Како да изберете добар козметички производ???


Здраво драги мои,

веќе многу имам пишувано за состојките кои е пожелно да се избегнуваат во козметичките производи и за нивното дејство врз кожата (доколку сте ја пропуштиле статијата прочитајте ја на овој линк).

Оваа статија ја пишувам како поттик на едно прашање кое го добив на форумот Фемина за козметичките производи. Иако имам многу пишувано за сите состојки, се помислив да направам специјална статија каде ќе пишувам за секоја категорија на производи посебно (креми за лице, креми за тело, гелови за туширање, шампони и.т.н.) и ќе ви дадам примери на добро избалансирана и лошо избалансирана формула на сите видови на производ посебно.

Ова го правам со цел да ви олеснам на сите кога одите во шопинг по козметика (природна секако), како да ги препознавате состојките и што да бирате. Ова е секако генерално, многу зависи од производ до производ и соодносот на сите состојки во него, меѓутоа горе долу, ова ќе ви служи како база за понатамошна надоградба.

Ајде да започнеме.

1. Производи за нега на лицето (креми, серуми, тоници)


Веќе сите добро знаеме дека кажуваме СТОП на силикони, нафтени деривати, парабени, хемиски филтри за заштита од сонцето...Еден добар крем за лице освен што треба да нема ниедна од овие состојки треба да има и правилна пх вредност која е во склад со онаа природната на нашата кожа.

Ех тука почнуваат сите дилеми. Како да знаеме која е пх вредноста на кремот кој сме го одбрале? Во поголем број на случаеви не може да знаеме, освен ако не ја измериме пх вредноста со специјални картички за оваа намена. Меѓутоа би сакала да ви дадам еден случај кој е од особена ВАЖНОСТ при изборот на кремите, каде пх вредоста е базна, односно повисока од 7.

Во сите креми (оние во кои има и водена и масна фаза) се ставаат емулгатори кои служат за да ги спојат двете фази кои инаку би се одвоиле. Еден вид на такво спојување се добива со комбинација на две состојки stearic acid и triethanolamine. Секогаш кога ќе ги видите овие две состојки во една иста декларација, знајте дека кремот е емулзиран со еден вид на сапун кој има базна пх вредност, додека онаа на нашата кожа е благо киселкаста.

Со употреба на овој вид на креми правиме алтерација на природната пх вредност на нашата кожа и може да придонесеме до појава на несакани последици на истата. Еве ви пример на декларација каде се користени овие две состојки


Значи гледајте ја внимателно декларацијата и обавезно избегнувајте ги кремите или пудрите за лице со ваков вид на емулгатор.

Исто така мој совет ви е да избегнувате пропилен гликол propylene glycol на висока позиција во било кој производ за нега на лицето (креми, тоници, серуми). со оглед на тоа што оваа состојка го олеснува продирањето на екстрактите од производот во кожата. Меѓутоа не само тоа, туку општо го олеснува продирањето на било која друга состојка во производот, вклучувајќи ги и конзервансите на пример. Делува на тој начин што со долга употреба постепено ја ослабнува природната заштита на кожата, односно заштитниот филм, кое според мене не е правилно, бидејќи на тој начин кожата станува понеотпорна на надворешните влијанија и секако многу почувствителна.

Единствен вид на производ каде оваа состојка нема големо влијание е пудрата во прав, со оглед на тоа што честичките на самата пудра се такви да не навлегуваат во кожата, туку остануваат вез неа, односно прикриваат. Меѓутоа во тоници, креми и серуми, мој совет е да ја избегнувате доколку ја видите на првите три четири позиции. Доколку се наоѓа на крајот од листата, не е страшно.

2. Производи за миење на лицето


Спротивно од кремите, кога станува збор за миење на лицето одговараат и базни производи на пример сапуни (по можност домашни и природни). Зошто??? Затоа што, без разлика на тоа што во овој случај пх вредноста е различна од онаа на кожата, производот е на измивање и кожата по кратко време (во мормални услови) сама ја повраќа својата пх вредност. Проблемот е кај кремите и серумите кои како што напоменав погоре се оставаат да делуваат на кожата (не се производи на измивање) и со текот на времето предизвикуваат алтерација на природната пх вредност на кожата.

