Подгответе ја кожата за претстојниот пролетен период: Прв дел - Хидратација


Здраво драги мои,

со постепеното зголемување на денот и со надоаѓањето на потоплите донови, крајот на феврури е идеално време да почнам да говорам за подготовката на нашата кожа за претстојниот потопол период.  Во разни периоди од годината носиме различна гардероба: зимно време носиме џемпери и капути, а летно време фустан и сандали. Токму затоа и негата на кожата треба да биде различна, односно прилагодена на временскиот период во кој се наоѓаме. Не може различно да се облекуваме , да јадеме различна храна, а кожата да ја негуваме на ист начин. Правилната подготовка и нега на кожата е од огромна важност, најнапред за правилната регенерација на кожата, потоа хидратација на истата и заштитата и подготовка на кожата од УВ зраците.

Во текот на зимскиот период најгорниот слој на нашата кожа е ставен на многу тежок тест: сувиот и топол воздух од радијаторите и останатите средства за загревање на просториите, недостатокот на сончева светлина и кратките зимски денови, ветерот, загадениот воздух и ладното време ја прават нашата кожа сива и без сјај. Кожата изгледа безживотно, не е компактна, и во многу случаеви доста сува како резултат на недостатокот на хидратација. Секако, една правилна нега на кожата започнува со неколку правила кои многупати и ги занемаруваме како:

- правилна хидратација на кожата не само од надвор туку и од внатре (комзумирање на многу вода);
- правилно чистење/миење на кожата со соодветни препарати;
- нега на кожата со соодветна козметика (во зависност од типот на кожата);
- отстранување на мртвите клетки од површинскиот слој на кожата;
- нега на кожата со соодветна козметика (во зависност од типот на кожата);
- доколку се шминкате, избор на несиликонска природна база (пудра или ББ крем) за кожата;

Во оваа статија ќе се задржиме на правилната хидратација на кожата, а во наредните ќе го разгледаме секој чекор посебно.

Правилна хидратација на кожата


Водата е еден од најосновните елементи за добросостојба на нашата кожа Благодарение на дејството на повеќе фактори, кожата успева да задржи вода во клетките, со цел да го задржи потребното ниво на хидратација за добра функционалност на самиот овој орган. Одредени фактори како на пример предвеременото стареење (а и стареењето воопшто), околината во која живееме (особено доколку станува збор за сув амбиент, односно сува клима или пак место со преголем степен на загаденост), пушењето и прекумерното и неправилно изложување на сончевите зраци може да доведе до намалување на количината на вода во нашата кожа. Кога станува збор за правилната хидратација на кожата, од огромна важност е да се запрашаме себе си: што прави самата кожа природно за да се хидрира? На кој начин самата го прави тоа?

Кожата се хидрира благодарение на две функции или две способности на самата кожа односно: способноста да ја задржува водата и способноста на размена на водата со надворешните услови (ние во континуитет разменуваме вода со надворешните услови благодарение на испарувањето на самата вода или “дишењето на кожата“ доколку така може да се нарече) со цел да се адаптира нашата телесна температура со сѐ она што се случува надвор.

Способноста на нашата кожа да задржува вода е поврзана со едни мали молекули со ниска молекуларна вредност кои имаат способност да привлекуваат молекули на вода од надворешните услови, и од водата која во текот на денот природно испарува од нашата кожа. Овие молекули се дел од нашиот природен фактор на хидратација на кожата (NMF- Natural Moisturizing Factor), кој е резултат на разложувањето на еден протеин во нашата кожа, поточно протеинот филагрин, кој го оддржува кератинот во кожата. Кога овој протеин полека природно се раствора или разредува (замислете како да се топи во кожата), полека испушта мали молекули кои се дел од она што претставува наш природен фактор на хидратација на самата кожа. Ова разредување на филагринот се случува во услови на мало количество на вода како природен механизам на одбрана на нашата кожа, односно како водата во нашата кожа се намалува, така се активира овој механизам.


Ова беше од огромна важност да ви го објаснам со оглед на тоа што сакам да го поврзам со следново кое ќе го прочитате, односно користењето на силиконски креми, серуми и останати производи на нашата кожа. Кога ние нанесуваме производ на база на силикони, нафтени деривати итн. ние правиме еден филм на кожата кој ја спречува самата кожа да разменува вода со надворешните услови, го спречува активирањето на овој механизам кој ни помага во вонредни услови (каде нивото на водата природно се намалило) и со самото тоа креира околина на премногу вода а знаеме дека таму каде што има вишок на вода и преголемо задржување на вода, се креира еден амбиент каде бактериите имаат поголемо дејство и доведуваат до разни несакани последици како на пример акни и бубуљички на кожата. Со текот на времето, како резултат на силиконските креми, кожата ја губи способноста за активација на овој природен механизам и вие доколку само еден ден не нанесете од кремот ќе почувствувате веднаш ефект на кожа која затега.

Она што треба да го направиме е токму спротивното: да не ја задушуваме кожата со силиконски производи, туку на природен начин да ја потпомогнеме оваа функција на нашата кожа користејќи производи кои ја потпомагаат истата. Правилната хидратација на кожата е една од најтешките задачи за сите козметички компании кои произведуваат козметика за таа намена. Од аспект на формула на еден козметички производ, најтешката задача е да се креира производ кој ќе дава одлична хидратација. Ова може и лично да ви го потврдам со оглед на тоа што практично за себе си изработувам производи за нега на кожата (не говорам на памет туку од лично искуство) и потребни беа навистина доста комбинации додека да дојдам до еден производ со добра хидратантна моќ. Ова е многу убаво објаснето и во книгата Физиопатологија на хидратацијата на кожата, каде е стриктно кажано дека производите кои содржат силикони и нафтени деривати, не само што не придонесуваат за хидратација на кожата, туку истите немаат никаква врска со физиолошката функција на самата кожа со оглед на тоa што станува збор за состојки кои воопшто не се компатибилни со нашата кожа.


