Забавете го предвременото стареење со маските и кремите на Pulp de Vie


Здраво драги мои,

претходната недела ви открив една нова прекрасна марка на природна и органска козметика Pulp de Vie составена од најмалку 99,59 до 100% состојки од природно потекло (сертифицирана од страна на EcoCert и Cosmebio), која екслкузивно може да ја најдете само во ДМ маркетите. Во првата статија се задржавме на производите за чистење на лицето како најважен чекор за здрава и убава кожа. Во оваа статија ќе проговориме за кремот за лице и трите маски за лице кои се направен од памучен материјал (100% органски памук).

Кремите за нега на кожата претставуваат производи преку кои на кожата и овозможуваме правилна хидратација и хранење. Освен тоа, овие производи имаат и функција да ја стимулираат обновата на клетките на кожата, а одредени состојки имаат антиоксидантен ефект со што го спречуваат штетното влијание на слободните радикали и предвременото стареење на кожата. Од 30-та година се намалува способноста на кожата да ја задржува водата, како резултат на загубата на хијалуронската киселина природно присутна во нашиот организам и се забележува појава на брчки. Токму затоа од огромна важност е да се употребува крем кој не само што ќе ја задржи правилната хидратација на кожата, туку и ќе биде богат со витамини и антиоксидантни состојки. Еден таков крем е токму овој на Pulp de Vie.


Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, COCO-CAPRYLATE, OLEA EUROPEA FRUIT OIL*, CETEARYL ALCOHOL, HELIANTHUS ANNUUS SEED OIL*, GLYCERIN, SQUALANE, FICUS CARICA FRUIT WATER*, RUBUS IDAEUS FRUIT WATER*, TALC, ALCOHOL, CERA ALBA*, DIPALMITOYL HYDROXYPROLINE, LEUCONOSTOC/RADISH ROOT FERMENT FILTRATE, GLYCERYL STEARATE, CETEARYL GLUCOSIDE, OPUNTIA FICUS-INDICA FRUIT EXTRACT*, SODIUM PCA, MICA, TITANIUM DIOXIDE, PARFUM, LINUM USITATISSIMUM SEED OIL*, PHENETHYL ALCOHOL, TOCOPHEROL, XANTHAN GUM, ONOPORDUM ACANTHIUM FLOWER/LEAF/STEM EXTRACT*, SODIUM HYALURONATE, CITRIC ACID, CI 77491, CI 77499, CI 77891.
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Базата на овој крем е прекрасна комбинација на неколку масла со различна густина како:

Коко каприлат кој е многу лесно масло претставува еколошка варијанта на циклометиконот (силикон), а исто така многу е сличен и на допир. Коко каприлатот има огромно емолиентно (омекнувачко) дејство врз кожата и остава чувство на свиленкаст но сув ефект (нешто како оил нон оил). Токму затоа е ставено на почетокот на декларацијата како прво масло со цел да ги “олесни“ на некој начин оние похранливите и потешки масла.

Маслиновото масло е потешко масло и има голема хранлива моќ врз кожата на лицето. Богато е со вит. Е и со несапунифицирани состојки кои се од огромна важност за здрава, убава и еластична кожа. Сончогледовото масло е исто така одличен извор на вит. Е и ја подобрува еластичноста на кожата. Сквалaнот има големо омекнувачко дејство врз кожата и како состојка е многу компатибилен со неа. Се добива од скваленот кој природно е присутен во нашата кожа и за разлика од него овој е отпорен на оксидација. Маслото од ленено семе е тешко масло кое меѓутоа има голема хранлива моќ. Како што може да забележите прекрасен микс на масла и секако прекрасен сооднос на разни густини на маслата.


Понатаму во кремот може да забележиме состојки кои имаат улога да ја подобрат структурата на самиот крем, меѓутоа и заштитно дејство врз кожата како на пример пчелин восок. Како екстракти користени се: екстракт од смоква и екстракт од магарешки трн. Може да забележиме и два прекрасни хидролати односно од малина и црна рибизла кои се богати со Ц витамин.

Во кремов може да се забележи и хијалуронската киселина која ја оддржува правилната хидратација на кожата и на тој начин го спречува и предвременото стареење.

Може да заклучиме дека кремов е одличен микс на Ц витамин со Е витамин и хијалуронска киселина кој според мене го прави погоден за сите жени и девојки од 30-та па нагоре.

Еве ја структурата на самиот производ


Има многу пријатна структура, ни многу густа ни многу течна, и дава пријатно чувство штом ќе се нанесе на кожата на лицето. Најнапред чувствувате благо затегање, нешто како анти ејџ ефект на производот,(пријатно затегање, како кога производот делува врз лицето) а веднаш потоа кожата ја чувствувате мазна и мека. Одлично ја хидрира кожата, лесно се впива и слободно врз него може да нанесете шминка.

Кремот е достапен по цена од 1.055 мкд за пакување од 30 мл. и истиот може да се најде ексклузивно само во ДМ маркетите.

