3 фантастични домашно подготвени маски за секој тип на кожа


Здраво драги мои,

сите ние барем еднаш неделно правиме маска за лице со состојки специјално наменети за нашиот тип на кожа. На овој начин го подобруваме изгледот и еластичноста на нашата кожа, делуваме при одредена проблематика на кожата и секако овој вид на третман претставува и момент на релакс и добросостојба.

Интересно нешто во оваа статија е тоа што маските нема да бидат обични, во смисла направени и нанесени на лицето, туку ќе ги направиме со помош на памучен материјал или газа во форма на нашето лице и на тој начин ќе ги нанесеме врз кожата.

Овој вид на маски за лице се доста популарни во Италија, и верувајте ми овде девојките понекогаш трошат премногу пари за нив (во зависност од видот и марката секако). Предноста на овој вид на маски е што се едноставни за апликација, имаат побрзо дејство, одлично ја хидрираат кожата и претставуваат поедноставна варијанта на обичните маски. Сѐ што е потребно да направите е да го нанесете парчето материјал претходно “потопено со маската“ врз лицето, да почекате околу 10 мин. и да го отстраните материјалот од кожата.

Морам да признаам дека и јас не одолеав на овој тип на маски, меѓутоа не на купечките, туку не одолеав сама да ги направам дома. Токму затоа во оваа статија ќе ги споделам со вас моите три рецепти на маски за:

нормална до сува кожа,
комбинирана до масна кожа и
анти ејџ маска за лице

Меѓутоа пред да преминеме на маските, односно на состојките во кои ќе го потопиме материјалот, најнапред да ја направиме самата база, односно материјал во форма на нашето лице.


За оваа цел ќе ни биде потребен материјал кој е чист памук (100% памук) и не е хемиски третиран или избелуван, или пак стерилна газа од аптека. Може да рециклирате и стара бела постелнина која претходно ќе ја извриете во вода и оставите природно да се исуши.

Според големината и обликот на вашето лице, најнапред исечете го памукот и направете две дуки за очите и една за устата. Дупките кај очите направете ги поголеми за да маската не го опфати делот околу очите (кој нема потреба од оваа маска). Доколку сакате, може да направите и мал отвор кај носот (кај ноздрите долу) за да може да дишете. Пробајте го материјалот дали одговара на вашето лице. Може да направите повеќе вакви парчиња одеднаш и да ги складирате во чиста ќеса за понатамошна употреба, иако може и да го миете она што веќе сте го направиле после сокоја употреба и да го провриете во вода пред следната употреба.

Откако базата е готова, да преминеме на маските или поточно кажано на состојките кои ќе ги користиме за овој тип на маска. Само да напоменам дека маските се нанесуваат на претходно исчистено лице и отстранета шминка.

Маска за нормална до сува кожа

2 супени лажици ружина вода
1 кафена лажичка нишесте
1 кафена лажичка масло од арган

Во еден сад ставете ги сите состојки и убаво промешајте. Земете го парчето материјал кое претходно сте го припремиле и убаво натопете го во течноста. Ставете го на кожата и легнете со маската околу 10 мин. Исклучете ги вашите мобилни телефони и пуштете си убава музика за релаксација. По истекот на времето измијте ја кожата со млака вода и нанесет го вашиот крем за лице.

Маска за комбинирана до масна кожа

2 супени лажици чај од нане
1 лажица јогурт
2 капки сок од свеж лимон

Во еден сад помешајте ги убаво сите состојки и намокрете го парчето материјал кое претходно веќе сте го подготвиле. Нанесете го на лицето и оставете да делува околу 10 мин. По истекот на времето исплакнете го лицето со млака вода, исчистете го со тоник и нанесете го вашиот крем.


Анти ејџ маска за лице

серум за лице со анти ејџ ефект
зелен чај

Најнапред подгответе го зелениот чај и оставете малку да се олади. На убаво исчистено лице нанесете обилно од вашиот омилен серум кој има анти ејџ ефект (секако природен без силикони и нафтени деривати). На пример погоден за оваа намена е серум од слуз од полжав, серум со хијалуронска киселина или друг вид на серум кој имате дома. Намокрете го парчето материјал со зелен чај и ставете го врз серумот. Оставете да делува околу 10 мин. По истекот на времето измијте со млака вода, исчитете го лицето со тоник и нанесете го вашиот омилен крем.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да направите некоја од овие многу едноставни три маски.

Ни е се читаме наскоро, а дотогаш голем бакнеж од мене.
Вики

Comments