Убави нискобуџетни козметички производи (под 500 денари)


Здраво на сите,

честопати кога добивам приватни пораки многумина од вас ме прашуваат за производи под 500 денари. Иако сите знаеме што е убаво и добро, понекогаш буџетот ни е лимитиран и не можеме да си дозволиме поскапи производи.

Се одлучив да почнам да пишувам ваков вид на статии, од време на време, како што ќе откривам економични производи така ќе ви ги претставувам.

Не станува збор за реклама на ниедна фирма, туку едноставно за производи кои сама си ги купувам и користам и од кои сум лично задоволна.

Секако сите сме различни и она што одговара за мене не мора да одговара за сите, меѓутоа може да ви послужи како предлог или идеја.

1. Сет шминки на Alverde


Откако го купив овој сет на шминки, за мене е вистинаки must have. Навистина е доста комотен и може да се носи во ташна. Се состои од две сенки за очи, карин-сјај и камена пудра.

Она што најмногу ми се допаѓа се сенките за очи. Обично останатите сенки кои ги имам од истава марка не се толку пигментирани и потребно е да ставам повеќе производ за да ја добијам посакуваната боја. Овие од друга страна се фантастични. Навистина се многу пигментирани, доста долго траат и идеални како за преку ден така за навечер. Како што може да видите од сликата едната сенка е светло златесто- бакарна боја со сјај (како со светки), а другата е кафена мат.

Карминот кој е повеќе како сјај многу нежно ја бои устата и повеќе делува како обоено лабело отколку како кармин. Ако се нанесат два до три слоја станува еден вид на кармин.

Камената пудра сега за сега ретко ја користам, затоа што ја користам онаа другата на Alverde која е минерална во прав.

Сетот го земав на попуст 265 денари, а редовна цена му е 399 денари.

2. Масло од јојоба на Bioсosmos


Маслото од јојоба на Bioсosmos стана дефинитивно едно од моите најомилени козметички производи. Го користам во скоро сите мои рецепти за кожа и коса. Исто така во последно време го користам како замена за дневен крем за лице во комбинација со алое вера гел. Ова масло е одлично за секаков вид на кожа, особено за комбинирана до масна, со оглед на тоа што го нормализира производството на себум во кожата.

Цената на ова масло е 315 денари.

3. Лакови за нокти на Golden Rose


Кога ја правев статијата за лаковите ви кажав дека не постои органски лак за нокти (сеуште не е измислен) меѓутоа напоменав кои состојки пожелно е да се избегнуваат.

Оваа марка на лакови за нокти, Golden Rose ми се допаѓа затоа што за многу пристапна цена нуди навистина квалитетни лакови кои се 5 free, односно не содржат Formaldehydе, Toulene, Dibutyl Phthalate, Camphor и Formaldehyde Resin (или Tosylamide Resin). Многу често се на попуст а има навистина голем избор.
Оние кои јас ги купив беа од 55 до 90 денари.

4. Крем за раце со Уреа на La Ligne


Никогаш немаше ни да дознаам за овој крем за раце да не беше една моја читателка која ми го посочи. Кремов е високо хидратантен и одлично ја негува кожата на рацете. Не е органски производ, меѓутоа содржи многу убави состојки како глицерин, 5% уреа, шеа путер, масла, витамин Е и др.

Со оглед на тоа што дома имам многу домашни креми за раце кои ги ставам навечер, овој го користам за преку ден  со оглед на тоа што не масти а сепак ја прави кожата многу мека.

Цената е фантастична мислам дека беше 49 денари, а ќе го најдете во Кам Маркет.

5. Мицеларна вода на Olival


Мислам дека ова е единствена мицеларна вода која е нискобуџетна со одличен состав. Не станува збор за органска козметика, меѓутоа е сертифицирана како природна и има многу добра декларација и формула.

Нежна е за очите (благодарение на благата формула и масло од смил) и одлично ја отстранува шминката од лицето. Според мене погодна е за комбинирана до масна кожа со оглед на тоа што чисти а не масти.

Јас ја земав на попуст околу 160 денари, а редовната цена е 380 денари.

6. Кремаст производ за стајлинг на косата на Balea


Бев изненадена кога го открив овој производ и навистина ми се допадна. Без силикони, со убава формула иако не е комплетно природен, сепак е ок за косата. Мора да напоменам дека ја остава косата мека и пред сѐ сјајна.

Има фантастичен мирис каде доминира кокосот и воопшто не ја масти косата.

Цената не ми текнува затоа што беше подарок, меѓутоа мислам дека околу 150 денари.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна, а вие секако слободно пишувајте ми за било каква идеја, предлог или барање.

Кои се вашите омилени нискобуџетни производи?

Вики

Comments

  1. Супер статија, ја прочитав со внимание, дел од производите ги имам пробано, а на дел дефинитивно би им дала шанса.
    Има многу добри производи под 500 ден. за жал, не секогаш го читам составот и искрено не сум за заинтересирала колку се добри или штетни по здравјето, но еве неколку мои омилени во последниов период:

    Лабелово на Maybelline
    http://scene7.targetimg1.com/is/image/Target/14938746?wid=480&hei=480
    Има нежна, дури малку водена структура, ги обновува усните, не е лепливо и ги лади истовремено, бидејќи има ментол, што го прави совршено за лето.
    Остава симпатична бледо розова и по малку сјајна, пак ќе кажам како водена трага, што е супер за во лето. Цената му е околу 100-115 денари и е едно од подобрите лабела кои сум ги купила.

    CC крем на Bioten
    http://www.tinytouchups.com/wp-content/uploads/2014/03/bioten-cc-cream-review-620x423.jpg
    Цената е некои 220 ден. средно покривна, остава суптилен сјај како по сончање, мислам дека е наменета за сува кожа, но поминува и кај комбинирана со сосем малку пудра во прав или нежно тапкање на камена во Т-зоната. Средно покривна, сум видела и полоши пудри што покриваат помалку, но во секој случај добро се впива, со еден збор - лесен тониран крем, со малку сјај.

    Хајлатерите на Aura
    http://1.bp.blogspot.com/-k5eZIhzTdfs/Ui9UyigAv0I/AAAAAAAAIi8/2LubVSc_wQ0/s1600/aura+hajlajteri+2.jpg
    Одлична пигментација, минимално нанесување, максимален природен и здрав сјај ги обожавам. Околу 230 ден. и овие, како и сите руменила на Аура вредат за секое денарче...

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Милена, ти благодарам многу на времето кое го одвои за да ја прочиташ оваа статија и за твојот коментар. Голем поздрав до тебе.

      Delete
  2. Здраво! :)
    Имаш одлични постови, многу интересни и примамливи за читање.
    Добри совети даваш за козметичите производи за коса и лице. Супер е се, целата замисла е одлична и еден од поретките и најдобрите блогови кај нас од ваков вид.Продолжи така.
    Но сепак на крај ќе ти упатам една критика(добронамерна).
    Доколу сакаш да го подобриш квалитетот на фотографиите да изгледаат попрофесионално со подобар апарат бидејќи добра фотографија безразлика дали е за моден или за шминка блог го примамува вниманието на читателот уште повеќе.и секако темата(позадината) на блогот.
    Останатото е се супер, без замерка.
    Поздрав!:)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво и најнапред многу ти благодарам на коментарот и убавите зборови. Голема благодарност и до критиката, секако во иднина штом успеам да набавам подобар апарат ќе биде и тоа. Голем поздрав.

      Delete

Post a Comment