Комбинирана и чувствителна кожа? Решението е колекцијата алое вера на Organique


Здраво драги мои,

едни од најчесто поставуваните прашања кои ги добивам од страна на читателите се предлог производи за комбинирана, но чувствителна кожа. Комбинираната кожа е една од најкомплицираните типови на кожа кога станува збор за негата. Од една страна има масна Т зона која дава проблеми, свети и прва се масти, меѓутоа од друга страна остатокот од кожата е посув и има потреба од додатна хидратација. Токму затоа од огромна важност се производите кои ги користиме за нега на истата со оглед на тоа што потребно е да ја оддржуваат правилната хидриратација на кожата, да ја нормализираат Т зоната и прекумерното лачење на себум, без притоа да ја сушат кожата. Токму затоа, оваа статија ја посветувам на сите оние читатели со ваков тип на кожа, бидејќи верувајте ми го најдов решението за комбинираната и чувствителна кожа. Ќе ви претставам два производи кои според мене се идеални за овој тип на кожа и кои многу ми се допаѓаат, особено мицеларниот лосион за чистење кој ми стана омилен. Станува збор за линијата со алое вера од марката Organique. Ајде заедно да ги разгледаме.

1. Мицеларен лосион за чистење на лицето


Чистењето на кожата на лицето е најголемиот гест на љубов спрема вашата кожа и е основа на целокупната нега на вашата кожа, затоа што токму од него зависи и функционалноста и ефикасноста на сите останати производи и третмани во секојдневната рутина за убава кожа. Честопати се случува да го занемариме чистењето на лицето или тоа да го направиме набрзина, само со вода или со кој било сапун што ќе ни се најде при рака. Не постои ништо полошо од ова. За да се постигнат оптимални резултати на здрава и убава кожа, таа треба да се чисти двапати дневно, и тоа наутро, веднаш по будењето, и навечер, пред да си легнете да спиете.

Навечер, чистењето на лицето мора да биде темелно и прецизно и, верувајте ми, тука не постојат компромиси. Најнапред отстранете ја шминката и остатоците од дневниот крем, маснотијата и нечистотиите излачени од кожата во текот на денот и, секако, штетните честички од загадениот воздух коишто се залепиле на нашата кожа во текот на целиот ден. Потоа, кожата измијте ја со благо средство за миење (она што го користите за утринската нега) и на крајот поминете со памукче со тоник, кој има за цел да ги отстрани евентуалните остатоци од шминката или од средството за чистење, да го одржува нормалниот тонус на порите и да ја балансира pH-вредноста на самата кожа.

Мој денешен предлог за отстранување на шминката е токму овој мицеларен лосион на Organique. Ајде најнапред да објаснам што всушност претставува еден мицеларен раствор, а потоа и да ја разгледаме декларацијата на истиот.


Под мицеларен раствор за чистење на шминката се подразбира течност која во својот состав содржи:
- вода;
- солвент (растворувач) со цел да се растворат евентуални екстракти или етерични масла;
- сурфактант (кој служи за чистење на нечистотијата или шминката од лицето);
- козметички мирис или етерични масла;
- разни екстракти;
- конзерванс

Значи целта на оваа течност е да ја исчисти кожата на нежен начин, и тоа го прави благодарени на синергијата на солвентот со сурфактантот. Од огромна важност е да солвентот не биде пропилен гликол и сурфактантот да биде екобио односно не некој ПЕГ кој има исто дејство како и сурфактантот. Овој мицеларен раствор иако не е класифициран како органски, направене според формулата на вистински органски производ. Навистина ретко досега сум видела волку добар производ кој не е сертифициран како органски. Ајде да ја разгледаме декларацијата.

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, ALOE BARBADENSIS LEAF JUICE, POLYGLYCERYL-4 LAURATE /SEBACATE, POLYGLYCERYL-6 CAPRYLATE/CAPRATE, GLYCERIN, BENZYL ALCOHOL, CENTELLA ASIATICA EXTRACT, POLYGONUM CUSPIDATUM ROOT EXTRACT, SCUTELLARIA BAICALENSIS EXTRACT, CAMELIA SINENSIS LEAF EXTRACT, GLYCYRRHIZA GLABRA( LICORICE) ROOT EXTRACT, CHAMOMILLA RECUTITA FLOWER EXTRACT, ROSMARINUS OFFICINALIS (ROSEMARY) LEAF EXTRACT, PARFUM, TETRASODIUM GLUTAMATE DIACETATE, SODIUM HYDROXIDE, DEHYDROACETIC ACID.

