Направи сам: Домашно масло од смиљ


Здраво драги мои,

во последно време станав опседната со билки (виновен е мастерот по природна медицина и билкарство кој моментално го посетувам) и верувајте ми секој момент го користам за правење на масло или екстракт од разни билки во зависност од својствата кои истите ги имаат врз нашата кожа, коса и организам. Во некоја од наредните статии ќе ви дадам повеќе рецепти за домашни екстракти или тинктури кои може и внатрешно да се внесуваат.

Во оваа статија ќе говориме за една многу убава и корисна билка, односно смиљот, и ќе ви кажам како сами дома со малку пари да направите прекрасно масло кое ќе може да го користите за многу состојби на кожата. Навистина е лесно за подготовка, а бенефициите од овој наш мал проект ќе бидат многубројни.


Смиљот (Helichrysum Italicum) претежно расте на морските, меѓутоа и на планинските предели (кај нас може да се најде во Крушево). Има повеќе видови на смиљ кои се разликуваат по бојата на цветовите, иако најраспространет е токму Helichrysum Italicum кој се карактеризира со интензивно жолта боја. Цвета летно време (од јуни до август) и затоа уште се нарекува и “сончево злато“. 

Според природната медицина и науката за билки, смиљот е многу вредна билка со оглед на тоа што го подобрува метаболизмот, помага во регулирање на крвниот притисок, ја подобрува состојбата на нервниот систем и ги олеснува болките во мускулите. Од козметички аспект маслото од смиљ има антивоспалително дејство, помага во случај на псоријаза и егзема на кожата, од огромна корист е во случај на изгореници од сонцето (има многу подобро дејство од било кое друго масло), одлично смирува секаков вид на иритација на кожата и помага во случај на било каков вид на херпес.

Во продажба може да се најде масло од смиљ, меѓутоа зошто да трошиме многу пари за готов производ каде не знаеме со какво масло е направено и дали е помешано со нешто друго, кога може многу лесно сами дома да го направиме и тоа за навистина малку пари. Сушен смиљ може да најдете на зелено пазарче од оние стари луѓе кои го продаваат пред пазарчето и кои самите рачно го собираат. Цената на смиљот е од 30 до 40 мкд од букетче. Со оглед на тоа што во нашата република расте во Крушево, може да бидеме сигурни дека станува збор за чиста околина.


Сѐ што ќе ви биде потребно да подготвите домашно масло од смиљ е 100 гр. сува билка и 500 мл масло (маслиново или сончогледово). Ви советувам да бирате ладно цедени масла поради тоа што во нив се останати сите хранливи состојки и својства од маслото. Јас за моето масло користев масло од ориз од проста прчина што го имав а и ми се здозади да користам само маслиново, па сакав да променам. Меѓутоа кај нас малку потешко се наоѓа ова масло така да слободно користете или маслиново или сончогледово масло.

Најнапред во една тегла се става билката и потоа се додава маслото.



Секако може да направите поголема или помала количина од онаа која ви ја дадов, во зависност од тоа колку сува билка ќе најдете. Откако ќе го додадете маслото затворете ја теглата и ставете ја на некое суво темно место, на пример креденец во кујната. Отсавете ја така 40 дена со протресување на теглата еднаш дневно.


По истекот на времето прецедете го маслото и во сувата билка додадете уште 100 гр, масло и повторно зтворете ја во теглата. Оставете ја така уште еден ден па повторно процедете. Со оглед на оа што во билката секогаш останува малку масло (кое е најконцентрираниот дел од маслото) кога ќе и се додаде ново масло, билката од алчност ќе го апсорбира новото а притоа ќе го испушти старото кое е концентрирано и богато со состојки од самата билка.  На тој начин сме потрошиле уште 100 гр. ново масло, меѓутоа сме го земале најубавиот дел од маслото она што билката во себе го задржала. При второво процедување убаво притиснете ја билката за да испушти што повеќе масло и тоа е тоа. Вашето прекрасно домашно масло од смиљ е готово и може да го користите како директно на кожата, така и во подготовка на масла, креми, маслени балсами и останато.

Драги мои, се надевам дека и оваа статија ви се допадна и се надевам дека ќе се обидете да направите домашно масло од смиљ. Верувајте за помалку од 200 мкд ќе имате околу половина литар масло кое е домашно, природно и подготвено со љуов од самите вас. Јас ве поздравувам и се читаме наскоро.

Вики

Comments

  1. Ви Благодарам, сега само што го направив и со задоволство ќе го користам. Поздрав

    ReplyDelete
  2. This comment has been removed by the author.

    ReplyDelete
  3. Прекрасно, убавина!🌾

    ReplyDelete

Post a Comment