има преубава гел структура



Доколку сте во потрага по производ кој ќе ја хидрира, омекне и направи вашата кожа поубава и посвиленкаста, еве ова е вистинскиот производ за вас. Како што реков јас ги пробав и двата, меѓутоа овој ми се допаѓа многу повеќе, иако и другиот секако е многу убав и валиден како производ. Овој веќе по недела дена дава чувство на подобрен квалитет на кожата, иако секако како за сите производи, така и за овие, потребно е редовно користење, упорност и трпение. Меѓутоа првичните резултати ќе бидат повеќе од задоволителни.

Јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист. Овие серуми може да ги нарачате онлајн на bellina.mk.

Ние се читаме многу наскоро.
Ве гушкам
Вики

Comments

  1. Здраво Вики, супер информативна е статијата! Бидејќи сме на иста возраст би те прашала дали вториот серум е погоден за масажа на назолабијални брчки? Фала ти многу! Поздрав, Тања

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга прости ми што доцна добиваш одговор. Секако дека може да се користи. Потребно е секако време и трпение меѓутоа слободно користи го. Поздрав

      Delete

Post a Comment