Рецензија на крем пудра за лице на органската марка PHYT'S


Здраво драги мои,

пудрата за лице, особено онаа течната е секогаш во мода и мислам дека колку и да пишувам и препорачувам секогаш постои интерес за ваков тип на производ. Течната пудра нема само за цел да ги прикрие недостатоците на лицето, туку една убаво формулирана пудра треба пред сѐ да биде во состојба да ја хидрира кожата, да ја оддржи еластична и да го изедначи тенот на кожата без да ја отежнува или да прави еден вид на маска. Токму затоа, во оваа статија би сакала да ви предложам една нова пудра која досега ја немав пробано ниту рецензирано и која откако ја пробав навистина многу ми се допадна, односно пудрата за лице на францускиот органски бренд Phyt's.

Со оглед на тоа што за првпат ја рецензирам оваа марка, збор два за самата марка и производите кои ги нуди на пазарот. Phyt's е француска марка на органска козметика (присутна веќе околу 40 години) каде поголем дел од состојките (секако не сите) доаѓаат од органско потекло (тука спаѓаат маслата, восоците и екстрактите). Освен течните пудри оваа куќа на органска шминка нуди и кармини, туш, маскари, руменила и моливчиња за очи и уста.

Пудрата која ќе ви ја претставам во оваа статија всушност претставува еден вид на производ 2 во 1. Меѓутоа, како и за секој производ, најнапред ќе ја разгледаме декларацијата и формулата на самиот производ, ќе проговориме за состојките, а дури потоа и за ефектот врз самата кожа.


INCI : Aqua/Water/Eau, squalane, Aloe barbadensis leaf extract*, dicaprylyl carbonate, Glycerin, polyglyceryl-3 diisostearate, xylitylglucoside, jojoba esters, anhydroxylitol, magnesium sulfate, sodium chloride, hydrogenated castor oil, silica, talc, xylitol, Acacia decurrens flower wax, Helianthus annuus seed wax, Glycine soja (Soybean) oil, tocopherol, parfum (Fragrance), glyceryl dibehenate, tribehenin, glyceryl behenate, polyglycerin-3, hydrogenated lecithin, benzyl alcohol, CI 77891, CI 77492, CI 77491, CI 77499, citronella, eugenol, limonene, linalool.
*ingrédient d’origine Biologique

Од декларацијата јасно може да се види дека овој крем е всушност формула О/W (Oil in Water) или на македоснки масло во вода. Овој тип на емулзија е најтешка за подготовка (ви го кажувам ова од лично искуство со оглед на тоа што и самата ги правам).

Ајде најнапред да ви објаснам што всушност значи емулзија масло во вода??? Значи дека процентот на масло во производот е најчесто од 25 до 30% додека водата е обично околу 70-75%. Формулата се прави на тој начин што молекулите на маслото на некој начин се вплеткуваат помеѓу молекулите на водата и ги раздвојуваат, односно ги држат одвоени. Кога кремот ќе се нанесе на лицето без разлика на тоа што содржи повисок процент на масла, при мачкањето се ослободуваат молекулите на вода кои на кожата и даваат висока хидратација, а ќе се зачудите дека маслото воопшто и нема да се забележува, во смисла ваквиот тип на формули честопати воопшто не делуваат ни масно врз кожата.


Меѓутоа да се вратиме на декларацијата на овој производ. По водата на втора позиција има една состојка која се нарекува сквалан (squalane) која е многу компатибилна со нашата кожа. Squalane е исклучително од растително потекло за разлика од squalene кое обично се добива од ајкулите и некои видови на риби. Оваа состојка е многу моќен антиоксиданс и го спречува штетното влијание на слободните радикали, а со самото тоа и предвременото стареење на кожата. Токму затоа овој производ има и анти ејџ ефект.

Во производов оваа состојка е искомбинирана со уште две многу лесни масла, односно dicaprylyl carbonate кое е еден вид на суво масло односно дава сув и свиленксат ефект во формулите, и масло од соја. Обично во емулзиите масло во вода, маслата потребно е да бидат многу лесни за да може убаво да се вметнат помеѓу молекулите на вода (како што е во случајов).

Може да забележиме глицерин во формулата кој не само што е ставен за поголема хидратација на кожата туку и за стабилност на целиот производ, односно емулзија. Како емулгатор е користен polyglyceryl-3 diisostearate кој е еден од најдобрите емулгатори од природно потекло за ваков тип на емулзија, а како згуснувач наместо ксантан кој обично може да се види во производите овде е употребена солта.

Во самиот производ може да се забележи и талк кој има за цел да даде сув ефект или свиленкаст ефект врз кожата. Кога производот ќе се намачка нема да остави масна трага, туку веднаш ќе се впие или полесно ќе се впие во кожата, без притоа да има некаква алтерација во одличната хидратантна моќ на истиот.


Токму затоа според мене оваа пудра одговара за скоро секаков тип на кожа. Доколку имате претерано масна кожа, најнапред ви советувам да пробате тестерче ли пак доколку ја имате одозгора да ја фиксирате со пудра во прав. Јас имам комбинирана кожа и можам да кажам дека ефектот кој го дава е фантастичен. Со оглед на тоа што претставува еден вид на емулзија масло во вода, има навистина одлична хидратантна моќ, кожата брзо го впива и ја остава мека и мазна. дава еден вид на ефект 2 во 1 нешто помеѓу крем и пудра. Не е класична пудра која има за цел да прикрие и толку, туку според функцијата и ефектот претставува еден вид на ББ крем (иако сепак е пудра), бидејќи освен тоа што одлично го изедначува тенот на кожата истовремено ја негува самата кожа и ја дава потребната хидратација која е од особена важност летниот период.

Овој производ е достапен во три нијанси и тоа светло беж, беж (онаа која ја имам јас) и златесто беж. Јас намерно одбрав беж а не светло беж, најнапред затоа што повеќе сакам за нијанса потемни пудри кои даваат поздрав ефект врз кожата, отколку ептен светли пудри кои ми даваат блед изглед. А и впрочем сега сме веќе зачекорени во летниот период, така да потемна пудра е повеќе од добредојдена. Според мене оваа беж е еден вид на златна средина помеѓу светлата и онаа златен беж која е со потопла односно златеста нијанса и за мене е доста потемна.

Еве ја нијансата на самата пудра која ја одбрав


Еве го ефектот на пудрата врз кожата (имам нанесено само пудра без никаква останата шминка за подобро да ви го доловам ефектот на истата).


Пудрата е нанесена без фиксирање на истата со пудра во прав и можам да кажам дека дава преубав природен изглед. Ефектот врз кожата особено ми се допаѓа зтоа што имате чувство на мека свиленкаста кожа. Воопшто не е тешка и нема ни да почувствувате дека нешто сте нанеле на лицето.

Еве ја пудрата со плус шминка за еден покомплетен изглед.


Овде пудрата ја фиксирав со малку пудра во прав. Меѓутоа мора да напоменам дека и да не ја фиксирате овој производ доста трае и останува на лицето.

Доколку сте во потрага по еден нов производ каде вашата цел е ефект 2 во 1 односно хидратација плус изедначување на тенот, во тој случај топло ви препорачувам да го пробате овој. Може да го најдете само онлајн на вебсајтот  на Био Хабит www.biohabit.mk

Се надевам дека оваа рецензија ви се допадна и дека пред сѐ ви беше од корист, а во некоја од следните статии ви најавувам рецензија на уште два декоративни производи од оваа марка и тоа ајлајнерот и кармините.

Ве гушкам
Вики

Comments