Pulp de Vie - витаминска бомба за вашата кожа


Здраво драги мои,

премногу сум возбудена да ви претставам една нова прекрасна природна и органска марка на козметика која содржи од 99,59 до 100% состојки од природно потекло (повеќе од било која што досега сум ја рецензирала) со прекрасни благи формули и неверојатен ефект врз кожата на лицето. Станува збoр за француската марка Pulp de Vie. Оваа марка на природна и органска козметика носи два сертификати за органска козметика и тоа: EcoCert i Cosmebio. Пред да продолжиме понатаму со рецензиите, најнапред би сакала да ви разјаснам што всушност значи да се има два сертификати и каква гаранција добивате за производите кои ги носат. Ова е многу важно за сите нас, портошувачите,  со оглед на тоа што сакаме да бидеме заштитени и да купуваме производи со најдобар квалитет според светски стандарди.

EcoCert (создаден во Франција во 1991 год.) е една од најголемите и најважните организации за органски сертификат во Европа, кој сертифицира козметика, состојки, храна и средства за чистење. Претставува еден вид на контролно тело кое прави инспекции во 80 земји со многу строги критериуми и прецизни средства за анализа. Главен предуслов за да се добие овој вид на сертификат е:


- да производот содржи најмалку 95% состојки од природно потекло (преработени во производот според правилата на EcoCert ) и  најмалку 10% од органско потекло,

- истиот во никој случај не смее да содржи никаков вид на состојка од животинско потекло со исклучок на некои состојки кои не се директно по физички начин добиени од самото животно или инсект како на пример пчелиниот восок.

Без овие два базични предуслови, воопшто не може ни да се побара овој вид на сертификат.

Cosmebio е професионално здружение формирано во Франција во 2002 година креирано специјално за сертифицирање на органска козметика. Со цел производите да го добијат ова лого, истите најнапред треба да ги поминат сите контроли од контролното тело на EcoCert . Дури потоа истите производи се контролираат и од страна на Cosmebio кој на крај (доколку се поминат сите контроли) го става својот сертификат на истите.


Производите кои ги носат овие две лога имаат 2 контроли годишно што е многу важно бидејќи на тој начин се контролираат сите состојки, формулите и секако квалитетот на самите производи. Ова е од особена важност за нас потрошувачите.

Линијата Pulp de Vie (онаа која може да се најде кај нас) содржи вкупно 7 производи и тоа:

- мицеларен гел за чистење на шминка  од лицето
- нежна пена за измивање на кожата на лицето
- овошен воден серум за лице
- крем за лице
- три маски за лице од памучен материјал

Со цел подобро и подетално да ви ги претставам самите производи, истите ќе ги поделам во две статии: производи за чистење и производи за нега на кожата. Во оваа прва статија ќе ги разгледаме производите за чистење односно: мицеларниот гел, пената и серумот за лице.


Најважен чекор за нега на кожата, кој всушност претставува и основа за здрава и убава кожа, е чистењето кое подразбира отстранување на шминката, вишокот на себум, миење на лицето и тонизирање на кожата. Ова го имам многу убаво опишано и во мојата книга “Природно убави со Биодевојка“, Според мене пирамидата за здрава и убава кожа изгледа вака


Чистењето на кожата е најголемиот гест на љубов спрема вашата кожа и е основа на целокупната нега на вашата кожа, бидејќи од тоа зависи и функционалноста и ефикасноста на сите останати производи и третмани во секојдневната рутина за убава кожа.

Токму затоа сакам да започнам со овие три прекрасни поризводи кои заедно се предуслов за здрава, убава и чиста кожа.

1. (IM)PERFECTION AFTER DATE - Мицеларен гел за чистење лице


Шминката, нечистотијата која се лепи на нашата кожа во текот на целиот ден и вишокот на себум (масти) на кожата се главна причина зошто никако не смеете да си легнете без темелно да ја исчистите кожата на вашето лице и очите. Многупати шминката ја чистиме со првото нешто што ќе ни дојде при рака или ќе употребиме некоја влажна марамица...верувајте ми нема ништо полошо од тоа. Токму затоа, мој предлог за перфектно убава и чиста кожа на лицето и зоната околу очите е токму овој мицеларен гел.

Најнапред овој производ е уникатен. Колкупати досега сте виделе мицеларен гел? Секако сите сме виделе мицеларна вода, меѓутоа еве мора и јас самата да признаам дека ова е првпат да сретнам производ од овој вид. Гел структурата, за разлика од водената структура на мицеларната вода, е полесна за работа и отстранување на нечистотијата од кожата и што е најважно не ја суши кожата туку ја остава мека и хидрирана.


 Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на производот.

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, GLYCERIN, DAUCUS CAROTA SATIVA SEED EXTRACT*, POLYGLYCERYL-4 CAPRATE, PSEUDOTSUGA MENZIESII WATER*, ROSMARINUS OFFICINALIS FLOWER/LEAF/STEM EXTRACT*, SODIUM CITRATE, XANTHAN GUM, CITRUS PARADISI FRUIT WATER*, ALOE BARBADENSIS LEAF JUICE POWDER*, CITRUS CLEMENTINA FRUIT EXTRACT*, CHONDRUS CRISPUS, GLUCONOLACTONE, CITRIC ACID, LEVULINIC ACID, BENZYL ALCOHOL, ARGININE, PARFUM, SODIUM LEVULINATE, DEHYDROACETIC ACID, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE, LIMONENE, CITRAL.
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Најнапред мора да споменам дека е составен од 99,79% состојки од природно потекло и 20,55% од состојките се од контролирано органско потекло.

По водата на прва позиција, производот содржи глицерин и екстракт од морков кои имаат омекнувачко дејство врз самата кожа. Понатаму употребен е хидролат од еден вид на бор кој расте во Франција, екстракт од рузмарин, екстракт од клементина (еден вид на мандарина), цитрусен хидролат, алое вера екстракт и црвена алга. Формулата на овој производ е многу внимателно направена да моќта на овошјето со големо антиоксидантно дејство (како на пример цитрусните овошја) и хидратантната моќ на состојките како глицерин и алое вера екстракт даваат комплетно дејство на чистење на кожата со смирувачки ефект, меѓутоа и темелно отстранување на сите нечистотии (од загадениот воздух во градовите) и анти оксидантно дејство кое е од особена важност против слободните радикали. На тој начин кожата е прекрасно исчистена, меѓутоа и сјајна како резултат на самото антиоксидантно дејство.


Овој производ е на база на водени состојки, така да идеален е за сите видови на кожа, особено за комбинирана и масна кожа каде ги отстранува нечистотиите без да ја отежни самата кожа. Исто така одличен е и за многу чувствителна кожа со оглед на тоа што е многу нежен како производ. Има прекрасен цитрусен мирис и многу е нежен и за зоната околу очите. Внимавајте само да го држите окото затворено додека го чистите за да не ви навлезе производ во него. Одлично отстранува секаков вид на шминка


Се користи само навечер,  на тој начин што мала количина од производот се става врз една памучна дискета и најнапред се чисти шминката од кожата околу очите. За најлесно да ја исчистите шминката од очите, најнапред само допрете ја памучната дискета и оставете ја така околу 10 секунди. Потоа само благо повлечете ја за да ја отстраните нечистотијата. Продолжете со отстранување на шминката од целото лице. Ова средство ќе ви овозможи да на многу природен и лесен начин ја отстраните не само шминката од лицето, туку и остатоците од дневниот крем, маснотијата и нечистотиите излачени од самата кожа, како и штетните честички од загадениот воздух кои се залепиле за кожата.

Овој производ е ексклузивно достапен во дрогериите на ДМ низ републикава по цена од  710 мкд за 200 мл. производ.

2. RADIANCE & ENERGY FRIMOUSSE -Пена за миење на лицето


Многу е важно да правиме разлика помеѓу производ за отстранување на шминката и производ за миење на лицето, бидејќи како што кажува и самото име едниот ја отстранува само шминката, а другиот мие. Мицеларниот гел за кој говорев претходно ја остранува само шминката од лицето и потребно е истиот да се надополни со пената за миење на лицето која ќе ги отстрани евентуалните остатоци на самиот гел од лицето и нечистотијата. Токму затоа мицеларниот гел ќе го користите само кога имате шминка (најчесто навечер) додека пената двапати дневно и тоа, наутро и навечер.

Може да се каже дека најдобрата другарка на отстранувачот на шминка и секако најдобрата другарка на нашата кожа е токму оваа прекрасна пена за отстранување на нечистотиите од кожата.

Мене лично ми стана најомилениот производ за чистење на лице бидејќи е нежна, блага, ја остава кожата перфектно чиста и мека и што е најважно воопшто не суши и не дава чувство на затегната кожа. Ајде да ја разгледаме декларацијата на истата.

