Вкусни и летни морски тестенини


Здраво драги мои,

рецептот кој ќе ви го предложам денес секако не е чест кај нас со оглед на тоа што морската храна потешко се наоѓа (или може да ја најдете замрзната), меѓутоа знам дека многу читатели и читателки се љубители на риба и морска храна.

Доколку е тоа случај и со вас, би сакала да ви предложам еден интересен начин на кој може да ги припремите тестенините за некоја посебна прилика, за саканата личност, за да ги изненадите гостите или едноставно за себе си.

Во овој рецепт како морска храна ќе ги користиме школките.

Како што веќе напоменав школките може да ги најдете веќе замрзнати и исчистени во скоро сите поголеми супермаркети во текот на целата година. Меѓутоа во овој период доста често ги носат и свежи. Доколку ги најдете свежи и не знаете како да ги исчистите и подготвите, продолжете да ја читате статијата.


Да започнеме со подготовката

Загрејте солена вода во едно тенџере и кога ќе почне да врие ставете ги шпагетите. 

Во меѓувреме додека водата се загрева да ги исчистиме школките.

Најнапред рачно отстранете го делот од школката кој излегува од самата школка помеѓу двата краја. Само нежно повлечете нагоре и ќе го извадите. Ова повторете го со сите школки.


Потоа со помош на едно железно сунѓерче почнете да ги чистите одозгора и мијте ги со ладна вода. Бидете внимателни да не ги скршите.


Откако убаво ќе ги исчистите, може да започнеме со подготовката.


Во едно тенџере најнапред ставете малку кромид и лукче (количината зависи од вас и вашиот вкус) и пропржете ги кратко со маслиново масло.

Додадете ги школките, промешајте кратко и додадете малку бело вино и мали шери домати (јас во моментот немав шери, па исеков поголем домат на парченца).


Поклопете со капак и остевете околу 3-5 мин. додека школките да се отворат. Нема потреба да ставате сол овде затоа што школките се доста солени, така да ви препорачувам прво да пробате, па доколку сметате дека треба да биде посолено, потоа да додадете.

Откако ќе се отворат школките во смесата додадете ги варените шпагети. (ви советувам тестенините да не ги преварите многу претходно, затоа што во сосот треба да отстојат најмалку две минути за да ги впијат сите вкусови).


Убаво мешајте околу 2-3 минути додека шпагетите да го апсорбираат вкусот од сосот.

Потоа може да сервирате.


Овој рецепт е навистина доста вкусен но и лесен, особено во овие летни денови кога нема потреба од тешка храна и сосови.


Доколку не ви се допаѓаат домати или пак сте алергични на нив, во тој случај наместо домати во сосот од вино додадете половина цеден портокал. Вкусот на јадењето ќе биде фантастичен. По желба може да додадете и маслинки.

Се надевам дека ви се допадна.

Поздрав и до следно читање.
Вики




Comments