Како подолго да трае бојата на косата доколку ја боите на природен начин со к'на


Здраво драги мои,

се надевам дека убаво ја започнавте новата година и се одморивте за време на празниците. Малку ме немаше од блогот поради приватни обврски, меѓутоа еве започнувам со нови статии и видеа. Во оваа прва статија за 2020 би сакала да одговорам на многу прашања поврзани со боењето на косата со к'на. Откако го објавив видеото каде својата коса ја обоив со к'на добив навистина многу прашања од типот, колку време трае к'ната на косата, како правилно да се оддржува бојата итн. Сето ова и многу повеќе ќе разгледаме во оваа статија, а ќе ви покажам и слики од неколку типови на  к'на врз разни бои на коса. Ајде да започнеме.

Што всушност претставува к'ната и како се добиваат разните нијанси на к'на за боење на косата?

К'ната се добива од билката Lawsonia inermis која уште од античко време била позната по својата моќ да ја бои кожата и косата, така да била употребувана од страна на жените за правење на тетоважи и за боење на косата. Готовиот производ кој го користиме за боење на косата всушност претставува прав кој има зелена боја (малку наликува на зелената глина на прв поглед) и со многу интензивен мирис. Бојата која ја дава на косата е од портокалово до црвенкаста (во зависност од природната боја на косата). Доколку вашата коса е светло руса, нијансата која ќе ја добиете е портокалова, а доколку имате светло костенлива или костенлива боја на косата, нијансата ќе биде потемна црвена. Ова претставува к'на во вистинска смисла на зборот.

Меѓутоа што е со сите оние други бои кои сепак се продаваат под името к'на или растителна боја? Со цел да се добијат посветол или потемен одсјај и нијанса на косата, основната билка Lawsonia inermis се меша со други билки и зачини во зависнист од бојата која сакаме да ја добиеме:


- цимет, камилица, куркума за посветла нијанса на портокалова боја или руса боја доколку природната боја на косата е светла;

- какао и лушпа од орев за потемна нијанса (со цел да се намали интензитетот на црвеното и да се добие кафена боја);

- индиго или Lawsonia indigofera која е наречена “црна к'на“ и се користи за затемнување на основната црвена боја накај потемна кафена или црна. Нијансата зависи пред сѐ од количината на двата вида на к'на: доколку има повеќе основна к'на бојата ќе биде потемно кафена, во спротивно оди накај црна;

-  катам е билка која обично се става за подобро да ја фиксира бојата на к'ната на косата.

Секако постои и безбојна к'на или Cassia italica која не прави никаква промена на основната боја на косата, туку само ја зајакнува косата, го подобрува квалитетот на влакното и дава поголем сјај на самата коса. Во зависност од природната боја на вашата коса, може да го одберете типот на к'на кој е најмногу прикладен за вас.

Кои се предностите и недостатоците на овој природен начин  на боење на косата?


К'ната е прекрасен природен начин на боење на косата и морам да кажам дека успешно прикрива и бели влакна на косата. Барем онаа основната црвена к'на. Меѓутоа сепак, со цел да избегнете непријатни изненадувања и да имате успешна боја на косата потребно е да ги знаете следниве работи:

1. К'ната одлично покрива бели влакна на косата (како што веќе претходно кажав). Внимание бидејќи во овој случај нијансата на косата која ќе ја добиете зависи пред сѐ од бројот на бели влакна. Дококлку имате помалку бели влакна нијансата на црвено ќе биде потемна, во спротивен случај ќе имате посветло или потемно портокалова боја. Запомнете дека со често нанесување бојата ќе се затемни бидејќи новата к'на се фиксира врз веќе постоечката. Боењето на косата со к'на е постепен процес, во смисла не може одеднаш да ја добиете посакуваната боја. Тоа се одвива постепено и по повеќе нанесувања ќе ја добиете посакуваната нијанса. Потребно е да имате трпение.

2. Доколку имате бели влакна а сакате да ги обоите во потемна нијанса (на пример кафена или црна) тоа нема да може да го добиете со нанесување веднаш на кафена или црна к'на  за коса. Најнапред потребно е да нанесете чиста к'на (онаа црвената) па дури потоа врз неа од кафената нијанса. Црвената к'на е единствена која покрива бели влакна и откако бојата ќе се фиксира врз самото влакно може да направите второ боење (најмалку 3 дена од првото боење) со потемната нијанса. Оваа потемна нијанса ќе се фиксира врз веќе постоечката црвена боја и со текот на времето ќе ја затемни. И овде секако потребна е трпеливост бидејќи бојата етапно ќе се затемнува.


3. Со оглед на тоа што нема никакви хемикалии к'ната е доста трајна боја и кога почнува да избледнува тоа го прави постепено (во смисла нема да имате израснат корен како што тоа е случај со хемиските фарби за коса). Бојата на косата ќе биде прекрасна и постепено ќе се прелева од вашата природна до онаа добиена со к'ната. Мое лично мислење е дека к'ната пожелно е да се прави еднаш месечно со цел да се обнови нијансата и да се зајакне лакното. Запомнете секое ново нанесување на к'на додатно го зајакнува влакното, го подобрува квалитетот на косата и сјајот на самата коса.

