Дали да одберам Dr. Hauschka хидратантен крем или Dr. Hauschka балсам за нега на кожата околу очите?


Здраво драги мои,

како што можевте да забележите од самиот наслов, во денешнава статија ќе говориме за два прекрасни производи за нега на кожата околу очите, односно хидратантниот крем и хранливиот балсам на германскиот бренд Dr. Hauschka. Можеби сум ви кажала, а можеби и не, дека оваа марка ми е една од најдрагите затоа што мојот премин кон органската козметика го направив токму со Dr. Hauschka. Оваа марка не се појави за да го следи трендот на органската козметика, според мене Dr. Hauschka ја креираше органската козметичка култура. Ми се допаѓаат скоро сите производи од овој бренд, особено овие два производи, кои ги сметам за неизбежни доколку сакате правилно и природно да ја негувате кожата во пределот околу очите.

Во последен период добив навистина многу прашања поврзани токму со овие два производи од типот: кој производ е подобар, каква е намената, каков е ефектот, дали е подобро да се одбере крем или балсам??? Доколку и вие сте си ги поставиле истиве прашања и сте во дилема што да одберете, продолжете да читате затоа што во продолжение детално ќе ви ги претставам и обајснам двата производа и ќе ви го кажам своето лично мислење за нив и ефектите врз мојата кожа.

1. Хидратантен крем за нега на кожата околу очите на Dr. Hauschka


Може да кажам дека овој крем е единствен од органската козметика кој е наменет за сите возрасти со оглед на тоа што нема некои специфични анти ејџ состојки како на пример Q10, хијалуронска киселина и др. Токму затоа кога и да ме прашаат за препорака за крем околу очи кој го спречува предвременото стареење, меѓутоа е погоден и за помлада кожа, јас секогаш го препорачувам овој.

Моќта на овој крем е во комбинацијата на масла, путери, пчелин восок и екстракти. Одговара за сечија возраст бидејќи ја оддржува правилната хидратација и еластичност на кожата и со самото тоа го спречува предвременото стареење, што е од особена важност за убава и здрава кожа во пределот околу очите. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата, а потоа ќе проговориме за структурата и ефектот врз кожата.

Water (Aqua), Persea Gratissima (Avocado) Oil, Rosa Damascena Flower Water, Glycerin, Alcohol, Ananas Sativus (Pineapple) Fruit Extract, Althaea Officinalis Leaf Extract, Beeswax (Cera Alba), Calendula Officinalis Flower Extract, Arachis Hypogaea (Peanut) Oil, Hectorite, Prunus Amygdalus Dulcis (Sweet Almond) Oil, Rosa Damascena Flower Extract, Prunus Armeniaca (Apricot) Kernel Oil, Lysolecithin, Simmondsia Chinensis (Jojoba) Seed Oil, Macadamia Ternifolia Seed Oil, Mangifera Indica (Mango) Seed Butter, Butyrospermum Parkii (Shea) Butter, Hippophae Rhamnoides Fruit Oil, Chondrus Crispus Extract, Glyceryl Stearate, Stearic Acid, Xanthan Gum, Sodium Stearoyl Lactylate, Fragrance (Parfum)*, Geraniol*.


Ретко кој крем може да се пофали со ваква добра декларација и пред сѐ одлична комбинација на состојките како овој. По водата на втора позиција може да забележите масло од авокадо, кое е многу богато со токоферол (витамин Е), каротеноид (кој се претвора во витамин А) и фитостероли, кои го поттикнуваат клеточниот метаболизам на обнова, придонесуваат за задржување на еластичноста на самата кожа и го спречуваат предвременото стареење на кожата. На трета позиција има хидролат од роза кој сигурно е со многу висок квалитет, познавајќи ја филозофијата на оваа марка и фактот што голем дел од состојките како на пример розите потекнуваат од биодинамичка култура и од сопствената градина.

Маслото од авокадо во овој крем е потпомогнато со дејството на уште неколку многу ценети масла и тоа: масло од семки од кајсија, масло од јојоба, масло од сладок бадем, масло од макадамија, масло од див волчји трн (во декларацијата ќе го најдете како Hippophae Rhamnoides Fruit Oil) кое има 15 пати повеќе витамин Ц од портокалот и е многу богато со витамин Е. Како што може да забележите маслата се намерно избрани со различна густина и одлично искомбинирани со шеа путер, манго путер и пчелиниот восок со цел да се добие една убава структура на производ, со средна густина и доста компактна како смеса, која истовремено ќе биде лесна за нанесување и ќе дава одлична хидратација.

Како екстракти може да забележиме екстракт од ананс кој има освежувачко дејство врз кожата, екстракт од невен кој го дава ленитивното дејство на овој производ и екстракт од роза кој го подобрува хидратантното дејство.


Структурата е доста лесна, ни многу густа, ни многу течна. Би рекла идеална за еден ваков вид на производ чија примарна цел е да ја оддржува правилната хидратација на кожата околу очите. Според мене овој крем е идеален за преку ден како подлога за шминка или пак доколку немате многу време да нанесувате маслени производи и сакате нешто што кожата веднаш ќе го впие. Има одлична хидратантна моќ, ја задржува потребната влага на кожата, одлично храни и како што кажав кожата веднаш го впива. Погоден е за секоја состојба на кожата и за лицата кои носат контантни леќи. Воопшто не се забележува дека сте го ставиле, дава чувство на свежина и не ја отежнува кожата во тој предел.

