Многу вкусни лајт тестенини со лосос


Здраво на сите,

тестенините се дефинитивно една од омилените намирници на многумина од нас и често ги конзумираме во разни форми и со разни сосови.

Како што имам напоменато во една од моите статии, тестенините не се непријател на добрата линија, разликата е во она што го нанесуваме врз нив.

Исто така важно е да напоменам дека е секогаш подобро доколку бирате интегрални тестенини, со оглед на тоа што белите се доста преработени и рафинирани и не ги содржат диеталните влакна кои се од огромна важност за правилно функционирање на организмот.

Во оваа статија сакам да ви предложам еден италијански рецепт кој е навистина многу вкусен, а убавото нешто е што ќе го направиме во лајт верзија, погодна за летниот период.

Состојките кои ви се потребни за овој вкусен рецепт за 4 лица се:

200 гр димен лосос
500 гр. кратки тестенини
1 пакетче растителен сос (овес, ориз, соја)
лукче
црн пипер
магдонос


Традиционално во овој рецепт се користи димен лосос кој може да го најдете во сите поголеми супермаркети, меѓутоа доколку немате може и свеж или замрзнат лосос.

Тестенините треба да бидат кратки, нешто слично како макарони.

Што се однесува до сосот, во оригиналниот рецепт се користи хопла, путер и сирење. Според мене ова е премногу тешко за организмот особено во овие жешки денови, така да ќе употребиме крем од овес, соја или ориз кој може да го најдете во сите продавници за здрава храна.

Најнапред во едно големо тенџере со вода, ставете ги макароните да се варат. Времето е различно во зависност од тоа дали се бели или интегрални, така да следете го упатсвото на опаковката.

Додека тестенините се варат, да го подготиме сосот.

Доколку користите димен лосос нема потреба од многу готвење. Во едно друго тенџере, ставете го растителниот сос со малку лукче (по ваша желба свежо или во прав). Потоа додадете го димениот лосос исечен на мали парченца и гответе кратко (околу 2-3  минути).

Откако макароните ќе се сварат, процедете ги и префрлете ги во тенџерето со сосот и убаво помешајте околу минутка две додека сѐ убаво да се спои.


Доколку користите свеж лосос во тој случај исечете го на мали парченца. Во едно тенџере ставете малку лукче и маслиново масло и кратко пропржете. Додадете го лососот и малку бело вино и гответе сѐ додека рибата не е готова. Додадете го растителниот крем и на крај ставете ги тестенините. Убаво промешајте додека смесата да се спои.

Важно е да напоменам дека доколку користите димен лосос нема потреба да додавате сол затоа што самата риба е солена. За свежиот или замрзнатиот лосос додадете сол по ваш вкус.

Откако сѐ е готово, доколку сакате ставете малку црн пипер, сервирајте во еден голем тањир и украсете со малку магдонос или некоја друга билка по ваша желба.


Лососот е одличен извор на омега 3 масни киселини кои ја активираат работата на цревата и јод кој е одличен за тироидната жлезда. Редовното конзумирање го подобрува метаболизмот и го помага топењето на мастите.

Растителниот сос е одлична и поздрава замена на обичната хопла за готвење. Можеби калориската вредност е слична, меѓутоа она што се менува е видот на мастите кои се употребени. Растителните сосови не содржат холестерол и се поздрави за организмот.

Како што веќе напоменав може да ги купите во сите продавници за здрава храна, меѓутоа може и лесно да ги подготвите и дома (ќе ви дадам детален рецепт во посебна статија).


Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments