Од тегличка па директно на нашата кожа и коса: 4 начини на употреба на медот


Познат по својата голема хранлива моќ и одлично влијание врз нашето здравје, медот се смета и за состојка бр. 1 кога станува збор за убавината на нашата кожа и коса. Има омекнувачка моќ врз кожата, длабоко ја храни и хидрира. Рецептите кои следат многу ми се допаѓаат токму поради тоа што за нивната подготовка потребна ви е само една состојка, односно медот, кој може да го користите од глава до пети. Нема да мора да мешате разни состојки или да правите комплицирани рецепти. Одлични се доколку немате некои посебни состојки дома, а сепак сакате да направите нешто убаво за вашата кожа или пак сакате да направите комплетен третман на целото тело. Епа драги мои, земете ја вашата тегличка мед и да започнеме.

1. Маска за лице

Земете малку мед и со него премачкајте го лицето (претходно убаво исчистено) со благи кружни движења. Оставете да делува околу 15 мин. и измијте со млака вода. Оваа маска ќе и даде неверојатен сјај на кожата, длабоко ќе ја хидрира, нахрани ќе го изедначи вашиот тен, и што е најважно, има огромен ефект во лечењето на акните. Исто така има и благо избелувачко дејство врз кожата.

2. Купка за нозе

Во еден леѓен со топла вода ставете 1до 2 лажици мед и потопете ги вашите стапала околу 10- 15 мин. Медот неверојатно ќе ја омекне кожата на стапалата, особено онаа груба кожа на петиците.


3. Балзам за уста

Доколку сакате прекрасни меки и мазни усни, нанесете многу мала количина мед на вашата уста и оставете кожата комплетно да го впие. Ова е одличен лек особено зимно време, кога температурите знаат драстично да паднат и усните побрзо се сушат како резултат на ладното.

4. Исплакнувач за коса

Доколку сакате косата да ви биде исклучиво мека и сјајна, а притоа да биде и нахранета, во тој случај во 5 чаши топла вода ставете една полна мала лажичка мед. Водата треба да биде топла за медот полесно да се стопи, меѓутоа вие пред да ја нанесете на косата оставете да се олади. По шампонирањето и балзамот, како последно исплакнување користете ја оваа вода со мед и не исплакнувајте повеќе. Ќе бидете воодушевени од резултатите.


Се надевам дека ви се допаднаа овие навистина едноставни, а сепак многу корисни начини на употребата на медот. Понекогаш доволна е само една состојка за да направиме одличен третман од кој нашата кожа и коса ќе имаат огромни бенефиции.

Голем поздрав и до следната статија.

Вики

Comments