Заштита и нега на рацете во зима


Здраво драги мои,

за време на зимскиот период кожата на рацете е посува или во полоши случаеви испукана. Ова се должи на температурната разлика надвор (голем студ) со затворените загреани простории каде воздухт најчесто е сув. Кожата на рацете станува понеотпорна, дехидрирана, чувствителна, сува и испукана. Во оваа статија би сакала да ви дадам совети за правилна нега на рацете во зима и секако да ви предложам неколку производи кои лично ги обожавам и кои ги сметам за најдобри кај нас на пазарот.

Миење на рацете со благо средство или сапун



Многу е важно со што ја миеме кожата на рацете и најголема грешка е да се земе било кој сапун или средство, она што прво ќе ни дојде при рака. Средството за миење на рацете е прв предуслов за убава и мазна кожа на рацете. Со оглед на тоа што во текот на денот рацете ги миеме повеќепати, многу е важно да се одбере благо средство за таа намена. Може да одберете и сапун за миење на рацете, особено оние со маслиново масло кои според мене се најнежни со оглед на тоа што немаат големо измивачко дејство. Доколку сакате сами дома да направите прекрасен сапун за миење на рацете со маслиново масло погледнете го ова видео


Редовно користете крем за раце

Во текот на целата година, а особено за време на зимскиот период од особена важност е нанесување на хранлив производ за нега на рацете. Еден убав крем за раце потребно е да храни и да ја оддржува правлната хидратација на кожата. Треба да претставува еден вид на заштита на кожата на рацете. Во продолжение би сакала да ви предложам неколку производи кои мене лично ми се допаднаа и кои ги сметам за најдобри кај нас.

1. Крем за раце La Ligne



Никогаш немаше ни да дознаам за овој крем за раце да не беше една моја читателка која ми го посочи. Кремов е високо хидратантен и одлично ја негува кожата на рацете. Дава чувство на еден вид на заштита на кожата на рацете. Не е тежок во смисла лесно се впива, мешутоа чувствувате дека нешто сте нанеле, бидејќи кожата на рацете ја чувствувате многу мека и свиленкаста. Не е органски производ, меѓутоа содржи многу убави состојки како глицерин, 5% уреа, шеа путер, масла, витамин Е. Уреата е една од најдобрите состојки кога станува збор за сува кожа и испукана кожа со оглед на тоа што има способност да ја "поправи“ структурата на кожата. Според мене овој крем е одличен за зимскиот период и може да го најдете во КАМ Маркет.

2. Крем за раце Aloedermal


Јас ја дефинирам оваа крема како мелем за нежни и негувани раце, затоа што содржи состојки кои дефинитивно се од основна важност за заштита на кожата на рацете од надворешните влијанија. Оваа крема има огромно хранливо дејство врз кожата и одлично ја оддржува нејзината еластичност со оглед на тоа што содржи масла со високо хранливо својство како бадемово, масло од авокадо и масло од борагина. Благодарение на алое вера гелот и екстрактот од камилица, освен хранливо оваа крема има и убаво хидратантно и навлажнувачко дејство врз самата кожа. Една од работите која премногу ми се допаѓа е присуството на фитостероли во самата крема кои се од огромна важност кога се формулира производ кој за задача има и да ги спречи црвенилата на кожата. Оваа крема исто така содржи и висок процент на шеа путер кој има омекнувачки својства врз самата кожа. Може да го најдете во аптеките како на пример Зегин.

Крем за раце Алверде со калинка


Станува збор за многу хранлив крем за раце кој во сојот состав содржи шеа путер, глицерин, сончогледово масло и масло од калинка. Овој крем е толку хранлив што кога ќе го намачкате потребно се неколку минути за да се впие во кожата. Токму затоа ви го препорачувам како крем за навечер. Верувајте ми наутро ќе се разбудите со прекрасна кожа на рацете. 

Носете ракавици 

За време на целата зима носете ракавици. Ова ви е најпријателски совет кој може да ви го дадам. Можеби ќе ви звучи смешно овој совет, меѓутоа ракавиците прават голема разлика и се од особена важност за заштита на кожата на рацете од студот. А како што се вели подобро е да се спречи отколку да се лечи.

Маска за раце

Вашиот хранлив крем може многу лесно да го претворите и во маска за нега на кожата на рацете. Се што треба да направите е да помешате мала количина од кремот со мала количина на кокосово масло и да го нанесете на кожата на рацете навечер пред легнување. Одозгора нанесете памучни ракавици и слободно заспијте. Наутро ќе се разбудите со прекрасна мека кожа на рацете.

Драги мои, се надевам дека оваа статија ви беше од корист и дека нема да заборавите правилно да ја негувате кожата на рацете. Во мојата книга “Природно убави со Биодевојка“ ќе најдете цел еден дел посветен на нега на рацете.


Книгата “Природно убави со Биодевојка“ може да ја најдете во сите подобро снабдени книжари низ републиката и онлајн на literatura.mk


Comments