Матирана и свежа кожа со флуидот од нане на Logona



Здраво драги мои,

во оваа статија ќе ви претставам еден производ за лице кој го тестирав во последно време и кој навистина ме воодушеви, односно флуидот за масна кожа со органско нане на Логона.

Наменет е за масна кожа со неправилности , склона кон појава на акни, митесери и бубуљички, меѓутоа според мене прави чуда и кај комбинирана кожа особено кај проблематичната Т зона која секогаш светнува.

Имав можност да го истестирам на највисоки температури, кога поради топлото кожата многу често се поти и не трпи многу производи, или подобро кажано сака правилен производ кој ќе и ја даде потребната хидратација и која притоа ќе ја освежи. Токму таков се покажа овој флуид.

Пред да преминеме на дејството и ефектот, ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата за да дознаеме кои состојки ги содржи и зошто е толку ефикасен.


Ingredients (INCI): Aqua (Water), Alcohol*, Glycerin, Prunus Amygdalus Dulcis (Sweet Almond) Oil*, Simmondsia Chinensis (Jojoba) Seed Oil*, Dehydroxanthan Gum, Glycine Soja (Soybean) Oil*, Isoamyl Laurate, Mentha Piperita (Peppermint) Leaf Extract*, Helianthus Annuus (Sunflower) Seed Oil*, Cimicifuga Racemosa Root Extract, Pyrus Cydonia Seed Extract, Dipotassium Glycyrrhizate, Salvia Officinalis (Sage) Leaf Extract*, Calendula Officinalis Flower Extract*, Usnea Barbata (Lichen) Extract, Lilium Candidum Flower Extract*, Sodium Lactate, Polyglyceryl –3 Palmitate, Polyglyceryl –6 Caprylate,Lactic Acid, Tocopherol, Maltodextrin, Parfum (Essential Oils), Limonene, Linalool

Од декларацијата може да забележиме дека состојките во производов се одлично искомбинирани за да дадат матирачки ефект врз масната кожа, истовремено да ја задржат хидратацијата на истата и да ја нахранат (спротивно на она што се мисли и масната кожа без разлика на тоа што лачи повеќе себум мора да се хидрира и храни).


Благодарени на глицеринот на трета позиција, кожата е хидрирана и се спречува губитокот на влага, кој се јавува под дејство на климатските услови, а особено како резултат на високите температури. Глицеринот исто така има и омекнувачко дејство врз самата кожа.

Особено е интересна комбинацијата на масла во овој производ кои се со различна густина со цел да овозможат правилна нега на масната кожа. Бадемовото масло кое има големо хранливо дејство врз кожата, одлично е избалансирано со маслото од јојоба кое е едно од најдобрите масла кога станува збор за масна кожа. Јојобата всушност не е масло во вистинска смисла на зборот, туку претставува еден вид на течен восок кој како структура е најблиску до нашата кожа која веднаш го препознава.  Јојобата го нормализира себумот во кожата и богато е со витамин Е. Потоа како масла употребени се и сончогледово масло и масло од соја. 

Еден крем не би бил потполн и без екстрактите кои всушност ја одредуваат на некој начин и намената на самиот производ. Како што кажав овде заштитен знак на овој производ е органското нане кое не само што има огромно прочистувачко дејство врз кожата, туку истовремено ја освежува (дава чувство на свежина) и ја смирува кожата. Потоа има исто така и антисептичко дејство врз кожата и ја подобрува циркулацијата на самата кожа. Овој екстракт во кремов е прекрасно искомбиниран со салицилната киселина од кора од врба и со екстрактот од жалфија.


Еден од помалку познатите екстракти кој исто така е употребен во овој крем и има одлично дејство врз кожата е екстрактот од семки од дуња (во декларацијата ќе го најдете како Pyrus Cydonia Seed Extract). Овој екстракт е вистински рај за кожата со оглед на тоа што има големо антиоксидантно и антивоспалително дејство. Видно го подобрува изгледот на кожата, ја заштитува и ја прави самата кожа помека и помазна.