4. Со оглед на тоа што к'ната има способност да го регулира вишокот на масти во коренот на косата, особено е препорачлива за сите оние кои имаат проблем со брзо мастење на косата и особено со масен првут.

Ајде да преминеме на подготовката и нанесувањето на к'ната врз косата.  Во продолжение прочитајте ги моите совети за успешно боење на косата со к'на 



1. За подготовка се става половина или цело пакетче  к'на (во зависност од должината и густината на косата) и се додаваат 3 кафени лажички шеќер (за 50 гр. к'на) или 6 кафени лажички шеќер (за 100 гр. к'на) и малку сол. Шеќерот е од огромна важност за успешноста на к'ната бидејќи го спречува сушењето на истата врз косата во текот на нанесувањето (онаму каде што к'ната ќе се исуши знајте дека не бои).

2. К'ната се раствора само со течност (топла вода или чај во зависност од бојата на косата) и воопшто не се додаваат никакви масла во неа. Ова е многу важно бидејќи маслата може да направат  к'ната да не се фиксира добро врз самото влакно, а тоа не е она што секако го сакаме. Токму затоа  к'ната се нансува на веќе измиена коса со шампон меѓутоа без употреба на никаков вид на регенератор или маска. Само измијте ја косата и толку;

3. Доколку сакате поинтензивна боја на косата, во тој случај при подготовката на к'ната додадете и една супена лажица оцет.

4. Откако сте ја нанеле к'ната оставете ја да делува околу саат ипол. Од мое лично искуство ова време е идеално за промена на бојата на косата. Запомнете дека к'ната се одмива само со вода без употреба на шампон (косата веќе претходно е измиена);

5. По измивањето на к'ната не ставајте никаков производ за нега на косата (масло, капки за заштита од фенирање,спреј итн.). Оставете ја к'ната убаво да се фиксира врз влакното;

6. После 3 дена од нанесувањето на к'ната (кога косата се измастила и потребно е да ја миете) пред миењето на косата направете третман со масло. На благо навлажнета коса (на коренот, по должината и на врвовите) нанесете било кое масло, ставете една ќеса и врз неа пешкир. Оставете да делува најмалку 30 мин.и потоа измијте ја косата со шампон. Овој третман ќе помогне бојата уште подобро да се фиксира за влакното.

7. Важно е да напоменам дека потребно е да користите благи шампони (неагресивни за миење на косата). Доколку користите шампони со SLES (Sodium Laureth Sulfate) сетете се на правилото на формулата на самиот производ:

8. Да повторам дека боењето на косата со к'на е навистина здрав и природен начин да ја промените нијансата на вашата коса и може да го правите еднаш месечно (зависи од бојата која посакувате да ја добиете). Запомнете дека при боењето на косата со к'на потребно е да бидете трпеливи бидејќи до посакуваната боја се доаѓа постапно. При првото нанесување бојата е посветла, а со секое наредно нанесување се интензивира и стемнува нијансата на бојата која сте ја одбрале.

Ајде да се потсетиме на видеото во кое ви објаснив како да се подготвува к'ната за коса.


За на крај би сакала да ви оставам слики од мојата коса (каде користев црвена к'на ) и косата на една моја другарка која користеше темно кафена к'на од истата марка за која говорев во видеото односно Khadi. Погледнете каков прекрасен сјај има самата коса...



Кај мене првиот пат бојата беше посветло портокалово црвена


 а по третото нанесување ја добив оваа потемна нијанса


Токму затоа ви кажувам дека мора да бидете трпеливи.

Само да напоменам дека русите нијаси на к'на не прават никакво осветлување на косата. Сепак станува збор за природно боење, а за жал само хемијата може да направи осветлување на косата (како екс плавуша ова многу добро го знам).

Драги мои мој совет ви е да им кажете збогум на хемиските и вештачки фарби и да преминете на к'на .Не само што ќе добите убави нијанси на боја, туку вашата коса ќе ви биде премногу благодарна. Ќе ја зајакнете косата, ќе го подобрите квалитетот на влакното и секако косата ќе има прекрасен неодолив сјај.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и ви беше од корист. Ние се читаме наскоро со нови интересни содржини, а дотогаш ве гушкам.
Вики

Comments

  1. Prekrasno Viki ne znaev za sekerot i solta fala na videoto te pratam imas odlicni soveti

    ReplyDelete
    Replies
    1. Благодарам многу драга. Поздрав

      Delete
  2. Dali ova na slikata pod ima Khadi e kna?

    ReplyDelete
  3. Da kna e no dali moze da se najde vo Makedonija bi sakala da ja probam

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Весна, оваа сеуште ја нема во продажба кај нас, меѓутоа може многу лесно да ја нарачаш од амазон. Поздрав.

      Delete

Post a Comment