Здрави и убави со маслото од семки од грозје


Освен плодот и сокот од грозјето, за целокупната состојба на нашиот организам а и здравје на кожата и косата, од огромна важност е и маслото од семки од грозје.

Помалку познато од останатите растителни масла, ова масло е богато со полифеноли и линолеинска киселина кои претставуваат извор на здравје и добросостојба, со оглед на тоа што имаат огромно антиоксидантно дејство и го забавуваат процесот на стареење не само кога станува збор за кожата, туку и за целокупниот организам.

Маслото од семки од грозје ја подобрува функцијата на кардиоваскуларниот систем и го намалува нивото на лошиот холестерол. Важно е да се напомене дека треба умерено да се користи во исхраната и дека не треба да претставува замена на маслиновото масло, туку негово надополнување.

Важно: кога ќе го купите маслото, добро прочитајте дали е наменето за конзумирање или само за козметички цели.

Како што кажува и самото име ова масло се добива од семките на грозјето. Секое зрно грозје содржи од една до четири семки внатре.


Во оваа статија ќе се задржиме на козметичките употреби на маслото од семки од грозје.

Масло од семки од грозје за кожа

Ова масло има антиоксиданто, омекнувачко и себо-регулирачко дејство врз кожата. Токму поради неговата лесна структура кожата веднаш го апсорбира и претставува едно од ретките масла кое одговара и за комбинирана до масна кожа. Ова дејство е зголемено доколку се користи во комбинација со некое етерично масло погодно за масна кожа со црнки и акни, на пример чајно дрво или рузмарин.

Исто така, ова масло е погодно и за сува кожа со оглед на тоа што ја храни и омекнува.

Благодарение на антиоксидантното дејство, ова масло го спречува дејството на слободните радикали и го забавува стареењето на кожата.

Маслото од семки од грозје одлично ја омекнува кожата и дава прекрасен сјај. Има благо избелувачко дејство и одлично е во третманите за темни дамки на кожата.

 Ова масло е погодно и како база за масажа, само или во комбинација со етерични масла. Ја подобрува циркулацијата и е одлично во антицелулитните третмани.

Со оглед на тоа што ја оддржува и еластичноста на кожата, маслото од семки од грозје е фантастино како превенција на кожата од стрии.


Домашни рецепти за кожа со масло од семки од грозје.

Во продолжение би сакала да ви дадам неколку интересни рецепти или начини како да го користите ова масло во козметички цели за нега на кожата.

Пилинг за лице 

Помешајте малку шеќер (или кокосово бражно доколку имате чувствителна кожа)  со малку масло од семки од грозје, и направете благ пилинг на лицето. Убаво иззмијте со млака вода и миењето звршете го со ладна за да ја подобрите циркулацијата.

Маска за лице за сува кожа

Оваа маска е идеална доколку имате сува кожа која затега и пецка, со оглед на тоа што ја омекнува и ја прави поеластична.

Земете две- три зрна грозје и убаво изгмечете ги се додека добиете убава густа смеса. Додадете малку масло од семки од грозје и малку мед и нанесете ја смесата на лицето.
Оставете да отстои 10 минути и измијте со млака вода. Миењето завршете го со ладна вода за да ја подобрите циркулацијата.

Маска за лице за комбинирана до масна кожа

Земете пет до шест зрна грозје и убаво изгмечете ги. Земете го само сокот и додадете малку масло до семки од грозје и малку зелена глина, сѐ додека не добиете убава смеса која не е ни многу течна ни многу густа.

Нанесете ја на исчистено лице околу 10 мин. и измијте со млака па со ладна вода. Доколку кожата ви е комбинирана, нанесете ја оваа маска само на Т зоната каде кожата се масти.

Анти ејџ серум за возрасна кожа

Помешајте две лажици масло од семки од грозје со една лажица масло од пченични никулци. Доколку имате додадете 4 капки етерично масло од лаванда. Префрлете ја смесата во едно празно шишенце и користете го серумот навечер на убаво исчистено лице.

Масло од семки од грозје за коса


Ова масло е одлично и за нега на косата, со оглед на тоа што длабински ја храни и го зголемува сјајот на влакното. Исто така ја штити косата од стрес при нагли промени на температура како ладно во зима и топло во лето.

За најдобро да се искористат позитивните влијанија на ова масло врз косата, потребно е барем еднаш во 10 дена да правите маслен третман со масло од семки од грозје.

Најнапред, благо навлажнете ја косата и нанесете од маслото. Завиткајте ја со кеса и врз неа ставете пешкир. Кратко загрејте со фен (околу 2-3 минути) и оставете да делува околу час време.

По истекот на времето, измијте ја косата како што обично правите.

Уште по првиот третман ќе забележите дека вашата коса е помека, посјајна и поубава.

Во случај на масен корен земете една лажица масло од семки од грозје и две капки етерично масло од жалфија. Со оваа смеса направете блага масажа на коренот на косата (без многу притискање или нагли движења), оставете да делува 10 мин. и измијте ја косата со убав благ шампон.

Дали досега го имате пробано ова масло и за што најчесто го користите?

Поздрав
Вики

Comments

  1. Неодамна го купив за првпат ова масло и баш ме израдува твојава статија за неговата корисност и позитивни ефекти.Досега сум го употребила само еднаш,како маслен третман на косата пред миење и многу сум задоволна.Но,сега планирам да почнам да го користам и за нега на кожата.
    Многу ми се допаѓа блогот,сегогаш има што да се прочита.Само продолжи така! поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Ти благодарам драга Рената за коментарот и убавите зборови. Многу ми е мило што го имаш маслово, ете телепатија како да сум знаела за да напишам статија. Пробај го и за нега на кожата па пиши импресии. Поздрав

      Delete
  2. каде може да се купи и колку чини?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Весна, го има во скоро сите сипермаркети и цената е околу 340 ден. за половина литар. Она во супермаркетите не е органско ама може да го користиш како за конзумирање, така и за кожа и коса. Има едно во биокосмос кое е органско меѓутоа баш затоа што е органско е доста поскапо затоа што чини околу 263 за 50 мл. масло. Поздрав

      Delete

Post a Comment