Секако овој убав микс на екстракти не би бил комплетен без екстрактот од невен кој има смирувачко и ленитивно дејство врз кожата, како и екстрактот од сладок корен. Овој вториов го спречува штетното дејство на слободните радикали, а со самото тоа и предвременото стареење на кожата. Го подобрува природниот одбранбен систем на самата кожа.

Откако детално ја разгледавме декларацијата на овој флуид, ајде да преминеме на структурата и ефектот врз кожата.

Овој производ има навистина многу лесна кремасто-гел структура која многу бргу се впива во кожата. Кога ќе ја нанесете на лицето прво нешто што чувствувате е свежина и разладувачки ефект (кој и те како е добредојден во овие жешки денови), благодарение на екстрактот од нане. Како што го мачкате производов на лицето сфаќате дека најнапред има убаво хидратантно дејство, а дури потоа кожата ја чувствувате затегната и матирана. Кожата на допир е мека и компактна. Она што мене лично ме фасцинираше е фактот што овој флуид не само што одлично ја матира кожата кога ќе се нанесе врз неа, туку го регулира и вишокот на маснотии на било кој друг производ кој евентуално ќе го нанесете врз него, како на пример крем за заштита од сонцето.



Јас кога го тестирав за преку ден секако врз овој флуид обавезно ставав крем за заштита од сонцето со физички филтри (органска козметика) кој како производ е малку помасен затоа што е богат со путери и масла. Кога најнапред го нанесов флуидот на Логона и почувствував убаво затегнување на кожата (верувајте Т зоната воопшто не ми светеше), по нанесувањето на кремот за заштита од сонцето приметив дека и тој веднаш се матираше (не светеше лицето, а обично свети се додека да се впие комплетно, обично по 5 мин.). Меѓутоа со флуидот на Логона како база кремот веднаш се впи. Истото се случи и со пудрата.

Мирисот на овој производ е свеж на нане, меѓутоа воопшто не е силен или нападен, туку благ мирис на нане. Навистина е многу пријатен, барем според мој вкус.

Друго нешто што ми се допаѓа кај овој производ е амбалажата (шише со пумпица) кое е високо хигиенско и го минимализира контактот на овој производ со бактерии. како и фактот што може да се користи и наутро и навечер. Не ви се поребни две креми, доволна е оваа за наутро и навечер.

Драги мои, доколку сте во потрага по еден лесен крем кој ќе ја освежи, хидрира и матира вашата кожа, особено за време на жешките летни месеци, топло ви го препорачувам овој производ.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments

  1. Viki zdravo,
    Vreme mi e za nova krema, pa bi mi koristelo tvoeto mislenje. Sekako, ne baram ti da odlucis mesto mene, samo mi treba tvoeto poznavanje na site sostojki vo proizvodite.
    Imam kombinirana koza na liceto, odnosno suva so pomasna T zona. Vo letniot period go koristam kremot na Dr. Hauschka - Melissa I od nego zum zadovolna.
    Dali za nego e dobra zamena fluidor sto go pretstavuvas vo ovoj post, eventualno kremot za hidratacija na Aloedermal (I za nego imas napraveno recenzija) ili nesto sosema treto?
    Fala, Natasa

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Наташа, ги имам пробано и двата кои ги посочи и мене лично двата ми одговараа. Сепак станува збор за две прекрасни марки на козметика. Според мене овој би требало убаво да одговара затоа што матира а сепак хидрира. Ти советувам да појдеш во Сити Мол на штандот на Биоорганика за да пробаш тестерче и да видиш како твојата кожа ќе реагира на овој крем. Има и еден друг за комбинирана кожа со хамамелис, па можеби тебе лично тој повеќе да ти одговара. Поздрав.

      Delete

Post a Comment