4 нови убави нискобуџетни производи (под 500 денари)


Здраво драги мои,

еве го овомесечното издание на можеби и најомилената статија на голем број читатели и читателки, во која говорам за убави нискобуџетни производи кои сама ги купувам и пробувам на себе.

Овојпат ќе ви предложам само 4 производи кои мене лично навистина многу ми се допаднаа и чија цена е до 200 денари.

Знам дека сте нетрпеливи затоа веднаш ќе започнам со претставувањето на производите.

1. Двофазен отстранувач на шминка од Alverde


Овој отстранувач за шминка го открив пред недела дена и од љубопитност сакав да го пробам, меѓутоа верувајте ми за само недела дена се заљубив во него.

Најнапред нешто што ме воодушеви е прекрасниот мирис на овој производ кој воопшто не пречи кога ја отстранувам шминката од очите (некои мириси понекогаш ми прават реакција, меѓутоа овој не).

Составот ми се допадна особено поради тоа што содржи Q10 и екстракт од гоџи бобинки кои се моќни антиоксиданси и штитат не само од слободните радикали туку и од загадениот воздух, ветерот, ладното и.т.н. .

Одлично ја отстранува шминката, без многу напор и наменет е за кожа по 30-та година.

Од мене има чиста 10-ка.

Цената на овој производе 199 денари и ќе го најдете во ДМ.

2. Паста за заби на Logona


Оваа паста случајно ја видов во Сити Мол и се одлучив да ја пробам. Навистина многу ми се допадна како производ. Доста е свежа, има прекрасен состав и што е најважно за мене не соджи флуор.

Погодна е за секојдневна хигиена на забите, не е премногу јака како вкус и има убава структура без гранули.

Цената е 195 денари и ја има во сите аптеки.

3. Пантенол спреј на Dr. Plant


Пантенолот како состојка е одлична за кожата и косата, особено за сува и оштетена коса и сува и иритирана кожа.

Чист пантенол сеуште немам најдено кај нас, меѓутоа за среќа постојат повеќе марки на пантенол раствор во спреј, кој може директно да се испрска на кожата или косата.

Имам разгледано повеќе различни марки, меѓутоа неколку од нив содржат силикони или други состојки кои не ми седопаѓаат мене лично.

Овој пантенол раствор 5% на Dr. Plant како состав ми беше најдобар и најприфатлив па затоа се решив и да ви го претставам.

Го користам така чист, го испрскувам на лицето и косата, или пак во комбинација со етерични масла за подобар ефект (во зависност од тоа каде сакам да го нанесам).

Цената на овој спреј е 176 денари и може да го најдете во сите аптеки.

4. Шампон за волумен наYves Rocher


Овој шампон го открив случајно и откако го разгледав составот решив да го пробам. Останатите шампони од оваа марка ги немам разгледано, така да гарантирам само за овој.

Како состав е одлично избалансиран, без разлика на тоа што како примарен сурфактант има Ammonium Lauryl Sulfate каде агресивноста е намалена со бетаин како и со Coco Glucoside и Glyceryl Oleate.

Одлично мие, меѓутоа јас лично го препорачувам за тенка коса која на коренот побрзо се масти.

Со овој шампон косата ми е чиста и до 4 дена.

Не го препорачувам доколку имате многу чувствително или суво теме склоно на првут, со оглед на тоа што има поголема измивачка моќ.

Цената на овој шампон е 199 денари и ќе го најдете во продавниците на Yves Rocher.

Се надевам дека и овие предлози ви се допаднаа и дека ќе ви бидат од корист.

Вие како и секогаш доколку имате пробано некој од овие производи или доколку сметате дека сакате да пробате, оставете ваш коментар под самиот текст.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Пастата за заби ја побарав во скоро сите аптеки во Аеродром, на потегот од слаткарницата Палма па се до Ново Лисиче. И не ја најдов никаде. Се надевав на аптеката во Капитол, ама беше затворена заради реновирање.
    Ако некој некаде ја најде, може ли да пише?
    Инаку Вики, овие статии се одлични. И заради пристапните цени на производите, но и заради тоа што нудиш и други козметички линии, кои не се природни. Јас, најмногу производи купувам на Алверде, но верувам дека така доаѓа до заситување на кожата од некој производ. А бидејќи не знам да препознаам состојки кои се добро избалансирани во линиите кои не се природни, добро ми доаѓа кога ти ќе понудиш нешто.
    Поздрав, Наташа

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, јас ја земав од штандот на Логона во Сити Мол, ама ја видов и во Зегин ГТЦ и Зегин за здрава храна ГТЦ. Не знам зошто ја немало по другите аптеки. Инаку фала многу за убавите зборови. Токму тоа и ми е целта. За жал во Мк има мал избор на нискобуџетни органски линии, така да постојано барам нешто ново а економично кое секако е убаво како декларација и состав. Знам дека повеќето не можат да си дозволат скапи производи. Веќе имам три нови производи, па наскоро ќе пишам и за нив. Поздрав

      Delete

Post a Comment