Дрвена четка за коса: предности и бенефиции


Здраво драги мои,

постојат разни типови на четки: со природни влакна, метални, пластични, дрвени и.т.н. Секоја од нив одговара за одреден тип на коса и има одредена функција. Јас лично до пред извесно време ја користев онаа со природни влакна, односно комбинација на природни влакна со пластика. Ми одговараше како четка и бев доста задоволна, сѐ додека случајно не си купив една мала дрвена четка која ми се виде практична за во ташна и за патувања.

Ја земав со намера да ми се најде во некои ситуации (не како четка која би ја користела секогаш), меѓутоа толку ме воодушеви што стана четка бр.1 барем за мене. Јас имам тенко влакно и нежна коса, и сметам дека токму ваквиот вид на четки направени од дрво се идеални пред сѐ за мојот тип на коса, меѓутоа и за останатите.

Ајде да ви кажам зошто сум толку воодупевена од ова мало вистинско чудо :)

1. Нежни се за косата

Овој тип на четки кои се направени од дрво се навистина многу нежни за влакното и чешлаат без да го оштетат или да предизвикаат кинење на истото, благодарение на широките запци. Рамномерно ги распоредуваат маслата од коренот кон врвот на влакното, а исто така прават блага масажа на темето на косата.


2. Не предизвикуваат електризирање

Една навистина важна работа кога ја чешламе косата е што некој тип на четки, на пример пластичните, прават косата да се наелектризира и истата не изгледа убаво. Со дрвените четки го немате тој проблем.

3. Може да се користат и на мокра коса

Многупати ви имам напоменато дека кога е мокра, косата не треба да се чешла или тегне за да не се оштети. Јас на пример немам потреба да ја чешлам косата откако е мокра (кратка ми е и не се плетка), меѓутоа доколку вие имате потреба може слободно тоа да го направите со овоаа четка или пак уште подобро доколку ја одберете оваа со пошироки запци за таа намена.



Јас не сум фризер по професија, меѓутоа лично кога ја чешлам косата правам вака:

- ја чешлам двапати дневно, наутро и навечер. Сметам дека премногу четкање прави повеќе лошо околку добро;


- најнапред ја четкам со исправена глава (доколку имате подолга коса која честопати се плетка почнете полека од врвовите кон горе), па потоа ја наведнувам глават и ја четкам косата од коренот па надоле. Не можам да ви објаснам колку прекрасна масажа прави четкава;

Мој совет ви е доколку имате долга и густа коса да одберете дрвена четка која е поголема и со повисоки запци, а за пократка или тенка коса и нежно влакно, одберете ја оваа мојава што ја видовте на сликите.



Каков тип на четки за коса вие најчесто користите?

Поздрав
Вики


Comments