За останатите течни производи како гелови или пени, не би можела да ви дадам генерално правило, затоа што зависи од распоредот и составот на истите, Може само да ви кажам дека доколку имате екстремно чувствителна, сува кожа склона кон иритации, подобро е да бирате производи кои не содржат сулфати како главен сурфактант. Овде спаѓаат сите оние кои завршуваат на Sulfateкако на пример: Sodium Laureth Sulfate, Sodium Lauryl Sulfate, Sodium Coco Sulfate, Ammonium Lauryl Sulfate и.т.н.

3. Производи за туширање и шампони


И тука правило бр. 1 СТОП на силикони, нафтени деривати, парабени, тешки конзерванси кои испуштаат формалдехид...

Производите за измивање на телото и шампоните се дефинитивно производи за кои добивам најголем број на прашања. Овој тип на производи за да може да ја извршуваат својата намена во составот содржат сурфактанти или измивачи. Овие измивачи функционираат на тој начин што еден дел од молекулата се врзува за матите односно нечистотијата, а другиот за водата. Кога измиваме, оној дел што се врзал за водата го влече со себе оној кој се врзал за маснотијата и резултатот е чиста кожа или коса.

За овој вид на производи секако мнпгу зависи од производот и сурфактантите кои се користени и секако нивниот сооднос со останатите состојки, меѓутоа за среќа може да ви дадам едно правило како да препознаете дали базата на производот е агресивна или не. Ова е од огромно значење, затоа што самиот производ ќе биде доста агресивен за кожата или косата, а тоа не ни е од корист ниту пак ни е цел кога бираме ваков тип на производи. Правилото е следново:

Формула 1:

AQUA - SODIUM LAURETH SULFATE- COCAMIDOPROPYL BETAINE - SODIUM CHLORIDE = УБАВО ИЗБАЛАНСИРАНА ФОРМУЛА

 Формула 2:

AQUA - SODIUM LAURETH SULFATE- SODIUM CHLORIDE - COCAMIDOPROPYL BETAINE = АГРЕСИВНА ФОРМУЛА

Бидете многу внимателни на овие две формули. Сигурно ќе си го поставите прашањето, зошто првата е убава а втората агресивна? Затоа што главниот сурфактант Содиум Лаурет Сулфат како сурова состојка е течен. Овој сурфактант е масовно употребуван од многу козметички куќи најнапред затоа што е многу евтин, прави убава пена, помалку е агресивен од другите сулфати и.....затоа што лесно се згуснува со сол, а солта е многу евтина. Така да со малку пари се добива производ.

Доколку во формулата овој сурфактант е избалансиран со некој од анфотерните сурфактанти на пример Бетаин (betainе) или Кокоанфодиацетат (cocoanfodiacetatе), агресивноста на овој сурфактант се намалува а и делумно се згуснува во формулата. Солта треба да доаѓа секогаш после бетаинот, никако претходно. Ова е многу важно да го запаметите, и ве молем гледајте ги секогаш убаво првите 4 состојки кои се база на производот.


4. Деодоранси


На оваа тема пишував опширно во статијата за природни деодоранси.
Знаеме дека апсолутно состојка бр. 1 која треба да се избегнува кај деодорансите е алуминиумовата сол. Меѓутоа исто така и потасиум алум, триклосан, пропилен гликол и парабени.

Пропилен гликолот обично го ставаат на високи позиции во деодорансите, меѓутоа веќе ви го објаснив неговото дејство, така да апсолутно е за избегнување. Јас лично помеѓу деодоранси кои на висока позиција содржат пропилен гликол и оние кои на висока позиција содржат алкохол би ги избрала вторите, бидејќи дел од алкохолот испарува, додека пропилен гликолот не.

Оние од вас кои имаат многу чувствителна кожа треба да избегнуваат деодоранси на база на алкохол и да ги користат оние на база на триетил цитрат. Доколку станува збор за производ кој е комбинација на алкохол со триетрил цитрат може слободно да го користите, затоа што најнапред стигнува триетил цитратот кој веднаш делува против бактериите одговорни за лошиот мирис.

Ете драги мои, ова беа неколку основни категории на производи кои сакав да го споменам, и за кои сакав да ви дадам совет за правилен избор. Секако има многу да се пишува на оваа тема, па доколку вие имате било какви прашања слободно пишете ги под статијата.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Replies
    1. Благодарам драга Мартина, мило ми е што ти се допадна. Поздрав.

      Delete
  2. Fala ti Viki, mnogu jasno i korisno napišano

    ReplyDelete
    Replies
    1. Благодарам драга Нермина. Голем поздрав.

      Delete

Post a Comment