Производи кои може да ја потпомогнат правилната хидратација на кожата се: тоници за лице, серуми и креми на природна база, со состојки кои ја потпомагаат физиолошката функција на кожата и не предизвикуваат запушување на кожата ниту пак креираат на филм кој оневозможува самата кожа да дише.


Правилната хидратација е потребна кај сите видови на кожа, не само кај сувата, туку и кај комбинираната и масната кожа. Особено се важни кај комбинираната со оглед на тоа што овој вид на кожа е еден од најтешките типови на кожа кога станува збор за нега на кожата од проста причина што Т зоната е масна, а остатокот од кожата е посув.

Со помош на едноставни секојдневни гестови за нега на кожата, може да ја помогнеме нашата кожа во оваа своја функција. Еве што може да направиме во домашни услови:

1. Најнапред од огромна важност е да напоменам дека кожата не треба да се мие со топла вода, туку со поладна. На тој начин ја активираме микроциркулацијата на самата кожа. Верувајте ми јас дури и зимно време кожата на лицето ја мијам исклучиво со ладна вода.

2. Миењето на кожата треба да се прави со средства кои се исклучително благи за измивање (неагресивни средства за миење) кои нема прекумерно да ја “обезмастат кожата“ и на тој начин да го ослабнат заштитниот филм на истата.

3. Кога по миењето кожата ја бришете со пешкир, потребно е истата да не се трие туку нежно да се “тапка“ со цел да се отстрани вишокот на течност без да се направи агресија врз самата кожа.

4. Бирање на правилни производи врз база на нашиот тип на кожа. Различни типови на кожа имаат различен вид на дехидрираност на кожата и со самото тоа имаат потрба од разни производи за нега на истата.

На пример дехидратацијата на возрасната кожа е предизвикана од процесот на стареење (природен процес кој за жал не може да го спречиме) и најчесто е карактеризирана со изразени бори на лицето и кожа која затега. Во овој случај е од огромна важност да се користат производи кои освен хидратација на кожата ќе и дадат и хранлив ефект (креми и серуми кои во својот состав содржат поголем процент на масла секако одлично искомбинирани со високо хидратантни состојки како на пример хијалуронска киселина или состојки како на пример глицеринот кој има способност да кон себе привлекува вода), како и состојки со анти ејџ ефект кој дополнително ќе ги помогнат претходните два ефекти.

Сувата кожа прва појавува знаци на предвремени брчки и чувство на кожа која затега. Кај овој тип на кожа се забележува недостиг на еластичност пропратена со чувство на непријатност. Овој тип на кожа е многу почувствителен и “поранлив“ од нормалниот тип на кожа и за разлика од дехидрираната кожа, сувата кожа има недостиг и на масти. Во овој случај потребно е да се употребуваат помасни креми кои ќе помогнат да се поврати количината на изгубените масти во самата кожа.

Комбинираната кожа како што веќе напоменав е најкомплицирана за нега. Се карактеризира со масна Т зона и посуви делови. Кремите за нега на овој тип на кожа потребно е да се одлично избалансирани како од аспект на хидратација, така и од аспект на хранливост, и верувајте ми најтешко е да се направи еден ваков крем за лице.

Масната кожа исто како и претходните типови на кожа има потреба од правилна хидратација. Не значи доколку една кожа е масна дека не треба да ја хидрираме. Токму тука може најчесто да паднеме во замка со оглед на тоа што сите мислат дека доколку кожата “ја обезмастиме“ таа конечно ќе престане да лачи вишок на себум (масти) и ќе бидеме многу среќни. Епа драги мои, не функционира баш така. Со користењето на агресивни средства за миење не само што ја сушиме нашата кожа, туку правиме да кутрата лачи уште повеќе масти со цел да се “одбрани“ од нашата агресија. На тој начин резултатот е дехидрирана и уште помасна кожа. Со правилната нега со производи кои најнапред имаат голема хидратантна моќ и одереден процент на масти (кои служат за нормализација на веќе постоечките масти во самата кожа) се добива ефект на кожа која е добро хидрирана и секако не свети.

                            (сликата е превземена од инcтаграм профилот на Gipsyjungle)

Запомнете дека со цел да ја дознаете вистинската состојба на вашата кожа, потребно е истата да ја ослободите од силиконите. Сѐ додека користите креми на силиконска база или полни со нафтени деривати, нема да имате вистинкса слика за состојбата на вашата кожа и нема да знаете која е свсушност вистинската потреба на самата кожа и со кои производи да дејствувате. Во наредните статии ќе ви предложам неколку третмани (креми, серуми и тоници) за сите типови на кожа кои ги сметам валиди и од огромна помош за оддржувањето на правилната хидратација на кожата.

Секако ова е само прв дел од оваа статија и ние уште ќе говориме на тема подготовка на кожата за претстојниот период, со цел да ги пречекаме пролетта, а и летото со кожа во топ форма.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна, а вие како и секогаш оставете сопствен коментар, идеја или забелешка или едноставно прашајте нешто. Сите ваши коментари се добредојдени.

Поздрав
Вики



Comments