Природна нега за сува кожа на лицето

 


Здраво драги мои,

пред извесен период рецензирав два прекрасни производи за комбинирана кожа (путер за секојдневно миење на кожата и маска) од линијата Натура Сиберика во бело пакување. Овојпат би сакала да ви ги оретставам нивните блиски роднини во црно пакување наменети за нормална до сува кожа.


На тој начин во зависност од вашиот тип на кожа, може да го одберете вистинскиот производ за секојдневно чистење на кожата на лицето и секако маската како додатна нега. Ајде да започнеме.

1. Путер за чистење и детерзија на кожата


Ако денот се познава по утрото, тогаш убавата кожа се познава по начинот на миење и пред сѐ по приозводот кој го користиме за таа намена. Добар производ за миење на кожата е оној кој е во состојба темелно да го отстрани вишокот на нечистотии од кожата на лицето, без притоа да ја оштети и иритира самата кожа или пак да предизвика црвенила. Еден таков прекрасен производ е токму овој путер на Натура Сиберика. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата со цел да објасниме зошто е толку добар за кожата на лицето.

СОСТОЈКИ (INCI): HELIANTHUS ANNUUS HYBRID OIL*, POLYGLYCERYL-3 DIISOSTEARATE, GLYCERYL STEARATE, POLYGLYCERYL-10 OLEATE, CERA ALBA*, POLYGLYCERYL-6 CAPRYLATE, POLYGLYCERYL-3 COCOATE, POLYGLYCERYL-4 CAPRATE, POLYGLYCERYL-6 RICINOLEATE, CHARCOAL POWDER, HIPPOPHAE RHAMNOIDES FRUIT OIL*, PINUS SIBIRICA SEED OIL ʷʰ*, RUBUS IDAEUS SEED OIL*, LINUM USITATISSIMUM SEED OIL*, RHODIOLA ROSEA ROOT EXTRACT ʷʰ*, TOCOPHEROL, PARFUM, LIMONENE.

Како што може да се забележи од самата декларција, овој производ е комплетно на маслена база, токму и затоа се нарекува путер за миење на лицето. Во контакт со вода овој вид на путер (кој не е баш путер во вистинска смисла на зборот) креира еден вид на емулзија и на нежен начин ја измива кожата на лицето. Базата е сончогледово масло, емулгатори, пчелин восок и прекрасен микс на масла од сибирски бор, масло од волчји трн, ленено масло и екстракт од див златен корен кои нежно ја чистат кожата, оставајќи ја мека, свиленкаста и негувана. Еве ја структурата на самиот производ.


Од самата боја која е црна, може да се заклучи дека во производот е присутна и мала количина на актвен јаглен кој дава убаво прочистувачко дејство врз самата кожа. За најдобар ефект ви препорачувам најнапред да ја навлажните кожата. Земете мала количина од овој путер (буквално колку големина на еден бадем) и нанесете ја на кожата на лицето. Постепено додавајте вода за да направите емулзија и нежно масирајте со благи кружни движења. Темелно измијте и тоа е тоа, вашата кожа од ден на ден ќе биде поубава, мека, негувана и што е најважно чиста.

Овој производ се користи двапати дневно наутро и навечер (како и секој друг производ за измивање). Со оглед на тоа што се зема многу мала количина, овој производ ќе ви трае сигурно најмалку 3 месеци. Според мене е одлична инвестиција за правилна нега на вашата кожа.

2. Маска за нега на кожата


Маските за лице се од особена важност кога станува збор за сува кожа на лицето. Овој вид на третмани претставуваат еден вид на дополнителна нега која е од огромна важност за здравјето и убавината на кожата со оглед на тоа што нивното дејство е концентрирано и видливо веќе уште по првата употреба. Една добра маска за лице треба да има два или повеќе од следниве ефекти:

- длабински да ја нахрани и омекне кожата;

- да ја подобри еластичноста на кожата (која за жал се губи со текот на годините);

- длабински да ја прочисти кожата;

- да го врати сјајот и здравиот изглед на кожата;

Маската која ќе ви ја претставам во продолжение според мене ги исполнува сите горенаведени услови: ја омекнува кожата, ја прави поеластична и посјајна, длабински ја храни, но и прочистува кожата и го враќа здравиот изглед на самата кожа. Станува збор за маската од истата линија како и чистачот од марката Натура Сиберика. Ајде да ја разгледаме декларацијата и на овој производ.

СОСТОЈКИ (INCI): HELIANTHUS ANNUUS HYBRID OIL*, GLYCERIN, POLYGLYCERYL-10 OLEATE, CERA ALBA*, CETEARYL ALCOHOL, AQUA, CHARCOAL POWDER, TOCOPHEROL, HIPPOPHAE RHAMNOIDES FRUIT OIL*, LINUM USITATISSIMUM SEED OIL*, PINUS SIBIRICA SEED OIL ʷʰ*, ROSMARINUS OFFICINALIS LEAF OIL*, PARFUM, LIMONENE.

Маскава горе долу ги содржи истите состојки од чистачот односно сончогледово масло, глицерин, пчелин восок, масло од сибирски бор, масло од волчји трн, масло од ленено семе, потоа масло од рузмарин и секако активен јаглен. Оваа маска ја пробав во изминативе две недели и иако имам комбинирана кожа и повеќе ми одговара белата верзија, сепак ми се допадна ефектот врз кожата, затоа што по употребата ја остава самата кожа мека и многу негувана. Идеална е за сите оние кои имаат сува и уморна кожа. Еве ја структурата на производот


Се нанесува на убаво исчистено лице и се остава да делува околу 5 минути. По истекот на времето темлно се мие со млака вода и се нанесува крем за нега на кожата (природен без силикони и нафтени деривати).


Со редовна употреба ќе забележите голема разлика врз вашата кожа. Јас ја употребив само двапати, меѓутоа како што кажав за мојот тип на кожа одговара повеќе онаа белата. Но со оглед на тоа што јас пишувам за сите девојки и момци кои ме читаат, мора да пробувам и производи кои се наменети и за друг тип на кожа со цел да ви го претставам и препорачам вистинскиот производ за нега на вашата кожа.

Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист и топло ви препорачувам да ги пробате овие два производи доколку вашата кожа е сува и безживотна. Ве гушкам, бидете ми добро, а ние се читаме наскоро во некоја следна статија.

Вики

Comments