Мојот личен режим на нега на кожата


Здраво на сите

Досега пишував статии во кои ви давав идеи за природни начини на нега на кожата, совети за вашиот вид на кожа или пак ви предложував лесни рецепти направи сам со сотојки кои ги имате во сопствените кујни. Денес се одлучив да напишам една поинаква статија, односно да ви го откријам мојот личен режим за нега на кожата, што е она што за мене функционира и производите кои моментално ги користам. Мојата кожа не е совршена, меѓутоа има здрав сјај, убава боја и што е најважно се обидувам да ја оддржувам здрава и чиста со добро формулирани производи. Негата ќе ја поделам на два дела и тоа: утринска и вечерна.

Утринска нега на кожата

1 чекор: миење на лицето
Наутро обавезно го мијам лицето со благ крем за миење. Миењето на лицето е најважниот и базичен чекор кога станува збор за убава и здрава кожа, затоа што на пример наутро има за цел да ја измие маснотијата насобрана на кожата во текот на ноќта.

2 чекор: тонизирање
Нанесувам убав тоник кој си го правам сама и го менувам во зависност од она што ми се допаѓа во моментот. (во една од следните статии ќе ви дадам предлог за три вида на домашни тоници). Последните неколку недели направив еден експеримент и наместо тоник наутро ставав чиста термална вода која знаеме дека е богата со сулфур и одлично влијае врз кожата и нејзиното здравје. Едноставно ја испрскував и ја оставав да се исуши и верувајте ми резултатот беше фантастичен.

3 чекор: хидратација
Од големо значење е добрата хидратација на лицето со убава крема врз која нанесувам крема со заштитен фактор 50. Секако да не заборавам користам и крема околу очи.

Вечерна нега

1 чекор: чистење на шминката
Колку и да сум уморна, прво правило е обавезно вадење на шминката од лицето. Никако не легнувајте со шминка да спиете. Моментално како отстранувач на шминка користам домашен производ со алое вера гел и масло кој сама го правам.

2 чекор: миење на лицето
Откако ќе ја отстранам шминката лицето го мијам со кремот за миење, затоа што на тој начин ја отстранувам маснотијата од производот за отстранување на шминка и ги мијам нечистотиите од кожата.

3 чекор: тонизирање
Потоа нанесувам тоник за лице.

4 чекор: хранење на кожата
На навлажнета кожа навечер ставам масло од пченични никулци во кое имам помешано етерично масло од рузмарин и врз него (откако кожата ќе го впие) нанесувам крема. Ставам крема за околу очи и на трепките нанесувам чисто рицинусово масло кое верувајте ми прави чуда за здрави и погусти трепки.


Производите кои моментално ги користам се:

Дневен и ноќен крем за избелување на кожата од Gamarde

Масло од пченични никулци на Икаров

Крем за миење на лице од Gamarde
 http://biodevojka.blogspot.mk/2015/08/gamarde.html

Крема за околу очи на  Aloedermal 
 http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_23.html

Домашен отстранувач на шминка со алое вера гел
http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_86.html

Домашен тоник (правам разни видови, наскоро ќе ви направам една статија)

Термална вода на Gamarde

Крема со заштитен фактор 50 на Gamarde 
http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/spf-50-gamarde.html

Еднаш неделно правам пилинг и маска на кожата. Од пилинг во последно време ми се допаѓа оној со кокосово брашно за чувствителна кожа кој многу убаво ми одговара. http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_26.html
Доста експериментирам со маските за лице, меѓутоа  најчесто ја правам онаа со зелена глина, а многу ми се допаѓа и онаа со црвено вино која ја прави кожата мазна и блескава. http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_20.html

Каква е вашата рутина за здрава и убава кожа и кои производи најчесто ги користите?

Вики

Comments

  1. И мојата нега делумно ги има истите чекори како и твојата:
    - наутро лицето го мијам со гел за миење со екстракт на морски алги на Alverde, нанесувам тоник на Dr. Hauschka и крем на Dr. Hauschka - Melissa
    - навечер вадам шминка со двофазен отстранувач на Alverde, го мијам лицето со гелот, нанесувам ексфолијант на Dr. Hauschka и на крај тоник. Навечер не користам крема, барем не во летниот период, бидејќи мојата кожа создава повеќе маснотии во текот на ноќта. Околу очи нанесувам крем кој сама го имав направено (за лице, но не ме воодушеви, па сега го пренаменив за околу очи) од кокосово масло, дестилирана вода, глицерин и 4-тата состојка ја заборавив:).
    За жал, јас немам можност еднаш неделно да правам маска, бидејќи сум во постојан недостиг на време. И тоа не само за нега на кожата, туку и за голем дел од домашните обврски.

