Прекрасна и мека кожа на телото во 3 чекори


Здраво драги мои,

потребно е да го извлекуваме најдоброто во секоја ситуација, така да во овој период на карантин добрата вест е што имаме повеќе време да си посветиме себе си. Може да се негуваме со природни и домашни рецепти подготвени од нас, или пак со природни производи во продажба кои кои одлично ќе ја негуваат нашата кожа и ќе ја подготват за претстојниот летен период.

Во оваа статија би сакала да ви претставам комплетен третман во три чекори со три прекрасни производи кои ги тестирав во последен период, односно чоколадниот скраб и кремот од ванила од марката Organic Shop и маслото за нега на кожата кое во својот состав содржи и масло од макадамија од марката  Planeta Organica. Ајде да ги разгледаме посебно.



Прв чекор: ексфолијација


Целта на скработ е да направи еден вид на абразија преку која ќе се отстранат мртвите клетки од површинскиот слој на кожата. Преку масажата на овој скраб производ врз кожата на телото се активира клеточната обнова и се стимулира циркулацијата. Кожата веднаш станува мека и свиленкаста и многу подобро може да ги апсорбира активните состојки од самиот скраб производ, особено доколку станува збор за антицелулитен производ. За да претставува скраб, еден производ треба да има главна абразивна состојка која може да биде ставена во маслена база (масла и путери) или во емулзија (крем пилинг). Според ефектот кој сакаме да го добиеме, може да издвојам 2 најчести типови на скраб врз кожата (кога станува збор за кожата на телото):


- Скраб на база на шеќер: шеќерот има големо хидратантно дејство врз кожата и не само што ги отстранува мртвите клетки од неа туку и ја омекнува самата кожа;

- Скраб на база на сол: за разлика од шеќерот, солта воопшто не ја хидрира кожата. Целта на овој тип на производи е да направат скраб кој е доста појак од оној со шеќер.

ВАЖНО: Потребно е да правиме разлика помеѓу скраб и гомаж. Абразивните честички на гомажот се многу помали и има помало ексфолијантно дејство врз кожата.

Скработ за тело со какао на Organic Shop е направен токму на база на шеќер, што значи дека освен тоа што ги остранува мртвите клетки од површинскиот слој на кожата, ја хидрира самата кожа и ја прави помека и поубава. Еве ја декларацијата


Sucrose, Glycerin, Cetearyl Alcohol, Butyrospermum Parkii Butter, Theobroma Cacao Seed Butter*, Cocamidopropyl Betaine, Aqua, Parfum**, CI 77491, CI 77492, CI 77499

Шеќерот (на прва позиција) искомбиниран е со глицерин, цетил алкохол (кој не е алкохол туку има две функции: едната е на ко-емулгатор, а другата е како подобрувач на структурата на производот), потоа шеа апутер, какао путер, бетаин (сурфактант) и парфем. Многу паметно направен производ мора да напоменам. Особено ми се допаѓа што како база  не е ставена вода, туку глицерин со цел да се добие погуста структура на произвидов (секако во комбинација со путерите).

Има преубава структура и фантастичен мирис.


Се нанесува на благо навлажнета кожа на телото откако сте се истуширале. На тој начин кога скрабов ќе го одмиеме само со вода, дел од состојките сеуште ќе останат да делуваат врз самата кожа и ќе ја направат помека и похидрирана.

Мора да си признаам дека првпат го пробав производов за пишување на оваа статија (претходно користев мои производи кои сакав да ги завршам). Многу сум пријатно изненадена од самиот производ (во позитивна смисла секако) премногу ми се допаѓа и мислам дека одреден период ќе го корстам само него.

Мирисот на самиот производ е неодолив (ве молам обидете се да не го изедете:). Навистина потсетува на еден вид на сорбето од чоколадо, толку слатко и убаво што ќе ви дојде да го изедете. Доволно е да го правите овој пилинг еднаш неделно (секое претерување води до спротивен ефект).

Втор чекот: хидратација 


Откако сме направиле пилинг на кожата и сме ги отстраниле мртвите клетки од површинскиот слој на кожата, може да преминеме на вториот чекор, односно хидратација на самата кожа. За таа цел би сакала да ви претставам еден производ кој го користам секојдневно (скоро и да го завршив), односно кремот за тело со ванила на Organic Shop.

Содржи коко каприлат, шеа путер, какао путер и екстракти од ванила бурбон и орхидеа. Има многу лесна и пријатна структура и според мене повеќе е наменет за нормална кожа на телото. Дава одлична хидратација на кожата и ја остава мека и свиленкаста. Не е баш најпогоден доколку вашиот проблем е сува кожа, во тој случај продолжете да ја читате статијава, затоа што третиот производ ќе биде наменет токму за тоа.


Се нанесува по туширањето на сува кожа (со оглед на тоа што претставува емулзија и има и воден и маслен дел) и секогаш кога ќе почувствувате потреба од тоа. Воопшто не масти и веднаш се впива (не е потребно многу мачкање за кожата да го апсорбира).


Има неодолив мирис на ванила која доминира во производов. Многу малку се чувствува екстрактот од орхидеја (скоро и воопшто да не се чувствува) што и воопшто не ми пречи со оглед на тоа што преферирам ванила.

Трет чекор: хранење


Доколку вашиот проблем е многу сува и груба кожа на телото, може да направите две нешта: да го комбинирате претходно педложениот крем со маслото кое ќе ви го прикажам во продолжение, или пак да го одберете само маслото кое е феноменално.


Иако на опаковката пишува Macadamiа Oil сепак не станува збор за чисто масло од макадамија. Вие знаете дека секогаш сум искрена со вас и производите ги прикажувам онакви какви што навистина се. Еве ја декларацијата на ова масло

Ingredients: Caprilyc/Capric Triglyceride, Helianthus Annuus Seed Oil*, Octyldodecanol, Coco-Caprylate/Caprate, Tocopherol, Macadamia Integrofolia/Tetraphylla Seed Oil*, Prunus Amygdalus Dulcis Oil*, Cymbopogon Martini Oil, Salvia Sclarea Oil*, Citral, Famesol, Geraniol, Linalool.

Базата на ова масло е всушност комбинација од каприлик каприл кое е многу лесно масло заедно со сончогледово масло. Овие две масла се присутни во најголем процент. Потоа има коко каприлат кое исто така е лесно масло и вит. Е. Од декларацијава, процентот на масло од макадамија во производов е најмногу 0,50 проценти (со оглед на тоа што се наоѓа после вит. Е кој според мене би требало да е околу 0,50 до најмногу 1%). Содржи понатаму и мал процент на бадемово масло и масло од жалфија.


Токму поради оваа комбинација на масла, ова масло многу лесно се впива во кожата (не е тешко масло), меѓутоа одлично ја храни сувата кожа на телото. Се нанесува на благо навлажнета кожа на телото (со цел истата полесно да го апсорбира) или пак во комбинација со кремот кој претходно ви го препорачав. На дланката ставете мала количина од кремот и додадете исто толкава количина масло. Убаво промешајте и нанесете го на кожата на телото. На овој начин сте ги добиле сите хидратандтни својства од кремот плус зголемена хранливост од самото масло. Во овој случај кожата нема потреба да биде благо навлажнета. Слободно нанесете го на сува кожа.

Драги мои, овие три производи се идеални за нега на вашата кожа во овој период и подготовка на кожата за претстојната летна сезона. Може да ги нарачате онлајн на bellina.mk со специјален попуст од 20%.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист и ви се допадна. Ние се читаме наскоро со многу нови содржини.

Ве гушкам
Вики

Comments