Лесни летни шпагети од тиквички


Во овие жешки денови имаме потреба од повеќе течности но и полесна храна. Мислам дека на никој од нас не му се вклучува рингла или рерна да готви премногу, па секако конзумираме повеќе овошје или салати.

Токму затоа би сакала да ви предложам еден прекрасен летен рецепт кој е многу лесен и брз за подготовка, односно шпагети од тиквички. Навистина многу здраво и вкусно летно јадење кое може да го збогатите со повеќе состојки по ваш вкус.

Сѐ што ви е потребно за да го направите е тиквичка. Земете неколку тиквички (во зависност од големината и бројот на луѓе) и со помош на една рендалка или оној нож за лупење, исечете ги по должината во вид на шпагети.


Со оглед на тоа што тиквичката нема потреба многу да се готви за да не се изгубат витамините, може да ги приготвите на тивок оган варејќи две три минути, или пак како мене да загреете вода во бокал за чај и да ги полиете тикичките и оставите покриени околу 3 до 4 минути.

По истекот на времето прецедете ги, посолете (доколку не сте додале сол во водата), додадете малку маслиново масло и ставете зеленчук или додатоци по ваша желба. Јас додадов босилек, домат и пармезан.

Ете вашата порција летни шпагети од тиквички е готова.


Навистина беше потребно навистина малку време, а сепак добивате убав освежителен оброк кој не е тежок за организмот во овие жештини.

Доколку ви се допаѓаат тиквичките како зеленчук, пробајте ја и мојата омилена летна крем супа од тиквички.

Што најчесто конзумирате во овие жешки денови?

Поздрав
Вики

Comments