Значи најнапред имаме вода како база на производот и веднаш потоа сок од алое вера и тоа во доста добар процент. Токму затоа овој производ е нежен, има омекнувачко дејство и не ја суши кожата. Како солвент присутен е Polyglyceryl - 6 Caprylate/Caprate кој е од природно потекло и комплетно биоразградлив и признат од сертификаторот EcoCert. Има емолиентно, односно омекнувачко дејство врз кожата. Мора да напоменам дека има прекрасни екстракти како рузмарин, камилица и зелен чај и одличен систем на конзервирање на производот.

Како што веќе ви напоменав овој производ ми стана омилен до тој степен да сите други органски производи кои ги имав ги подарив за да го користам само овој. Многу нежно ја отстранува шминката од лицето (и сите останати нечистотии кои се насобрале вон текот на денот). Кожата е мека, хидрирана, воопшто не затега и што е најважно чиста.

Многу важно е да напоменам дека мицеларната вода никогаш не се остава на лицето. Во смисла откако сте го исчистиле лицето со овој производ, потребно е истото темелно да се измие со цел да се отстранат сите нечистотии. Не верувајте кога ќе ви кажат дека доволно е само со мицеларна вода да се помине лицето и готово, и дека истиот производ може да се користи и како тоник. Не, едно е мицеларна вода, друго е тоник. Станува збор за комплетно два различни производи кои имаат различно дејство и ефект врз кожата.

2. Крем за нега и хидратација на кожата со алое вера


Овој крем е навистина одличен производ и како што претходно напоменав идеален за сите оние кои имаат комбинирана и чувствителна кожа. Станува збор за еден производ кој најнапред одлично хидрира (што е од особена важност за секој тип на кожа), а потоа и го нормализира лачењето на себумот (мастите) на самата кожа. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на истиот.

Состојки (INCI): AQUA, CAPRYLIC/CAPRIC TRIGLYCERIDE, ALOE BARBADENSIS LEAF JUICE, DECYL COCOATE, MACADAMIA TERNIFOLIA SEED OIL, PRUNUS AMYGDALUS DULCIS (SWEET ALMOND) OIL, BETAINE, GLYCERIN, CETEARYL ALCOHOL, GLYCERYL STEARATE, STEARIC ACID, MIRYSTYL MIRYSTATE, CETEARYL GLUCOSIDE, BENZYL ALCOHOL, PARFUM, TOCOPHEROL, BUTYROSPERMUM PARKII BUTTER EXTRACT, DEHYDROACETIC ACID, HELIANTHUS ANNUUS (SUNFLOWER) SEED OIL, TETRASODIUM GLUTAMATE DIACETATE

Многупати имам напоменато дека обожавам производи со едноставна декларација, малку состојки, убаво одбрани и пред сѐ меѓусебно убаво искомбинирани. Во овој производ по водата може да забележиме каприлик каприк триглицерид кое е многу лесно масло. Потоа има алое вера сок кој омекнува, смирува и помага во задржување на правилната хидратација на кожата и комбинацја од средно тешки и тешки масла како макадамија и масло од сладок бадем. Во производов се гледа и присуство на шеа путер, потоа глицерин кој додатно омекнува и помага во правилното оддржување на хидратацијата на кожата. Како што може да забележите нема премногу екстракти токму затоа што станува збор за производ наменет за чувствителна кожа. Понатаму содржи и витамин Е во чиста форма (токоферол) и одличен систем на конзерванси.

Како структура производов има идеална погуста структура, која меѓутоа лесно се впива и дозволува кожата да дише. Не остава масна трага, не ја масти кожата и што е најважно дава чувство на мека, хидрирана и свиленкаста кожа. Одлично штити и во овој поладен период со оглед на тоа што спречува иритации и црвенила, кои најчесто се јавуваат како резултат на ладното.


Овие два производи може да ги најдете на штандот на Белина во трговските центри Сити Мол и Рамстор, во продавниците на Космо, во новиот БиоШоп на Белина и онлајна на bellina.mk

Драги мои, се надевам дека оваа статија ви се доадна и дека ви беше од корист. Ние се читаме наскоро со нови содржини, а дотогаш ве гушкам и бидете ми добро.
Вики

Comments