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA (WATER), MELISSA OFFICINALIS FLOWER/LEAF/STEM WATER*, GLYCERIN, DECYL GLUCOSIDE, SODIUM CHLORIDE, SODIUM COCOYL GLUTAMATE, CITRUS PARADISI (GRAPEFRUIT) FRUIT WATER*, SOLANUM LYCOPERSICUM (TOMATO) FRUIT WATER*, BENZYL ALCOHOL*, LEVULINIC ACID, COCO-GLUCOSIDE, GLYCERYL OLEATE, SODIUM LEVULINATE, PARFUM (FRAGRANCE), CITRIC ACID, DEHYDROACETIC ACID, CAMELINA SATIVA SEED OIL*, LIMONENE.
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Верувајте ми, според декларацијата, а и според ефектот, ова е дефинитивно најнежниот производ за измивање на кожата на лицето кој сум го пробала досега. Како сурфактанти се употребени само три и тоа најнежните односно децил глукозид, коко глукозид и глицерил олеат. Формулата е збогатена со хидролат од мелиса, глицерин, вода од домат, вода од лимонов балсам, масло од семки од камелина.

Составен е од 99,59% состојки од природно потекло и 11,99% состојки од органско потекло.



Дава убава и густа пена која уште веднаш во контакт со кожата дава чувство на нешто убаво и пријатно. По миењето, кожата е мека, свиленкаста и хидрирана. Можам да кажам дека по употребата ќе се почувствувате како да сте ја ослободиле кожата од целата нечистотија. Ќе се чувствувате навистина лесно и пријатно. Воопшто нема појава на затегање или пецкање на кожата и кожата воопшто не ја чувствувате сува. Кожата е истовремено чиста, хидрирана и мека. Има преубав мирис на нешто цитрусно.

Се користи на тој начин што мала количина од пената се става најнапред на дланката, а потоа се нанесува на навлажнета кожа на лицето наутро и навечер со благи и кружни движења. Темелно се одмива со млака вода и миењето потоа се завршува со поладна вода за да се разбуди циркулацијата на кожата.

Овој производ е ексклузивно достапен во дрогериите на ДМ низ републикава по цена од  710 мкд за 125 мл. производ.

3. FIRST WRINKLES - Овошен воден серум за лице


Ов е всушност еден многу интересен производ кој претставува нешто помеѓу тоник и серум за лице. Всушност овој производ има повеќе од една функција врз кожата на лицето, за за тоа ќе говориме подоцна во самата статија. Направен е со 100% состојки од природно потекло и 12,47% состојки од органско потекло. Еве ја декларацијата

СОСТОЈКИ(INCI) : AQUA (WATER), ROSA DAMASCENA FLOWER WATER*, GLYCERIN, HAMAMELIS VIRGINIANA (WITCH HAZEL) LEAF WATER*, MELISSA OFFICINALIS FLOWER/LEAF/STEM WATER*, FICUS CARICA (FIG) FRUIT WATER*, LEUCONOSTOC/RADISH ROOT FERMENT FILTRATE, POLYGLYCERYL-4 CAPRATE, SACCHARIDE ISOMERATE, RIBES NIGRUM (BLACK CURRANT) LEAF EXTRACT*, PARFUM (FRAGRANCE), PHENETHYL ALCOHOL, SODIUM HYDROXIDE, SODIUM HYALURONATE, CITRIC ACID, SODIUM CITRATE.
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Овој производ е навистина доста едноставен, меѓутоа функционален. Составен е од малку состојки, внимателно одбрани, кои не само што ја негуваат кожата, туку и ја спречуваат појавата на првите брчки на самата кожа. Содржи хидролат од роза,  хидролат од хамамелис, хидролат од мелиса, вода од смоква, екстракт од капина и хијалуронска киселина. Исто така содржи и една патентирана состојка наречена pentavin која во декларацијата може да ја најдете како saccaride isomerate која е всушност составена од шеќери и чија главна улога е да ја зголеми хидратацијата на кожата, или подобро кажано да ја задржи правилната хидратација на кожата.


Како што напоменав на почетокот овој производ може да се користи на повеќе начини и тоа:

- како тоник за лице за оддржување на правилната пХ вредност на кожата;
- како освежувач за лице (секојпат кога имате потреба да ја освежите кожата на лицето доколку ја чувствувате сува и затегната)
- како воден серум (со оглед на тоа што има и анти ејџ влијание врз самата кожа);
- како фиксатор за шминка;

Се користи на тој начин што се испрскува врз кожата на лицето од растојание околу 30 см. секојпат кога за тоа ќе почувствувате потреба.

Овој производ е ексклузивно достапен во дрогериите на ДМ низ републикава по цена од 710 мкд за 120 мл. производ.

Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна, а доколку е тоа така, знајте дека за недела дена ќе следува и вториот дел каде ќе ви го претстравам кремот за нега на лицето и памучните маски за нега на кожата.

Ви благодарам за вниманието и ви посакувам убава вечер.
Вики

Comments