Природна козметика од височините на Кожув


 Кога велам Технолошко Металуршки Факултет, последно нешто кое ви паѓа на ум е природната козметика нели? Барем така беше во мојот случај сѐ додека случајно не дојдов до едно фантастично откритие дека на овој факултет постои интерес и љубов кон природното, кога станува збор за козметиката.


Една вечер на еден голем моден настан, случајно забележав козметика која досега ја немав видено, и секако, јас не би била јас доколку не ја свртам веднаш декларацијата за да видам за што станува збор.

Не само што кремот содржеше само природни состојки кои се во склад со она што го работам, туку истиот беше направен токму од студентите на Технолошко Металуршкиот Факултет (на самиот факултет постојат предметите Технологија на козметички производи и Фармацевтска технологија, каде се произведуваат најразлични креми како на пример емулзии масло во вода, емулзии вода во масло и така натаму).

Може да замислите колку бев најнапред пријатно изненадена, а потоа и воодушевена што пронајдов нов вид на козметика кој згора на сѐ е во склад со мојата филозофија.

Идеата за производите кои го привлекоа моето внимание се родила благодарение на дипломецот Ангелчо Јованов кој има мала семејна фарма за пчели на Кожув каде произведува матичен млеч, прополис, пчелин восок и др.  Тој заедно со асистент Јана Клопчевска и проф. Весна Рафајловска реализираа три вида на креми и две лабела за усни, каде употребуваат само природни состојки и тоа: пчелин восок, ладно цедени масла од кокос, јојоба, бадем и шеа путер.


Со оглед на тоа што станува збор за маслени производи каде нема присуство на вода, витаминот Е го користат како антиоксиданс на самиот производ, кој има и одлично влијание врз кожата.

Целта за креирањето на еден ваков вид на креми е враќањето кон природата со малку состојки кои (дел од нив како пчелин восок, матичен млеч) доаѓаат директно од Кожув од 800 метри надморска височина, од комплетно чист предел. Користење на еко френдли технологија која е во склад со природата и она што не опкружува.


Лично пробав три производи (две креми и лабело), за кои би сакала да кажам свое мислење.

Кремата за регенерација на кожата ја користев како мелем за најсувите делови на телото. Овој крем има навистина огромно регенерирачко дејство и одлично ја омекнува дури и најгрубата кожа. Со оглед на тоа што е маслен производ, ви препорачувам секогаш да го нанесувате на благо навлажнета кожа (на пример по туширање) за да може кожата комплетно да ги искористи неговите својства.

Доколку имате сува кожа на лицето на која и треба додатна нега (особено во овие ладни месеци) слободно може да го користите на благо навлажнето лице по нанесувањето на тоникот.

Јас најискрено го пробав и како маска за коса. Го нанесов на благо навлажнета коса само по должината и врвовите и го оставив да делува околу саат време. По истекот на времето ја измив косата со шампон. Со оглед на тоа што имам сува коса овој крем беше фантастичен и за таа намена.

Може слободно да го користите и за стајлинг на косата, наместо штетните силиконски капки само на врвовите на косата. Откако ќе ја измиете и благо засушите косата, на сеуште влажна коса ставете ептен мала количина од производов и продолжете со сушење и обликување на косата. Самото влакно ќе биде помеко, посјајно и на некој начин позаштитено.


Кремот кој помага за акни, особено ме привлече и навистина бев многу љубопитна да го пробам. Структурата е маслена, меѓутоа ова нека не ве плаши со оглед на тоа што маслата кои се употребени во овој производ помагаат при оваа проблематика, доколку станува збор за блага форма на акни. Во случај на поголеми проблеми со кожата, посоветувајте се со вашите дерматолози.

Овој производ содржи рицинусово, невеново и кантарионово масло.

Рицинусовото масло содржи рицинолеинска киселина која помага во случај на блага форма на акни.

Невеновото масло има смирувачки ефект и е особено е корисно во случај на црвенило или флекички на кожата.

Овој производ се нанесува на благо навлажнето лице, на пример после употребата на тоникот, во мала количина (секако не претерувајте со количините).

Запоменете само дека секоја кожа е различна и дека ефектот или реакцијата не може да биде иста кај сите нас.

Лабелото за усни ги содржи (горе долу) истите состојки како кремите.

Верувајте ми, навистина ми беше задоволство што ја открив оваа интересна колекција и ви ја претставувам од срце, без никаква соработка или маркетиншки цели.

Голем поздрав и до скоро читање
Вики

Comments

  1. Moze cena da mi kazes za kremovite? kade mozam da gi najdam? dali imaat strana facebook?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, цената е околу 300 денари, а за фејсбук страна не знам дали имаат. Може да ти оставам број на Ангелчо (дечкото кој произведува восок и матичен млеч) па да се слушнеш со него за сѐ.

      Delete
  2. Со оглед на тоа што добив голем број на приватни пораки од читателки кои прашуваат како да ги набават овие производи, го оставам овде бројот на Ангелчо 070394571. Него може да го исконтактирате за сите детали. Поздрав

    ReplyDelete

Post a Comment