Начин на употреба:


Се нанесува мала количина од производот околу очите на сува кожа. најнапред во еден правец а потоа и во обратен, без преголем притисок врз самата кожа.

Доколку сте во потрага по еден производ со овие карактеристики, во тој случај топло ви препорачувам да го земете овој, верувајте ми ќе бидете повеќе од задоволни.

Како и скоро сите креми од оваа марка, доаѓа во пакување во тубичка и е многу практично за употреба и комотно.

2. Хранлив балсам за нега на кожата околу очите на Dr. Hauschka


Како што кажува и самото име, станува збор за еден производ кој има доста маслена структура, со оглед на тоа што е во вид на балсам. Овој балсам е направен исклучиво од висококвалитетни масла, путери и пчелин восок, без присуство на вода или хидролати (не содржи водена фаза). Ајде да ја разгледаме декларацијата и на овој прекрасен производ и да ви објаснам како да го користите и каков е ефектот на истиот.

Ricinus Communis (Castor) Seed Oil, Arachis Hypogaea (Peanut) Oil, Beeswax (Cera Alba), Daucus Carota Sativa (Carrot) Root Extract, Anthyllis Vulneraria Extract, Prunus Armeniaca (Apricot) Kernel Oil, Calendula Officinalis Flower Extract, Theobroma Cacao (Cocoa) Seed Butter, Hypericum Perforatum Flower/Leaf/Stem Extract, Silk (Serica) Powder, Simmondsia Chinensis (Jojoba) Seed Oil, Melia Azadirachta Leaf Extract, Fragrance (Parfum)*, Citronellol*, Geraniol*, Limonene*, Linalool*, Citral*, Eugenol*, Farnesol*, Lecithin.

Како што претходно напоменав, а може да го забележите и од самата декларација, овој производ е направен исклучиво на маслена база. Како прво масло може да го забележите маслото од рицинус кое е доста густо масло и одлично за нега на кожата околу очите. Не само што храни и негува, туку има и благ избелувачки ефект, кој во случајов доколку страдате од темни кругови и тоа како е добредојден. Ова масло е во комбинација со полесни масла како на пример она од кикирики и она од семки од кајсија. Во производов може да забележиме и присуство на масло од морков кое исто така е многу корисно, особено кај возрасната кожа, со оглед на тоа што е богато со витамин А и ја оддржува еластичноста на кожата, а со самото тоа ја спречува појавата на брчки. Овие масла се одлично искомбинирани со какао путер и пчелин восок кој ја даваа таа цврста балсам структура.

Производов е феноменален затоа што неверојатно ја храни кожата. Верувајте ми, ништо нема да ја нахрани подобро кожата околу очите (особено доколку ви е многу сува или пак доколку имате повозрасна кожа) од овој балсам. Мене ми се допаѓа премногу затоа што, доколку редовно го користите, кожата на допир ја чувствувате свиленкаста и мека (а тоа е она што го сакаме сите нели).



Овој производ има жолтеникаво- портокалова боја и многу нежен мирис. Доаѓа во мала тегличка со капаче која е доста интересна и комотна. Ви советувам да го земате со чисти раце или пак уште подобро со едно мало дрвено или пластично стапче.

Според мене (мое лично мислење) овој балсам е попогоден како дневна нега зимно време кога климата е постудена и нашата кожа е на ризик од временските услови и прекумерно сушење како дејство од преголемиот студ. Не го препорачувам за дневна нега во лето, освен ако немате навистина многу сува кожа. Доколку се шминкате, летно време може шминката да ви се размачка и подобро е да го одберете во тој случај хидратантниот крем на Dr. Hauschka  кој го рецензирав погоре.

Меѓутоа доколу имате многу сува кожа, топло ви препорачувам овој балсам да го користите како ноќна нега во текот на целата година, без разлика на годините. Доколку го нанесете навечер, во текот на ноќта кожата ќе го впие целиот производ и наутро ќе се разбудите со прекрасна мека кожа. Мислам дека доколку го користите како ноќна нега, за месец дена нема да ја препознаете вашата кожа, а линиите околу очите ќе бидат видно намалени.

Јас која досега претежно го користев само хидратантниот крем за околу очи од Dr. Hauschka, се вљубив во овој производ кога за првпат го пробав. Идеално би било доколку наутро го користите кремот а навечер балсамот, бидејќи на тој начин на вашата кожа и давате комплетна нега. Наутро користите производ кој хидрира и не масти, брзо се впива и не ја отежнува кожата, додека навечер користите производ кој длабински ја храни и омекнува кожата, ја намалува видливоста на темните кругови под очите и ја остава кожата мека како свила.

Начин на употреба: 


Се зема мал дел од производот и се топи помеѓу прстите. Со оглед на тоа што е исклучиво на маслена база, овој производ се  нанесува на благо навлажнета кожа. На тој начин кожата ќе може максимално да ги искористи сите хранливи својства на производот, а и самиот производ полесно и побрзо ќе се впие во кожата. најнапред се нанесува со движење од внатрешноста кон надворешноста на окото, па потоа обратно со благи движења, без многу притисок.

Драги мои, се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист, а пред сѐ се надевам дека ќе ви помогне во еден правилен избор на еден од овие два прекрасни производ на Dr. Hauschka.

Дали вие досега имате пробано некој од овие две креми и како ви се допаднале? Споделете ги вашите мислења и искуства под самата статија.

Огромен поздрав и ве гушкам.
Вики

Comments