Домашен крем со кафе за нега на кожата околу очите


Здраво на сите,

Повеќето од нас се будат со уморен поглед и честопати страдаат од подочници. Токму затоа денес за вас имам подготвено еден навистина одличен рецепт за крем за нега на кожата околу очите кој има енергетско влијание, ја буди кожата и благо ги прикрива подочниците.

Кремов го користам веќе недела дена наутро и можам да кажам дека одлично ја негува нежната кожа околу очите и ја прави самата кожа позатегната благодарение на кафето. Да не должам многу, сигурно сте љубопитни како го направив, па затоа да преминеме на рецептот.


2 кафени лажички арганово масло;
1 кафена лажичка кокосово масло
1 ипол кафена лажичка масло од авокадо (маслиново)
1 кафена лажичка какао путер;
1 неполна кафена лажичка рендан пчелин восок;
2 кафени лажички сварено кафе (само течноста)

Најнапред на пареа стопете ги маслата, пчелиниот восок и какао путерот. Истовремено можете да го подготвите и кафето кое може да биде појако од она кое нормално го правиме за пиење.


Постојано мешајте ги маслата (најдобро со машинка за нескафе) и постепено додавајте го кафето не цело одеднаш туку малку по малку. Продолжете да мешате оставајќи кремот сам природно да се олади.

Не го ставајте во фрижидер за да не ви се раздвојат маслената и водената фаза, туку оставете го природно да се олади.

Потребно е убаво да мешате и да имате навистина доста трпение.

Комбинацијата на масла и путери во овој крем одлично ја негуваат нежната кожа околу очите. Кафето е богато со кафеин и полифеноли кои се моќни антиоксиданси, Го подобрува тонусот на кожата, ја буди кожата наутро и со оглед на тоа што има блага кафена боја, сосем нежно ги прикрива трагите на умор и дава поприродна боја.


Се нанесува мала количина на благо навлажнета кожа и се тапка со прстите додека да се впие.

Кремов има доста убава и густа структура и неодолив мирис на кафе. Трае до два месеци на собна температура доколку правилно се чува и зема со дрвена шпатула за да не го расипете.

Затоа и количините кои ви ги предложив се мали, а верувејте ми доколку редовно го користите за месец ипол ќе го завршите.

Доколку сте љубители на домашните креми и проектите направи сам, се надевам дека ќе се обидете да го направите овој природен и доста ефикасен крем за нега на кожата околу очите.

Доколку го направите споделете ги вашите искуства под самиот текст.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments