Направи сам: домашна свеќа за масажа како подарок за Нова Година или Божиќ


Здраво драги мои,

во оваа статија би сакала да ви предложам еден навстина оригинален и многу корисен производ, односно свеќа за масажа, која може да ја направите за себе си или пак да ја подарите. Во продажба може да се најдат производи од овој вид, меѓутоа задоволството е поголемо кога производот ќе си го направиме сами со квалитетни состојки.

Оваа свеќа за масажа има фантастично влијание врз кожата: ја остава свиленкасто мека, длабински ја храни и идеална е за овој поладен период. Етеричното масло ги буди сетилата и дава чувство на вистински спа третман за релаксација.

Навистина е едноставно да ја направите, потребни ќе ви бидат малку состојки, а може да биде и идеален подарок за Нова Година или Божиќ.



Потребни состојки:

40 гр. пчелин восок;
35 гр. кокосово масло;
25 гр. шеа путер;
15 гр. бадемово масло (доколку немате бадемово може и сончогледово или маслиново масло)
25 капки етерично масло по ваш избор
памучен подебел конец (како оној за плетење меѓутоа 100% памук)

Јас лично за изработка на овие свеќи користев восок од соја со оглед на тоа што има пониска температура на топење,меѓутоа може да се користи и пчелиниот восок доколку правилно го искомбинираме со останатите состојки и на тој начин го доведеме до пониска температира на топење.  Восокот од соја се топи на температура од 52°C до 55°C, додека пчелиниот восок на температура од  70°C до 72°C. Меѓутоа доколку правилно се искомбинира со маслата и путерите и процентот на секој од нив, пчелиниот восок во финалниот производ може да се доведе до пониска температура на топење која нема да ве изгори кога ќе сакате да го намачкате маслото кое се формирало од горењето на свеќата.



Најнапред земете го памучниот конец и исечете нешто поголем дел од она што ќе ви биде потребно за свеќата.


Кај мене на сликата може да забележите и мали прстенчиња кои се всушност и држачот на конецот на свеќата. Овие за жал не може да ги најдете во Мк, меѓутоа на пазарче (на тезгуте каде продаваат најразлични машински делови) или во продавниците за делови може да најдете слични кои слободно може да ги употребите.

Растопете ги восокот и кокосовото масло на пареа и намакајте го конецот во растопената смеса. Извадете го и ставете го веднаш исшравено на една ауминиумска фолија или сад за да се зацврсне. Може да го ставите и во фрижидер околу 30 мин.



Во еден стаклен сад кој е издржлив на топлина (може и огноотпорен сад или тегла) ставете ги најнапред пчелиниот восок, кокосовото масло и маслото кое сте го одбрале и стопете ги на пареа. Откако сѐ ќе се стопи исклучете ја ринглата и додадете го шеа путерот кој веднаш ќе се стопи под дејство на топлината.


Оставете малку да се олади секако без да се зацврсне. Ова може да го направите со постојано мешање и кога ќе видите дека смесата станува “матна“, додадете го етеричното масло по ваш избор.


Земете ја тегличката или садот каде сакате да ја прелиете течноста. Јас лично како сад за свеќа одбрав мали чашки како оние за ракија кои претходно ги разубавив со помош на оризова хартија со техниката декупаж.




Извадете го памучниот конец од фрижидер и позиционирајте го во средина на теглата. Помогнете си со една штипка за да седи право без да се мрда. Полека префрлете ја смесата (сеуште течна) во садот каде што сакате да ви биде свеќата.

Оставете комплетно да се стврдне и тоа е тоа...вашата свеќа е готова.


 На крај ви останува само да ја спакувате во убаво кутивче и да изненадите некого со оригинален домашен и природен производ.

Се користи на тој начин што се пали свеќата и се остава да гори околу 10 мин. (за тоа време може да се стуширате или да си направите купка. По истекот на времето изгаснете ја свеќата, земете мала количина од маслото кое се формирало и намачкајте го врз благо навлажнета кожа.


Уште по првата употреба ќе почувствувате разлика, вашата кожа ќе биде мека и свиленкаста.

Дали некогаш сте се обиделе да направите ваков сличен производ? Вашите коментари се добредојдени под статијата.
Ние се читаме наскоро, а дотогаш ве гушкам.
Вики

Comments

  1. Од каде можам да го купам восокот?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво пчелин восок може да најдете кај производителите на мед. За жал восок од соја нема кај нас. Треба да го нарачате од соседните земји или подалеку. Поздрав.

      Delete

Post a Comment