Витка линија и убава кожа: да се вратиме во форма по празниците
Здраво драги мои,
празниците како Божиќ и Нова Година се идеални за да се помине квалитетно време со фамилијата и роднините, да се ужива во друштвото шегите и насмевките, меѓутоа и во трпезата секако (ах, кој да одолее на толку вкусни јадења). Понекогаш можеби малку и ќе претераме (имаме оправдување празници сѐ), ама добрата вест е дека по завршувањето на истите потребно е малку внимание за да ги вратиме во форма телото и кожата.
Кожата е нашиот најголем орган и таа секогаш ни покажува што не е во ред со нашиот организам. Она што го конзумираме внатрешно и те како се гледа и надворешно (преку нечиста кожа, сува кожа и.т.н.). Кожата е орган преку кој се исфрлаат сите токсини од телото, така да навистина од огромна важност е она што ќе го внесуваме од внатре.
1. Урамнотежена исхрана
Прво правило е добро да се исхрануваме со разновидни намирници. За време на празниците сите уживавме во кифлички со руска салата, разни сирења и салами и што уште не. Јас не велам дека од време на време не треба да се конзумира и тоа, секако, меѓутоа после празниците на организмот пожелно е да му дадеме што повеќе витамини и минерали (кои се од огромна важност зимно време, особено кога станува збор за настинки и вируси). Истите пожелно е да се внесуваат преку свежи салати, овошни салати, свежо цедени сокови или смуди.
2. Здрав доручек
Многу луѓе под прочистување на организмот подразбираат дека не треба да јадат или да прескокнуваат оброци (најчесто доручекот) што е многу погрешно. Од огромна важност е денот да се започне со убав и здрав доручек кој е база на функционалноста на целиот организам. На нашиот организам наутро му треба “гориво“ за да се стартува, и правилно да функционира. Со оглед на тоа што многумина имаат изговор дека наутро се брзаат и немаат време за доручек, или пак немаат време да подготвуваат работи, ќе ви дадам еден рецепт кој јас лично го обожавам и се прави преку ноќ. Ама буквално преку ноќ.
Потребни состојки се:
5 супени лажици овесни снегулки (или друг вид на снегулки по ваш избор);
1 супена лажица ленено семе
2 до 3 кафени лажички чиа семе
малку јогурт
малку млеко (кое може да биде од растително или животинско потекло)
Најнапред во еден сад ставете ги сувите состојки и убаво помешајте. Потоа додадете ги течните. Може да користите само јогурт или само млеко, иако мене многу ми се допаѓа микс од двете. Кога станува збор за јогурт користам секогаш кравји или козји јогурт, додека млекото е секогаш растително затоа што повеќе ми се допаѓа. Убаво промешајте и ставете во фрижидер да отстои преку ноќ. Јас додадов и какао во прав за да добие темна чоколадна боја, а богами и вкус.
Наутро извадете го, додадете по ваш избпр јаткасти плодови како бадеми или лешници, парченца темно чоколадо и овошје по избор. Ете вашиот доручек е готов.
3. Свежо цедени сокови
Свежо цедените сокови се одлични не само за прочистување на организмот, туку и како заштита од вирусите, со оглед на тоа што содржат голем број на витамини и минерали. Може да ги направите од еден вид на овошје на пример портокалот кој е богат со Ц витамин, или комбинација на повеќе. Доволно е да имате убав соковник за оваа намена. Секогаш конзумирајте ги свежо направени и барем половина час пред оброкот (може и како ужинка). Еве ви неколку предлози за овошни сокови и комбинација на овошје со зеленчук:
Цеден сок од калинка (калинките сеуште ги има) е одлична природна вакцина за организмот. Не само што прочистува, туку и ја подобрува работата на срцето, го зајакнува имунитетот, и на телото му ги дава сите потребни витамини и минерали.
Мешавина на сок од калинка со портокал, кој претставува одлична витаминска бомба.
Цеден сок од јаболко, киви и портокал кој е комбинација на минерали и разни витамини за добросостојба на организмот.
Цеден сок од ананас, јаболко и ѓумбир, кој има прочистувачки ефект врз организмот. Ананасот е богат и со бромелин, кој се смета дека не само што прочистува туку ја одржува витката линија.
Цеден сок од круша, спанаќ и целер кој е одличен извор на витамини и минерали.
Ова се само неколку предлози, секако вие може да направите други комбинации кои ви се допаѓаат.
4. Свежи салати од зеленчук
Иако можеби зимскиот период сме малку лимитирани со зеленчук кој е сезонски (во споредба со летото), сепак може да се најдат многу зеленчуци за салати, иако дел од нив не се сезонски. Салатите се одлични за организмот, полни со минерали и влакна кои имаат прочистувачки ефект врз организмот и го подобруваат варењето на храната. Моја најомилена салата е руколата, затоа што има горчлив вкус и одлично го чисти организмот. Може слободно и да ја насадите ако имате дворови.
5. Детокс води
Освен во лето овие детокс води може да ги направите и во зима...зошто да не. Одберете сезонски овошје или зеленчук, ставете ги во едно шише или бокал, наполнете со литар вода и оставете ги преку ноќ. Наутро прецедете ги во празно шише и понесете ги со вас за да ги конзумирате во текот на денот.
6. Чаеви
Чаевите исто така помагаат во прочистување на организмот, а и не само тоа...одлично ќе ве загреат во зима. Кој не сака шоља убав топол чај за да се стопли. Бирајте чаеви со прочистувачко дејство на пример зелен чај или пак мешавина од тревки со прочистувачко дејство. Исто така може сами да направите чај од ѓумбир, кој не само што ќе ве прочисту туку, ќе ве заштити од кашлица, или доколку ја имате ќе ја подобри. Не претерувајте со количината, две шољи чај дневно според мене се доволни.
Ете драги мои, потребно е само малку за да се вратиме во форма и да направиме нашата кожа да заблеска иако е зимски период. Секако постојат голем број на зимски намирници кои може да ги користите за било кој од предлозите. Оставам на ваш сопствен избор и вкус.
Запомнете, само здравата кожа е убава кожа...
До следно читање
Вики
Comments
Post a Comment