Исплакнувачи на база на оцет за здрава, сјајна и неодолива коса


Здраво драги мои,

нашата коса е секојдневно изложена на разни атмосферски влијанија како ветар, сонце и дожд, кои имаат тенденција да го ослабнат влакното. Да не зборувам за фенот, фигарото и пресата кои предизвикуваат поголеми оштетувања  на самата коса и доколку често се користат може да ја ослабнат и изгорат и најздравата коса. Стресот секако не ни е од помош и додатно ја ослабнува косата. Нашата коса говори  за нас и честопати е одлика на нашите внатрешни чувства или пак укажува на некои здравствени проблеми. Во случај на здравствени проблеми секако исконсултиpајте се со вашите матични лекари, меѓутоа во нормални услови доволно е да воведете една природна состојка во секојдневната нега на вашата коса, односно оцетот.


Јаболковиот оцет претставува стар метод (познат од времето на нашите баби) за поубава, поздрава и посјајна коса. Оцетот е навистина многу важна состојка за убавината и здравјето на косата, и не само што дава огромен сјај, туку ја враќа и оптималната pH вредност (во случај да користите сапуни за миење на косата или некој друг производ со алкална pH вредност). Се користи растворен во вода (најдобро дестилирана) како последно исплакнување на косата (може да претставува замена и за балсамот) и потоа не се одмива од косата, туку се остава да делува сѐ до следното миење. Не грижете се, мирисот на оцетот ќе исчезне штом косата се исуши.

Основниот рецепт за исплакнувач на база на оцет е:
500 мл. вода
1 ипол супена лажица оцет

Доколку за првпат го пробувате овој метод јас препорачувам да започнете со оваа количина, а откако косата ќе се навикне, може 250 - 300 мл. вода со 1 супена лажица оцет.

Во зависност од типот и бојата на вашата коса, во денешнава статија ќе ви кажам како да го персонализирате овој исплакнувач,односно како да го збогатите оцетот со билки и да направите истиот колку толку да ги превземе позитивните својства од самата билка.
Голем број на билки и кора од некои овошја имаат одлично влијание врз нашата коса. Тука на пример би ги издвоила: коприва, рузмарин, лаванда, жалфија, кора од лимон и кората од потрокал. Секоја од овие билки има различно влијание и е наменета за различна проблематика на косата.


Во случај на проблеми со опаѓање на косата може да пробате оцет од рузмарин или коприва. 



Во случај на проблеми со првутот оцет од жалфија. 



Во случај на сув скалп оцет од лаванда или камилица. Доколку сакате да и дадете поголем сјај на темната коса во тој случај оцетот од жалфија и коприва се идеални. 


За руса коса оцетот од кора од лимон или портокал, како и оцетот од цвет на камилица ќе направат вашата коса да блеска и ќе ги истакнат уште повеќе светлите прамени. 



За секој тип на коса постои билен оцет кој ќе ја направи самата коса поздрава и поубава. Природата нуди решение за сите состојби на косата. Потребно е само да се познаваат билките и истите да се применат за подготовка на овој домашен билен или растителен оцет. Ајде да видиме како може сами дома да го направите истиот, и како најдобро да го користите.

Најнапред потребно е да одберете една свежа билка (онаа што најмногу ви се допаѓа и која е најадекватна на вашиот тип на коса). Бирајте секогаш органски или диви нетретирани билки. Доколку имате сопствена градина искористете ги билките кои сами ги одгледувате (на тој начин сте сигурни дека она што ќе го ставите на косатa не е хемиски третирано). Откако ќе ја наберете билката со помош на едно влажно марамче нежно потапкајте ја со цел да го тргнете правот и нечистотијата од самата билка. Нежно и без многу притисок. Во случај на лимон или портокал бирајте исклучително органски производи и убаво измијте го и исушете го плодот пред употреба. Билката потоа ставете ја во една празна и чиста стаклена тегла и прелијте ја со оцет сѐ додека комплетно не ја покриете самата билка. 


Во случај на лимон и портокал, со помош на еден нож отстранете го само најгорниот слој од кората (без она белото, кората треба да биде многу тенка), ставете ја во теглата и прекријте ја со оцет. Ви советувам да користите секогаш јаболков оцет, по можност органски (може многу лесно да го најдете во сите супермаркети и продавници за храна). 

Откако сте ја наполниле теглата со оцет истата затворете ја со капакот од самата тегла и ставете ја во креденец да отстои најмалку 2 недели (времетраењето е од 2 до 4 недели). Одвреме навреме протресувајте ја теглата со цел да го олесните процесот на спојување на билката со оцетот, односно да му овозможите на самиот оцет да ги извлече корисните состојки од билката. 


По истекот на времето прецедете ја течноста (убаво притискајте ја биклата да испушти што повеќе од оцетот кој го апсорбирала) и вашиот домашен и природен растителен оцет е готов.

Ајде да видиме како правилно се користи врз косата. Најнапред измијте ја косата со шампон како што тоа обично го правите. Доколку сметате дека е неопходно ставете и регенератор и исплакнете. Ве молам користете шампони без силикони. Ова е навистинамногу важно за здрава и убава коса. Џабе ни се сите природни третмани доколку косата е полна со силикони. 


Во случај на многу долга и густа, земете еден сад во кој ќе ставите оцет и вода (според рецептот погоре). Почнете да ја топите косата од краевите по должината (ставајќи ја самата киса во садот). 


На крај со главата надолу (нaд кадата) прелијте ја косата со остатокот од смесата. Доколку вашата коса е пократка, во тој случај прелијте ја косата директно со растворот од оцет и вода ставен во едно пластично шише.

Овој третман дава резултати веднаш. Уште по првата употреба ќе ја почувствувате вашата коса помека, поубава, а во случај на виткана коса локните ќе бидат подефинирани и самата коса ќе има поголем сјај. Еве погледнете слики од употребата на оцетот врз два различни типа на коса. Едната е на Нермина која има долга и густа темна коса, додека другата е ефектот на исплакнувачот врз руса коса со потенко влакно како мојата.




Верувајте ми, со редовна употреба вашата коса ќе се препороди и ке биде поубава, повитална и посјајна.

Дали некогаш сте пробале да го примените овој метод и какво дејство имал врз вашата коса? Сите ваши коментари се добредојдени.
Вики

Comments