pH вредност на нашата кожa: зошто е многу важно козметиката да биде во склад со нашата природна pH вредност?


Здраво драги мои,

малку ме немаше, меѓутоа еве ме повторно со една интересна статија за pH вредноста на нашата кожа, и тоа не само онаа на лицето, туку и телото, рацете, темето на главата и.т.н. Многупати имам напоменато дека е од особена важност да се користат производи со правилна pH вредност кои не само што ќе бидат во склад со pH вредноста на оној дел од телото коаде го користиме производот, туку и според самата формула ќе бидат нежни и нема дополнително да ја иритираат, оштетат или предизвикаат сушење на кожата.

Ајде најнапред да го разјасниме терминот pH вредност (и сѐ она што е поврзано со него) и да видиме кој дел од телото колкава пх вредност има.

pH всушност претставува еден вид на карактеристика на сите видови на течност присутни во природата, вклучувајќи ги и оние во човековиот организам. Оваа кратенка всушност значи потенцијал на водород (potential of hydrogen) и одредува колку јони на водород се присутни во одредена течност, односно колку самата течност е кисела, неутрална или алкална (базна). 
На пример оцетот има pH вредност 4, водата има неутрална pH вредност, односно 7, сода бикарбона 8, додека живата сода со чија помош се прават сапуни има pH вредност 13.

Исто е и со козметиката. Сите оние козметички производи во кои е застапена и водата (со исклучок на колд кремот каде процентот на вода е многу низок) имаат одредена pH вредност која може да биде во склад со нашата кожа и да ја потпомага во природниот процес на регенерација, или пак сосема различна и во тој случај може да направи повеќе штета отколку корист. 

Скалата на pH вредости изгледа вака:

7 се смета за неутрално: сѐ што е под 7 има кисела pH вредност, додека над 7 се смета за алкална (или базна) pH вредност.



Која е pH вредноста на нашата кожа и од што зависи таа вредност? 

pH вредноста на нашата кожа претежно се должи на заштитниот хидролипиден слој на кожата. Во многу статии го имам разјаснето терминот хидролипиден, меѓутоа еве пак ќе повторам: станува збор за заштитен филм претежно оформен од хидро дел (или воден дел) и липиди (или масти), кои помешани заедно претставуваат еден вид на заштита на самата кожа од надворешните влијанија и агресии. Липидниот дел е претежно себум кој е производ на лојните жлезди, додека водениот дел е всушност потта која е производ на потните жлезди во организмот. Кожата им pH вредност помеѓу 4.2 и 5.6 (во зависност од тоа колку себум лачат самите жлезди), иако во здрави услови како идеална вредност се зема 5.5. Како што може да забележите во однос на она 7 кое се зема како неутро, нашата кожа има благо киселкаста вредност која е од особено значење затоа што ја оддржува правилната хидратација на кожата како и нејзината еластичност. Токму затоа козметиката пожелно е да ја има оваа pH вредност, иако во одредени случаеви и при одредени проблематики или пак кај производи со избелувачко дејство (во случај на флеки) или при хемиски пилинг pH вредноста може да биде и пониска.

Што се случува доколку еден крем има повисока pH вредност од 7?

При правењето на креми откако ќе се спојат двете фази (водената и маслената) и се добива емулзијата, се додава фаза Ц односно фазата на ладно која содржи состојки кои се термолабилни (не се издржливи на високи температури) и конзерванс. Откако ќе се додаде конзервансот се прави прво мерење на pH вредноста, кое може уште од прва да биде перфектно (односно 5.5 или пониско во зависност од ефектот кој сакате да го добиете) или ќе биде потребно да се делува со одредени состојки како киселини (млечна или лимонска) за да се спушти pH вредноста доколку е повисока, или пак алкална солуција како на пример 20% раствор од жива сода, доколку pH вредноста е премногу ниска.


И во двата случаеви нема потреба од страв, овие две состојки во финалниот производ (крем или друг вид на производ) се претвораат во сол и вода. Кај некои производи доволно е една капка за да се промени веднаш pH вредноста, одека кај други повеќе или пак кај трети резултира скоро и невозможно да се промени вредноста. Ова се должи најнапред на самите состојки употребени во производот, затоа што некои состојки се во можност да створат еден вид на систем кој се “буни“ или “дава отпор“ и не дозволува или едвај дозволува промена на pH вредноста. Еден таков систем е емулзијата (поврзување на водената и маслената фаза во еден производ) добиена со помош на две состојки: stearic acid и triethanolamine. Овие две состојки даваат емулзија слична на сапунот со многу висока pH вредност која потоа во никој случај не може да се спушти. Затоа доколку видите крем за лице кој во својот состав ги содржи овие две состојки, знајте дека доколку го користите подолго време, може да доведете до алтерација на природната pH вредност на вашата кожа и да си направите проблем.

