Направи сам: новогодишни или божиќни подароци со само три состојки


Здраво драги мои,

празниците се наближуваат и многумина од вас уште од сега размислуваат што да им подарат на најблиските. Знам дека повеќето од вас ќе се одлучат да одберат готови производи, меѓутоа сите љубители на проектите направи сам ќе бидат воодушевени од оваа идеја. Станува збор за домашни производи кои многу лесно може да ги направите со само три состојки. Навистина оригинални и корисни, а убавото е во тоа што може да ги персонализирате според вашиот сопствен вкус или според вкусот на оние на кои сакате да им ги подарите. Ајде да започнеме.

1. Балсам за нега на усните


Сите сакаме убави и негувани усни, а знаеме дека зимскиот период и ладното не се баш најголеми пријатели на нежната кожа на усните. Токму затоа овој балсам претставува прва помош за испукани и суви усни. Како што веќе нагласив во статијата ќе може да го направите со само три состојки и тоа: пчелин восок, рицинусово масло и какао путер.

Во еден сад стопете на пареа 1 ипол кафена лажичка пчелин восок, 2 ипол кафени лажички рицинусово масло и 1 ипол кафена лажичка какао путер. Откако ќе се стопат сите состојки, оставете маслку да се олади смесата (не да се стврдне туку само малку да се подолади) и префрлете ја во пластични кутивчиња. Може да користите и кутивчиња од веќе завршени балсами за уста, за да на некој начин ги рециклирате. Оставете ја смесата да се стврдне и ставете интересни налепници или машнички.



2. Сраб за лице и тело


Ова е еден од најлесните производи за изработка кој е многу корисен и ефикасен. Сите ние (барем повеќето од нас, не баш сите) еднаш неделно правиме скраб на кожата на лицето и телото за да ги отстраниме мртвите клетки од кожата и да ја направме поубава, помека и посјајна. За изработка на овој скраб ќе ви бидат потребни следниве три состојки: шеќер, кафе и масло.

Во еден сад најнапред ставете 5 супени лажици шеќер и 3 супени лажици кафе и убаво промешајте. Додадете онолку масло колку е потребно да се добие убава смеса. Откако сите состојки убаво ќе ги помешате, ставете ја смесата во помали кутичиња (доколку правите скраб за лице) или во поголеми теглички доколку станува збор за скраб за тело. Ставете интерсни налепници или машнички и вашиот подарок е готов.



3. Цврст путер за тело


За овој производ ќе ни бидат потребни 3 кафени лажички пчелин восок, 3 кафени лажички масло (маслиново, бадемово, сончогледово) она кое го имате дома, и 2 ипол кафени лажички шеа путер. Најнапред во еден стаклен сад на пареа стопете го пчелиниот восок и маслото, и откако ќе се стопи додадете го шеа путерот и убаво мешајте додека и путерот да се стопи. Префрлете ја смесата во еден силиконски калап и оставете комплетно да се олади и стврдне.

Откако ќе се стврдне, извадете го путерот од калапот и ставете го во едно пластично или алуминиумско кутивче кое претходно сте го украсиле. Со овој подарок сигурна сум дека ќе израдувате многу девојќи и жени, особено оние идни мамички кои со производов ќе ги мачкаат оние места склони на создавање на стрии.


4. Кремаст путер за тело

За подготовката на овој многу едноставен и доста хранлив путер за тело потребни ќе ви бидат: 5 супени лажици какао путер, 5 супени лажици алое вера гел и  5 супени лажици кокосово масло. Најнапред на пареа омекнете го какао путерот (не го топете комплетно само омекнете го за да биде полесен за работа). Со помош на еден блендер или уште поубаво маталки за торта почнете да го матите заедно со кокосовото масло и алое вера гелот. Откако ќе добиете убава смеса префрлете ја во едно пластично или стаклено кутиче и украсете го како вам најмногу ви се допаѓа.


Ете драги мои, се надевам дека овие предлози ви се допаднаа и дека ќе се обидете да изненадите некоја драга пријателка, масја, сестра или роднина. Вашиот подарок ќе биде премногу ценет затоа што е направен со вашите раце и секако подарен од срце.

Јас ве гушкам и се читаме во некоја следна статија.
Вики


Comments