Антицелулитен скраб со портокал
Здраво драги мои,
како што ви најавив пред некој ден, во оваа статија ќе ви го дадам рецептот за антицелуитниот скраб од портокал. Станува збор за еден производ кој прекрасно мириса и навистина делува доколку редовно се користи. Многу е лесен за подготовка и преубаво изгледа. Ајде да видиме кои состојки ни се потребни за реализација на овој проект:
- кора од еден до два портокали (по можност органски);
- 5 супени лажици сол од мртво море или крупна сол за готвење;
- 4 супени лажици шеќер;
- 5 до 6 супени лажици масло по ваш избор;
- 1 гр. витамин Е (доколку го имате);
- 7 до 10 капки етерично масло од портокал
Најнапред изрендајте ја кората од портокалот (со најситната страна на рендето) и заедно со крупната сол ставете ја во една тегличка околу 10 дена. На овој начин кората од портокал ќе ги испушти сите масла во солта која ќе ги впие и ќе замириса на портокал. Верувајте по 10 дена кога ќе ја отворите теглата ќе бидете воодушевени. Доколку сакате може да ја оставите и до 15 дена за поинтензивен мирис. Најдобро е да користите органски портокали кои не се прскани и третирани со пестициди.
По истекот на времето префрлете ја смесата во еден сад, додадете го шеќерот и маслото и убаво мешајте. Како масло може да користите било кое масло кое го имате дома, иако јас би ви препорачала сончогледово или масло од семки од грозје затоа што се без мирис, богати со витамин Е и е доста лесни. Јас во мојот скраб ставив домашно масло од портокал кое го напарвив со сончогледово масло како база и сува кора од портокали.
Доколку имате дома додадете 1 гр. витамин е и повторно мешајте. На крај додадете го етеричното масло, убаво промешајте и префрлете ја смесата во една чиста тегличка.
Вашиот скраб е готов. Јас користев кора од еден порокал, меѓутоа мислам дека ќе беше подобро ако ставев два, пилингот ќе беше пошарен. Моментално правам сол со кора од лимон која сеуште стои во тегличка за да го земе целиот мирис од лимонот и верувајте помина само една недела, а солта веќе прекрасно мириса.
Видовте колку беше лесно да се направи. Понекогаш наједноставните работи се најфункционални. Се надевам дека ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите.
Поздрав и до следно читање.
Вики
Viki, samo ti imaš vakvi genijalni idei, da napraviš prozvod "napravi sam" od početok do kraj, a da ne kupuvas drugi sostijki dopolnitelno.
ReplyDelete😋
Мора сѐ максимално да искористиме ахахаххаха :) Благодарам драга.
Delete