Во додатна нега на кожата спаѓаат маските за лице кои имаат интензивно дејство врз кожата на лицето и ефектот е веднаш видлив врз самата кожа. Истата делува поубава, тонизирана, посјајна и секако со редовна употреба се гледа огромна разлика.

Една добра маска за лице треба да има два или повеќе од следниве ефекти врз кожата:

- длабински да ја нахрани и омекне кожата;
- да ја зголеми елстичноста на кожата;
- да го врати сјајот и здравиот исглед на кожата;
- да направи детоксификација на кожата, односно да ја прочисти истата;
- да ја спречи појавата на темните дамки и благо да ги избели веќе постоечките.


Маскиве кои ќе ви ги претставам во продолжение имаат многу од овие карактеристики и се први маски од овој вид кај нас ( говорам за природна и органска козметика секако) направени со 100% органски памук. Ајде да ги разгледаме и да видиме како се нанесуваат.

1. Анти ејџ маска за лице со органско киви 


Започнувам со оваа маска затоа што ми е една од поомилените. Претставува вистинска витаминска бомба како певенција за првите брчки, но и за оние кои имаат сива и беживотна кожа на лицето. Витаминот Ц кој го содржи водата од киви и водата од дуња е одличен за кожата, не само за избелување на евентуалните темни дамки, туку и секако како моќна анти ејџ состојка. Го враќа сјајот и еластичноста на самата кожа. Секако, овој ефект е зголемен и со вит. Ц од екстрактот од црвена рибизла и екстрактот од хибискус. Екстрактот од овес има омекнувачко дејство врз кожата, а екстрактот од индиска смоква има големо антиоксидантно дејство и ја тонизира кожата.


Оваа маска е многу лесна за нанесување, а убавото е во тоа што потоа не треба да миете, туку едноставно ја отстранувате и оставате вишокот на смеса да се впие во кожата. Памукот е секако биоразградлив, така да воопшто не е штетна за околината од ниеден аспект.

Се нанесува на убаво исчистено лице (по можност навечер) и се остава да делува од 10 до 15 мин.и потоа само се отстранува памукот од самата кожа на лицето.




Ја остава кожата неверојатно мека, убава и сјајна. Самата кожа изгледа посвежо а ќе ја чувствувате и позатегната и поеластична.

2. Детокс маска за лице со диња


Оваа маска има детокс односно прочистувачко дејство врз кожата благодарение на екстрактот од див морков, антиоксидантно дејство кое се должи на водата од киви и екстрактот од диња, меѓутоа и големо анти ејџ дејство благодарение на хијалуронската киселина. Одлично ја хидрира кожата и ја стимулира клеточната регенерација.


Напорната работа, загаденоста низ градскиот метеж, дневниот стрес имаат голема негативна улога врз нашата кожа. Moji’detox е одличното решение за детоксификација и освежување на кожата на лицето. Ја помага клеточната регенерација, штити од стрес од загадениот воздух од животната средина и ја хидрира кожата. Благодарение на активните концентрати кои детоксифицираат, хидрираат, регенерираат и смируваат, кожата ќе заблеска со сиот свој сјај. 

Се користи исто како и претходната, на убаво исчистено лице и се остава околу 10 до 15 мин. По истекот на времето се отстранува памучниот материјал и она што останало на лицето од смесата се остава да се впие. Потоа може да го нанесете вообичаениот крем за лице.

Маската може да ја купите по цена од 350 мкд ексклузивно во маркетите на ДМ.

3. Маска за лице со екстракт од праска


Доколку вашиот проблем е уморна, сива и безживотна кожа, тогаш оваа маска е вистинската за вас. Содржи екстракт од праска која има големо хидратантно дејство врз кожата, ја омекнува самата кожа и ја подобрува еластичноста. Содржи и вода од киви која е богата со Ц витамин и има антиоксидантно и анти ејџ дејство врз кожата. Екстрактот од пупки од бука има регенеративно дејство и ја подобрува еластичноста на самата кожа. Секако да не ја заборавиме и хијалуринската киселина која помага во оддржување на правилната хидратација на кожата и ја прави поеластична и посјајна.

Се користи на убаво исчистено лице и се остава околу 10 до 15 мин. По истекот на времето се отстранува памучниот материјал и она што останало на лицето од смесата се остава да се впие. Потоа може да го нанесете вообичаениот крем за лице.


Маската може да ја купите по цена од 360 мкд ексклузивно во маркетите на ДМ.

Сите три маски содржат 99% состојки од природно потекло и 11% состојки од органско земкоделство.

Драги мои, јас се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе пробате барем една од овие прекрасни маски кои навистина заслужуваат. Запомнете, маските за лице се прават еднаш неделно (најмногу до двапати), не повеќе бидејќи секое претерување дава спротивен ефект на посакуваниот.

Поздрав
Вики

Comments