 Како што може да забележите овде се осврнав на кремот како производ за лице...зошто??? Затоа што е производ кој останува на лицето да делува откако ќе го намачкаме. Доколку станува збор за производ кој е на измивање (на пример сапун) иако има базна или алкална pH вредност, не е многу страшно со оглед на тоа што кожата во нормални услови, по кратко време има способност да ја поврати својата природна pH вредност.


Што е со кожата на телото и другите делови од телото?

Со оглед на тоа што на целото тело (односно на разни делови од телото) имаме различен процент на себум и пот, се јавува и различна pH вредност, односно не насекаде имаме иста вредост. Во продолжение ви давам една табела каде може да видите која е приближно pH вредноста на разни делови на телото во нормални услови.

Во продолжение ќе проговорам за овие делови и ќе ви кажам која pH вредност е најдобро да ја користите.


Дел од телото

pH  Вредност

Теме на главата

4.0

Дланки

4.9

Пазуви

6.5

Дел помеѓу ножните прсти

7.0

Очи

7.0

Интимна зона

4.5



Темето на главата како што видовте има киселкаста pH вредност, и токму затоа шампоните за нега на косата потребно е да имаат pH вредност помеѓу 4.5 и 5.0. Доколку ја миете косата со сапун (нешто што јас лично не препорачувам) во тој случај обавезно по миењето користете раствор од вода и оцет (500 мл. вода со една до две супени лажици оцет) за да ја повратите киселкастата pH вредност на темето.

Дланките се оној дел од телото кој не содржи лојни жлезди (содржи само потни) и има потреба од специфична нега и похранливи креми. Со оглед на тоа што дланките ги миеме понекогаш и 100 пати дневно (фигуративно кажано секако), потребно е да користиме благ производ, на база на нежни и убаво избалансирани сурфактанти кои нема да предизвикаат сушење на кожата. Обавезно неколкупати дневно (или по потреба) користете убав заштитен и хранлив крем за раце без силикони и нафтени деривати.

Пазувите, се оној дел кој е најподложен на потење со оглед на тоа што тука се преплетуваат многу жлезди во самиот организам. Природно имаат pH вредност 6.5, меѓутоа, токму за да се намали и спречи развоот на бактерии кои се одговорни за лошиот мирис, деодорансите обично имаат pH вредност помеѓу 4.0 и 5.5. Исклучок се деодорансите на база на сода бикарбона. Природно содата има pH вредност 8 кое е нешто над 7 (нема многу базна pH вредност). Така да и производите кои ја содржат ќе имаат pH вредност нешто над неутро.


Очите имаат pH вредност неутро, односно 7. Токму затоа производите за нега на кожата околу очите (креми, или разни производи за отстранување на шминка како млека, мицеларни води) пожелно е да имаат pH вредност 6 или 7.

Интимната зона во здрави услови (во плодните години) има потреба од производи со pH вредност 4.5. Исклучок се некои бактериски промени или за време на циклус, каде може да се користат и производи 3.5 (по препорака на стручно чице, гинеколог), во менопауза, каде се користи 7 (неутро) и кај девојчињата пред пубертет.

Што се однесува до дечињата и бебињата, производите за нега и миење потребно е да имаат pH вредност 7, не само поради фактот што тие сеуште немаат себум на кожата, туку и поради фактот што доколку производот дојде во контакт со очите (знаеме сите колку децата мижат додека ги бањаме или шампонираме) не предизвикаат печење, а со самото тоа и плачки по дома.

Ајде уште еднаш да повториме која pH вредност е идеална за кој производ:

Шампон за коса pH од 4.5 до 5.0
Крем за лице pH од 4.5 до 5.5
Тоник за лице pH од 4.5 до 5.0
Производи за отстранување на шминка од очите pH од 6.0 до 7.0
Крем за околу очи pH од 6.0 до 7.0
Гел за миење на тело pH од 5.0 до 6.0
Интимен гел pH 4.5 до 7.0 (во зависност од годините и при бактериски промени)
Деодоранс pH од 4.5 до 5.0 (во случај на сода бикарбона околу 7.5 или 8.0)

Освен вистинската pH вредност, потребно е производот да има блага формула, да биде што поприроден без силикони, нафтени деривати, ПЕГ, ППГ, парабени и тешки конзерванси и што е најважно со правилно избалансирани формули (за ова е потребно да се чита внимателно декларацијата).

Ете драги мои, се надевам дека оваа статија ви се допадна, а вие следен пат кога ќе одите во потрага по идеален производ за одреден дел од телото, запомнете дел од овие работи кои ги напоменав овде и нема да имате проблем.

Голем пздрав и до следно читање.
Ве гушкам
Вики


Comments