Нови прекрасни и ефикасни нискобуџетни производи


Здраво драги мои,

еве ме со уште една статија за интересни производи кои ги пробувам специјално за вас.

Овојпат имам да ви претставам два прекрасни производи кои мене лично многу ми се допаднаа. Едниот е под 500 мкд, а другиот е нешто над 500, односно 580мкд.
Обично како што знаете ви претставувам само производи под 500, меѓутоа верувајте ми, овој навистина вреди, така да овојпат може да направиме исклучок.

1. Мус пудра за лице на Alverde


Отидов во ДМ по друга пудра која се мислев да ја земем веќе подолго време, меѓутоа кога ја видов и пробав оваа се предомислив. На база на масла е, меѓутоа не масти со оглед на тоа што има силика и мика кои даваат сув ефект, а сепак така се добро искомбинирани што не ја сушат кожата. Има пенаста структура и навистина е доста лесна како производ.


Сама нанесена на лицето има средна покривност, меѓутоа кога врз неа ќе се нанесе и онаа минералната пудра во прав тогаш има навистина фантастична покривност. Она што особено ми се допаѓа е трајноста на оваа пудра. Трае на лицето цел ден. Ја нанесов дури и за Нова Година и верувајте ми сликите во 5 часот сабајле се исти како оние во 20 часот вечерта.



 

Доколку имате нормална кожа може да ја користите само оваа пудра. Оние со комбинирана треба да ја фиксираат со малку минерална пудра во прав, затоа што само оваа може да направи кожата на челото малку да светне. Во комбинација со минералната пудра во прав како што реков е добитна комбинација. Кожата е нахранета, меѓутоа воопшто не свети.


Според мене оваа пудра е добра за нормална до комбинирана кожа. Не би ја препорачала на оние кои имаат сува или масна кожа.

Цената е 320 мкд и може да го најдете во маркетите на ДМ.

2. Анти ејџ крем за лице со матичен млеч на Fleurance


Овој крем го земав сосема случајно во Зегин Сити  Мол, затоа што беше дел од 5-те производи кои беа на 50% попуст. Го платив 290 мкд со попуст што значи дека целосната цена е 580 мкд.

Премногу сум среќна што го најдов на попуст затоа што можеби немаше да го земам со оглед на тоа што имам доста креми дома.

Со оглед на тоа што првпат говорам за оваа козметика мора да напоменам дека Fleurance е француска органска козметика која според мене е доста пристапна со цените. Не е евтина, меѓутоа не е ни премногу скапа, нешто измеѓу.

Кремов има средно густа структура и кожата веднаш го впива. Базата на овој крем е хидролат од портокал, глицерин и масло од сончоглед кои го прават погоден за нормална до комбинирана кожа. Јас имам комбинирана кожа и верувајте ми кремов толку ми се погоди што во наредниов месец планирам да го користам само овој.


Од останатите состојки има матичен млеч, екстракт од зелен чај, масло од јојоба и авокадо и шеа путер кој го прават идеален за превенција на брчките на лицето. Има анти ејџ влијание и антиоксидантно дејство и одлично ја храни кожата во овие ладни денови.

Доколку сте во потрага по интересен анти ејџ крем за лице кој не е премногу скап, а сепак ефикасен, во тој случај земете го овој. Верувајте ми вреди секој денар.

Се надевам дека овие два производи ви се допаѓаат, а вие доколку ги пробате пишете под самиот текст колку и како сте задоволни.

Поздрав
Вики


Comments

  1. Ја купив кремата, и навистина е многу убава. Се уште е на попуст, но од 20 посто.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Наташа, навистина ми е многу мило што ти се допадна овој крем. И мене ми се погоди ептен и сега за сега само него го користам за преку ден. Баш ми е погоден за ова ладно време. Огромен поздрав.

      Delete

Post a Comment