Маска со прав од амла за здрава, сјајна и густа коса...лесно како еден, два, три...


Амла е една од многубројните состојки која природата ни ги дава на располагање за нега на косата, но и кожата. Ова мало индијско овошје е вистински рудник на Ц витамин (содржи 20 пати повеќе Ц витамин од портокалот). Комбинацијата на Ц витаминот и бифлавоноидите ја прават оваа билка моќен антиоксиданс и во индијската медицина е наречена “овошје на младоста“.

Амлата е античко дрво и според индијската традиција и легенда, ова било најпрвото дрво во целиот универзум. Индијското име е Amlaki. Претставува една од најпознатите ајурведски состојки за нега на косата. Ја подобрува структурата на самата коса, ја штити од хемиските производи и загадениот воздух, го подобрува растот на косата и го спречува опаѓањето. Исто така е одлична во забавување на предвременото побелување на косата. Претставува вистински суперхерој во светот на овошјето.


За разлика од многу други билки оваа не ја бои косата и не ја потемнува, туку напротив, ја истакнува и интензивира природната боја на косата. Го прави самото влакно поубаво, погусто и посјајно. Од сѐ што досега имам пробано, ниеден производ не може ни оддалеку да и се доближи на амлата кога станува збор за спречување на прекумерното опаѓање на косата. Овој период лани пиев додатоци во исхраната на база на просо и кератин и сепак успеав само малку да го забавам сезонското опаѓање на косата (кое за жал е многу нормално и од кое страдаме скоро сите). Оваа година почнав да правам маски само со прав од амла (еднаш или двапати неделно, зависи од тоа колку време имам на располагање) и морам да ви кажам дека еве за месец дена и без никаков додаток во исхраната косата е многу поздрава и поубава, како никогаш досега. За среќа успевам да го спречам сезонското опаѓање, а и самата коса има поголем сјај, делува поздраво, полесна е за чешлање и обликување и нешто што апсолутно ме радува, самото влакно делува погусто. Не само на изглед туку и на допир.


Постои и масло од амла (го имам дома и јас), меѓутоа од правот сум многу позадоволна. Доколку имате потенко влакно маслото може многу да отежни (со оглед на тоа што како база обично се користи рицинусово масло) и потребо е убаво да се одмие. Правот е полесен за измивање (иако и тука потребно е темелно да го одмиете инаку косата ќе ви делува нечисто) и што е најважно дава многу подобар ефект (барем според мене). Ајде убаво да ги разгледаме сите бенефиции од ова овошје за нега на косата.

1. Го прочистува и зајакнува коренот на косата

Како што веќе напоменав, амлата има способност да го спречи прекумерното опаѓање на косата и да го зајакне коренот на самата коса. Освен тоа го преочистува темето и го регулира прекумерното лачење на себум (односно масти на косата). Дава волумен на косата и го забавува предвременото белеење на влакното.


2. Го измазнува влакното

Колкупати кога сте ја измиле и исушиле косата истата била наелектризирана или делувала како слама? Маската со прав од амла не само што ја зајакнива косата на темето, туку ја измазнува и по дложината и го трга оној ефект на слама, сува или наелектризирана коса. Ова верувајте ми не е за потценување.

3. Ја штити косата од надворешните влијанија и загадениот воздух

Редовните третмани, односно маски со прав од амла, прават да нашата коса биде поотпорна на надворешните влијанија и загадениот воздух што е особено важно за сите оние кои живеат во градските средини.


Освен за нега на косата, амлата е одлична и за нега и прочистување на кожата на лицето. Верувајте ми уште по првата апликација ќе забележите огромна разлика. Кожата ќе биде поубава, колоритот подобрен, со еден збор ќе блеска. Ова секако се должи на Ц витаминот кој е многу моќен антиоксиданс и штити од лошото дејство на слободните радикали. Секојпат кога ќе ја правите маската за коса (која ќе ви ја дадам во продолжение) мал дел нанесете и на лицето. Кожата ќе ви биде премногу благодарна.


Основниот рецепт (оној кој јас го користам за подготовка на маска за коса и кожа) се состои само од амла и топла вода. Во зависност од должината и густината на косата во еден стаклен или порцелански сад ставете од 3 до 5 супени лажици амла и додадете топла вода. Убаво мешајте додека да добиете убава смеса која не е ни многу течна ни многу густа ( по потреба додадете некоја од состојките). Откако ќе ја направите смесата оставете ја да отстои од 15 до 20 минути.


Маската со прав од амла се нанесува на веќе измиена и чиста коса. Значи најнапред косата се мие со шампон и откако ќе се исплакне, на многу мокра коса се нанесува маската на коренот и по должината со блага масажа (започнете од коренот на косата и потоа остатокот од косата носете го нагоре кон коренот и масирајте.


На тој начин маската ќе ја распределите рамномерно по целата должина на косата). Оставете ја да делува најмалку саат време (може и повеќе доколку имате време). По истекот на времето се плакне само со вода (без употреба на шампон). Ви подготвив едно кратко видео каде може да ја видите комплетната постапка за подготовка и нанесување на маската од амла, и секако ефектот врз косата.



Каде може да се најде???


Во Италија правот од амла се продава во индијските и пакистанските продавнички (оној донесен од Индија), како и во природните аптеки и био парфимерии. Во Македонија за жал го нема во продажните места, меѓутоа не очајувајте може многу лесно да се нарача од амазон. Еве ви оставам линк Прав од амла Марката која јас лично би ви ја препорачала е Khadi


Ова е една од најдобрите марки кои освен прав од амла продаваат и масло од амла, шампони (кои ги имам пробано и одлични се), регенератори и маски. Може да се најдат на амазон пишувајки Amla powder Khadi или Polvere di Amla Khadi. Вие, секако, доколку најдете некоја друга марка слободно земете ја. Оваа ја имам пробано и затоа и ви ја препорачав.

Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и пред сѐ ви беше од корист. Доколку е тоа така ставете лајк, споделете ја на вашите фејсбук профили и споделете ја со вашите пријатели. Ве поканувам слободно да оставите ваш коментар или било какво прашање. Целта на статиите е токму таа, да кометираме, да споделиме информации и взаемно да се едуцираме.


Ние се читаме наскоро, а дотогаш ве гушкам и ви посакувам секое добро.
Вики

Comments

  1. Многу корисна статија,како и секогаш.Би сакала да пробам прав,иако сум користела масло од амла.Јас го пронајдов овој прав на iherb,па ако може да го разгледаш и да кажеш дали вреди да се порача од таму.Eве линк https://www.iherb.com/pr/Pure-Indian-Foods-Organic-Amla-Powder-8-oz-227-g/79298?_ga=2.138804533.761683847.1570484071-219587768.1564751193

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Викторија ти благодарам многу на коментарот и убавите зборови Секако, и овој прав е добар и органски. Слободно нарачај го. Поздрав.

      Delete
  2. Имам уште нешто нејасно,се надевам не пречам со коментариве.🙂
    Сакам да те прашам дали си пробала да го пиеш и дали го препорачуваш за внатрешна употреба.Некои го пиеле за подобрување на имунитетот,но можеби така не би го дал овој ефект на косата,а мене најмногу ми треба за тоа...Сакам да те консултирам уште за ова.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга никако не пречиш со коментарите слободно пиши кога сакаш. Мене ми е премногу мило. Најискрено никогаш не сум пробала да ја внесувам по внатрешен пат и не се осмелувам да ти дадам никаков совет со оглед на тоа што не е во мој домен. Нанесена директно врз косата прави чуда, за ова ти гарантирам јас. За внатрешна конзумација исконсултирај се со некој нутриционист. Поздравче

      Delete

Post a Comment