    П.С. Ваквиот начин на нега се должи на твојот блог, за што сум ти многу благодарна.
    Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Наташа, ти благодарам за коментарот. Многу сум среќна кога читателите споделуваат и свои сопствени мислења и пред се искуства. така сите учиме. Ти благодарам за убавите зборови дека овој твој режим се должи на мојот блог, многу сум среќна. Тоа е и целта на ова што го правам и кога добивам ваков фидбек знам дека сум во вистинска насока. Продолжи така со добрата нега на кожата и секако со вистинските природни и органски производи. Поздрав и пријатна вечер.

      Delete
  2. Наутро лицето го чистам со Алверде млеко со роза за сува кожа и нанесувам шеа путер место крема.
    Навечер за чистење користам мицеларна вода од Корин де фарма и во зависност од потребите на кожата нанесувам шеа путер, кокосово масло, масло од невен, бадем или серум за сува кожа со роза од Алверде.
    Како маска за лице ставам мед, испасирана банана, а во план сум да ја пробам и маската од зелена глина.
    Околу очи нанесувам Алое дермал (кој го пофалив во друга статија :) )
    Имам многу чувствителна и сува кожа на лицето и после илјадници денари потрошени на разни "природни" креми кои или ги фрлав или ги подарував, на твојот блог ги пронајдов маслата за кожа, а посебно шеа путерот од Икаров кој премногу ми помогна и ми го врати сјајот на кожата, а црвенилото исчезна. Сакам да те прашам, дали некогаш си направила комбинација од шеа путер и масло од пченични никулци? Сакам да направам домашна анти ејџ крема, бидејќи ниту една крема не ми одговара на лицето.
    Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Тања, најнапред благодарам што го сподели своето искуство со негата на лицето. Најискрено најрадосна сум кога и читателите активно учествуваат и споделуваат мислење. Најискрено шеа путерот не сум го користела во комбинација со маслото од пченични никулци. Обично маслото од никулци го користам како серум со додаток на етерични масла, некако така ми се допаѓа многу. Имам во план во една од наредните статии да објавам рецепт за крема наменета за сува и чувствителна кожа која може да се направи дома нешто како cold cream. Ти може да ја пробаш комбинацијата со маслото од пченични никулци и слободно сподели како ти се допаднала и како излегол финалниот производ. Би била пресреќна да го видам твојот труд и производ. Поздрав. п.с. ако сакаш помош или рецепт за твојата анти ејџ крема слободно пиши.

      Delete
    2. Да го споделам рецептот од мојата анти ејџ крема за сува кожа :) Во стерилно кутивче од 50 мл растопив на пареа 1 лажичка путер од кокос и 2 лажички шеа путер. Во таа смеса додадов неколку капки чист вит Е, неколку капки масло од невен и 3/4 лажиче масло од пченични никулци. Ми искочи околу 30 мл крема, а ја чувам во фрижидер. Неколку дена ја користам наутро и навечер и искрено сум задоволна, кожата ми е мека и нахранета, а дали има анти ејџ ефект сеуште не можам да потврдам :) Според мене, убаво е да се користат природни креми од проверени производители, но ние што имаме проблематична кожа мора вака да импровизираме. Следна прилика би ја пробала кремата од роза (Хаушка) по твоја препорака, бидејќи мелисата воопшто не ми одговараше. Поздрав! П.С. Вики, дали ќе може да споделиш од каде го набавуваш восокот кој го користиш?

      Delete
    3. Здраво драга Тања, колку ми е мило што си се обидела и си направила крема и уште повеќе што тоа го сподели овде со нас. Секако дека убаво е да се користат проверени и убави креми, ама задоволството е поголемо кога сами ќе си направиме нешто што е успешно и корисно за нашата кожа, затоа браво за тебе. Што се однесува до пчелиниот восок може да го најдеш кај сите продавачи на мед, а доколку не познаваш такви во тој случај на зелено пазарче има една тезга каде продаваат само мед, саќе, пчелин восок. Таму сигурно ќе најдеш. Поздрав и благодарам уште еднаш за овој твој коментар. Се надевам дека се повеќе девојки вака ќе споделуваат лични искуства овде.

      Delete

Post a Comment