Нискокалоричен овошен леден сладолед

Здраво на сите,

со овие високи температури сите размислуваме како да се освежиме и оладиме. Пиеме ладни чаеви, вода, конзумираме овошни салати и зошто да не и по некој сладолед.

Во оваа статија ќе ви предложам еден одличен нискокалоричен овошен леден сладолед. Навистина е доста освежувачки и на водена база (што значи дека е одличен и за веганите), а според мене претставува и одлична можност на децата да им даваме овошје велејќи им дека јадат сладолед.

Голем број од овој вид на сладоледи во продажба содржат вештачки бои, ароми или голем процент на шеќери. Токму затоа ние ќе си го направиме дома, одбирајќи го нашето омилено сезонско овошје.

За ледениот сладолед кој го направив јас употребив:


100 гр. малини
100 гр. вода
1 банана
1 супена лажица кафеав шеќер

Во еден сад најнапред ставете ја водата со шеќерот и загрејте сѐ додека убаво да се стопи. Во блендер ставете ги малините и бананата и работете сѐ додека не добиете убава густа смеса.


Откако водата е изладена помешајте ги убаво двете смеси и доколку сакате процедете ги низ една цедилка за чај и ставете ги во калапчиња за сладолед.
Јас лично не ги процедив затоа што ми се допаѓаат ситните парченца од малина.Ставете ги во замрзнувач неколку саати и потоа  може слободно да ги конзумирате.




Оригиналниот рецепт содржеше само вода малини и шеќер и тоа многу повеќе шеќер од она што употребив јас. Се одлучив малку да го променам оригиналниот рецепт со тоа што ставив банана која е слатка и има здрави природни шеќери и само една лажица кафеав шеќер.

Мора да напоменам дека со овие количини испадна многу вкусен (барем според мој вкус).

Овој рецепт секако не претставува оригинален сладолед, туку еден вид на леден овошен сладолед или замрзнато овошје, меѓутоа одлично освежува.


Може да го направите со овошје по ваш избор, не мора да бидат малини, меѓутоа без разлика на овошјето што ќе го изберете, ви советувам секогаш да користите банана за засладување.

Се адевам дека ви се допадна овој рецепт.

До скоро читање.
Вики


Comments

  1. Replies
    1. Фала :) Многу е лесен за правење а ептен освежува!!!

      Delete

Post a Comment