Корисни својства на поленот во козметиката


Здраво драги мои,

со оглед на тоа што обожавам да правам домашни масла и екстракти (станов ми изгледа на козметичка лабораторија не на стан :) кои потоа ги користам при подготовката на креми, серуми и други козметички производи, нетрпелива сум да ви предложам како да ги искористите неверојатните бенефиции на поленот во козметички цели.

Поленот, освен тоа што претставува главна состојка за репродукција на цвекињата и е од големо значење за добросостојбата на човековиот организмот, малкумина ја познаваат неговата огромна козметичка моќ.  Составот на поленот е различен во зависност од цветотите од каде е земен, меѓутоа обично содржи: 35% протеини (со големо присуство на есенцијални аминокиселини), од 25% до 48% шеќери, од 5% до 10% масти и голем број на витамини и олигоелементи.


Во козметиката поленот најчесто се користи во две варијанти и тоа: како алкохолен екстракт во кој претежно се извлекуваат протеините, и како масло кое е богато со каротеноиди, фитостероли и состојки слични на оние несапунифицираните во растителните масла. Во двете свои форми има големо анти ејџ влијание, ја намалува видливоста на брчките на лицето, ја храни кожата и ја прави поеластична. Од козметички аспект ова масло е идеално за повозрасна кожа, кожа без тонус и сјај, сува кожа, дехидрирана и уморна кожа.

Во денешнава статија ќе видиме како да ги подготвиме екстрактот и маслото и како да ги употребуваме во козметички цели.


1. Алкохолен екстракт од полен

20 гр. полен
100 гр. алкохол 60°

Во една чиста тегличка ставете го поленот и додадете го алкохолот и убаво протресете ја тегличката. За овој тип на екстракт најидеален е алкохол 60° кој може да го најдете во продавниците за жестоки пијалоци. Доколку имате алкохол со повисока градација како мојот кој е 95°, во то случај потребно е да го разредите со вода за да дојдете до градација 60°. Се прави на тој начин што се зема 62 гр. алкохол 95° и се меша со 38 гр. дестилирана вода.

Тегличката се става на темно и суво место и се чува 10 дена со протресување еднаш дневно. 11-от ден оставете ја без протресување за целиот прав да се депозитира на дното од теглата. Дури наредниот ден отворете ја внимателно тегличката (без да ја мрдате премногу за да не се крене правот од дното) и со помош на еден шприц (секако без игла) вадете ја течноста без да го пипкате правот на дното. Бидете внимателни и при крајот доколку не можете сѐ да излечете оставете малку од течноста за да не ризикувате со неа да извлечете и од талогот.


Течноста која сте ја извлекле ставете ја во едно празно темно шишенце со пипета (како на пример она од капки за нос) или пак темно шишенце со отвор за капки како на пример оние од етерични масла. Секако може да го ставите и во обично темно шише, меѓутоа во претходните две ќе ви биде полесно за дозирање и употреба.Се користи на тој начин што се додава во козметичките производи (креми, серуми, тоници) и тоа најмногу до 2%.

2. Масло од полен


40 гр. полен
250 гр. сончогледово масло

Во една тегла најнапред се става поленот и потоа се додава сончогледовото масло. Идеално е доколку користите ладно цедено нерафинирано сончогледово масло кое е богато со витамин Е и е поиздржливо. Се затвора убаво теглата, и се става на суво и темно место да отстои 40 дена со секојдневно протресување.

По истекот на времето се прецедува со помош на една цедилка и се остава уште еден ден, и потоа се прави второ процедување со газа. При второто процедување не ја стискајте газата со остатоците од полен за да не ви навлезат во маслото. Имајте трпение маслото само да се прецеди полека по природен пат. Префрлете го маслото во едно стаклено шише (по можност темно) и вашето масло од полен е готово за употреба.

Како што веќе напоменав, ова масло е одлично за сите оние кои имаат многу сува кожа, возрасна кожа со брчки, кожа без сјај и кожа која ја изгубила еластичноста. Може да го користите на следниве начини:


- половина кафена лажичка во маска за лице (со други состојки како нишесте, мед, млеко, авокадо, банана и.т.н.);

- во производство на домашни креми (идеално е 10%);

- во домашни маслени серуми за лице: на пример 30 гр. арганово масло, 10 гр. масло од полен и 10 гр. маслиново масло;

- чисто на лицето: две до три капки на благо навлажнето лице навечер, особено ако имате возрасна кожа со брчки.

Ете драги мои, се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ве заинтересира. Доколку познавате одгледувачи на пчели кои може да ви дадат малку полен, веднаш фатете се за работа. Верувајте ќе бидете задоволни од резултатите.

Голем поздрав и до следно читање.
Ве гушкам
Вики

Comments

Post a Comment