5 рецепти за убавина со...кафе


Здраво драги мои,

еве не повторно во рубриката 5 рецепти за убавина со...
Во ова издание ќе ви претставам една од најевтините и најкористените состојки во нашето секојдневие, односно кафето. Може да се најде секаде, во сите супермаркети и има одлично дјејство како врз кожата така и врз косата.

1. Енергетска маска за кожата на лицето


Кафето ја стимулира циркулацијата на кожата, има антиоксидантно дејство и ја прочистува кожата од токсини. Одлично е во случај на уморна и сива кожа, (особено по изминатиов зимски период), но и во случај на климатски промени, загаденост, оксидативен стрес или безживотна кожа кај пушачите.  Според најновите истражувања, кафето го стимулира на некој начин и производството на колаген на кожата и ги подобрува тонусот и еластичноста на самата кожа.

За подготовка на оваа маска за лице потребни ви се:

- две кафени лажички густ талог од кафе;
- една кафена лажичка мед;
- половина кафена лажичка глицерин;
- една кафена лажичка свеж сок од портокал
- малку ванила во прав (на врвот на една кафена лажичка);
- 2 капки етерично масло (лаванда или портокал), само доколку имате, во спротивно изоставете го.

Најнапред подгответе го кафето. Доколку ви е за пиење подгответе две шољи и земете го само талогот, во спротивно подгответе многу јако кафе со две лажици во малку вода кое ќе го користите само за рецептов. Откако кафето ќе се олади земете две кафени лажички талог од дното и додадете го медот, глицеринот, свежиот сок од портокал, ванилата и етеричното масло. јас употребив етерично масло од пачули кое има анти ејџ влијание врз кожата. Како што веќе ви мапоменав доколку немате дома етерично масло, маскава ќе биде одлична и ефикасна и без него.


Откако убаво ќе ги помешате сите состојки земете малку од смесата со прстите и нанесете ја на лицето правејќи краток пилинг со благи движења. Не мијте со вода, туку додадете го и остатокот од смесата (со помош на прстите или една козметичка четкичка) и овојпат нанесете го како маска. Со една смеса направивме и пилинг и маска, со што заштедуваме на време, а и на состојки секако.

Оставете маскава да делува околу 15 мин. и убаво измијте го лицето со млака вода. На крај миењето завршете го со ладна вода, нанесете тоник за лице и вашиот омилен крем. Доколку маскава ви излезе малку потечна ставете една лажичка нишесте за нормална до сува кожа или зелена глина за масна кожа. 


2. Антицелулитен скраб за тело


Кафето е одлично и од огромна помош кога станува збор за здидевниот проблем на сите жени, односно целулитот. Токму затоа овој пилинг кој се прави за само 10 мин. ќе ви даде одлични резултати во ублажувањето на оваа проблематика и пред сѐ во подобрувањето на квалитетот на вашата кожа.

- 5 лажици кафе
- 5 лажици шеќер
- 10 лажици масло
- 13 капки етерично масло
- една чиста и стерилизирана стаклена тегличка

Во тегличката најнапред додавајте ги наизменично кафето со шеќерот. Јас користев кафеав шеќер затоа што таков имав дома и само таков конзумирам, меѓутоа вие може да ставите и бел шеќер без проблем. Може шеќерот да го замените и со сол доколку повеќе го сакате како пилинг. Мене лично повеќе ми се допаѓа шеќер. Убаво измешајте ги овие состојки во тегличката и додадете го маслото кое може да биде едно од следниве: бадемово, кокосово, сончогледово, оризово, јојоба, маслиново итн. Јас лично ставив масло од лешник само затоа што го имав дома а сакав да го завршам, и затоа што маслото од лешник е добро и како антицелулитно масло.
Изборот на етеричните масла нека биде според вашиот сопствен вкус, меѓутоа еве кои масла се одлични за ваков вид на пилинг: сладок портокал, рузмарин, лаванда, лимон, мента, лемонграс и чепрес. Јас лично користев етерични масла од рузмарин и сладок портокал кои одлично одат заедно како мирис и тоа во следнава пропорција: 9 капки етерично масло од портокал и 4 од рузмарин, со оглед на тоа што рузмаринот има многу јак мирис и во овој сооднос повеќе се чувствува портокалот.

