Диетален домашен сладолед од чоколадо


Здраво драги мои,

во овие жешки денови е те како е убаво да се освежиме со еден прекрасен сладолед. Меѓутоа доколку истиот си го направиме сами дома и тоа без додатен шеќер, радоста е поголема.

Во денешнава статија ќе ви дадам еден навистина лесен рецепт кој ќе го направите за само 10 мин. без никаков апарат за подготвување сладолед. Потребно е само да имате замрзнато овошје при рака.

Сѐ што ви е потребно за да го направите е:

- 3 средно големи банани;
- 3 супени лажици горко какао;
- 1 кафена лажичка какао путер

Најнапред исечете ја бананата на тркалца и ставете ја во замрзнувач најмалку 4 часа (најдобро е ако тоа го сторите претходната вечер и ја оставите цела ноќ).


Утредента во еден блендер ставете ја бананата, додадете го какаото и какао путерот и почнете да ја работите смесата на средна јачина сѐ додека да добиете убава густа смеса.



Ете вашиот сладолед е готов.

Мојот на сликата е малку растопен, затоа што бананите не беа доволно замрзнати (затоа ви велам најмалку 4 саати, а најдобро преку ноќ).  Јас ги држев околу 3 ипол и добив структура на пудинг кој беше ладен и многу пријатен и вкусен за јадење. Не го ставив повторно во замрзнувач затоа што блиските беа нетрпеливи да го пробаат.


Вие откако ќе го направите доколку не е доволно смрзнат како сладолед, слободно ставете го уште саат време во замрзнувач. Има прекрасен богат вкус на чоколадо, а бананите даваат благост на производот. Воопшто не е потребно да се додава шеќер.

Доколку сакате сладоледот може да го украсите со свежи малини или да ставите малку џем од малини или јагоди врз него (чоколадото со шумско овошје е најдобра комбинација).

Истиов сладолед може да го направите и со овошје. Наместо какао додадете некое овошје по ваш вкус како јагоди, малини, капини или друго (претходно замрзнато секако) и ставете го во блендер со бананата и какао путерот.

Толку едноставно а толку вкусно. Доколку сакате претходно може да замрзнете поголема количина на банани и да го направите овој сладолед секогаш кога ќе посакате.

Како најчесто вие го подготвувате сладоледот дома?

Поздрав
Вики

Comments