Овој пилинг се употребува на следниов начин: на навлажнета кожа се масира со кружни движења и се остава да делува од 5 до 10 мин. Потоа се измива со топла вода и кружни движења, и на крај туширањето се завршува со поладна вода за подобро тонизирање на кожата и за поттикнување на циркулацијата. Мој совет ви е да не претерувате со ексфолиација на кожата и овој третман е доволно да го направите два пати неделно.

3. Домашен крем за нега на кожата околу очите


Повеќето од нас се будат со уморен поглед и честопати страдаат од подочници. Токму затоа би сакала да ви дадам еден рецепт за нега на кожата околу очите кој ја буди кожата и благо ги прикрива подочниците.

2 кафени лажички арганово масло;
1 кафена лажичка кокосово масло
1 ипол кафена лажичка масло од авокадо (маслиново)
1 кафена лажичка какао путер;
1 неполна кафена лажичка рендан пчелин восок; 
2 кафени лажички сварено кафе (само течноста)

Најнапред на пареа стопете ги маслата, пчелиниот восок и какао путерот. Истовремено можете да го подготвите и кафето кое може да биде појако од она кое нормално го правиме за пиење.


Постојано мешајте ги маслата (најдобро со машинка за нескафе) и постепено додавајте го кафето не цело одеднаш туку малку по малку. Продолжете да мешате оставајќи кремот сам природно да се олади.

Не го ставајте во фрижидер за да не ви се раздвојат маслената и водената фаза, туку оставете го природно да се олади.

Потребно е убаво да мешате и да имате навистина доста трпение.

Комбинацијата на масла и путери во овој крем одлично ја негуваат нежната кожа околу очите. Кафето е богато со кафеин и полифеноли кои се моќни антиоксиданси, Го подобрува тонусот на кожата, ја буди кожата наутро и со оглед на тоа што има блага кафена боја, сосем нежно ги прикрива трагите на умор и дава поприродна боја.

4. Маска за коса со кафе


- 2 супени лажици јогурт
- 2 супени лажици сварено кафе
- жолчка од едно јајце
- 1 кафена лажичка јаболков оцет
- 1 кафена лажичка рицинусово масло 

Помешајте ги сите состојки во еден сад и нанесете ја маската на благо навлажнета коса. Оставете да делува најмалку саат време и измијте со шампон. 

Оваа маска не само што одлично ја негува косата, туку доколку имате темна коса (кафена или црна) одлично ја истакнува бојата на косата и ја прави посјајна.

5. Антицелулитна маска во прав


Во продажба постојат навистина голем број на препарати и антицелулитни маски од глина, и се наоѓаат навистина добри и доста функционални производи, меѓутоа дома сами и за маслку пари, може да направиме прекрасни производи со многу сличен ефект на оние в продажба.

- 4 лажици зелена глина (сетете се да користите дрвена или пластична лажица, никако метална);
- 4 лажици кафе;
- 2 лажици морска сол;

Убаво помешајте ги сите состојки во едно чисто кутивче од крема или пак тегличка, и ова ќе биде вашата база за антицелулитниот третман. Секогаш кога ќе посакате земете помала или поголема количина од смесата (зависно од зоната каде сакате да нанесете) и  растворете ја со зелен чај или дестилирана вода (од аптека).

Доколку сакате може да додадете и некоја капка етерично масло, меѓутоа не е обавезно со оглед на тоа што маската функционира одлично и без нив. Етеричните масла само го зголемуваат антицелулитниот ефект на истата.


Маската се користи на чиста кожа, најдобро доколку претходно направите снтицелулитен пилинг како оној кој ви го предложив претходно. нанесете ја маската рамномерно со помош на една четкичка, покријте со проѕирна фолија и оставете да делува од 20 до 30 мин. За тоа време слушајте музика, читајте книга или пак читајте ги статиите на мојот блог :)

Драги мои, се надевам дека овие рецепти ви се допаднаа и дека ќе се обидете да направите некој од нив. Ние се читаме многу наскоро, а дотогаш ве гушкам.
Вики

Comments