Здрава насмевка и бели заби со правилна нега и природни производи на Urtekram


Здраво драги мои,

голем број од статиите кои досега ги објавив ги имам посветено на правилната нега на кожата, косата, лицето или телото или пак говорено за природната или органска козметика. Оваа статија ќе биде малку поинаква и ќе ја посветам на правилна нега на нашите заби кои се многу важни не само за убав изглед (ако сме убави а имаме лоши заби џабе ни е сѐ) туку и целокупата добросостојба. Статијава ја напишав заедно со Др. Мр. Ели Андонова Миланов, магистер по стоматолошки науки и сопственик на стоматолошката ординација Дорабела Естетик, која воедно е и моја сестра. Таа ќе ви даде совети од стручен аспект за правилна нега на забите, додека јас ќе ви дадам предлози за најприродни можни производи на нега на истите.


Иако навидум наивна процедура, редовното миење на забите е особено важен дел од оралната хигиена на секој поединец. Редовното и детално чистење на забалото овозможува здрава средина, а со тоа превеција од појава на болести на забите и нивниот потпорен апарат (гингивата, коската и околното ткиво). Порано под орална хигиена стоматолозите сугерираа чистење на забите 2 пати во денот, наутро и навечер пред легнување. Современите истражувања покажаа дека бактериите кои потекнуваат од храната делуваат најинтензивно по завршување на оброкот. Тогаш е и најголемиот ризик од појава на кариес. Така да, секогаш кога е возможно, најдобро би било доколку забите се мијат по секој оброк.

Сфаќаме дека од огромна важност е хигиената на забите, и токму затоа многу се важни и производите кои ќе ги одбереме за таа намена. На пазарот се нудат голем број на разни пасти за миење на забите од многу различни марки, меѓутоа не се сите исти. Со оглед на тоа што пастата е производ кој доаѓа во допир со устата, односно со внатрешноста (не е производ кој само го мачкаме надворешно) од огромно значење е истата да содржи само природни состојки и да биде безбедна за користење. Токму затоа во оваа статија јас ќе ви предложам една прекрасна органска марка на пасти за заби со навистина фантастична декларација, односно пастите за заби на Urtekram.


Има седум разни пасти за заби од оваа марка за возрасни (во зависност од личниот вкус но и проблематика секако), плус една паста за нега на детските заби (ми се допаѓа кога една фирма мисли на сите, не само на нас возрасните, туку и на децата). Во оваа статија јас ќе ви претставам три пасти за возрасни (кои лично ги пробав), детската паста (која ја пробаа моите внуки) и исплакнувачот за заби без алкохол.

1. Паста за заби со нане (Sensitive)



Оваа паста за заби е дефинитивно мојата омилена, односно онаа која најмногу одговараше за мојот проблем. Јас имам премногу чувствителни непца кои со погрешна паста за заби доста често и крварат. Оваа паста е единтвена која успешно го спречи овој проблем. Непцата ми се во одлична форма и воопшто не крварат при миењето или чистењето со конец. Еве ја декларацијата на овој производ:

INCI: CALCIUM CARBONATE, AQUA, GLYCERIN**, XYLITOL, ALOE BARBADENSIS LEAF EXTRACT*, HYDRATED SILICA, SALIX PUPUREA BARK EXTRACT*, MENTHA PIPERITA LEAF EXTACT*, XANTHAN GUM, GLYCYRRHIZA GLABRA ROOT EXTRACT*, ZINC CITRATE TRIHYDRATE, MENTHA ARVENSIS LEAF OIL* , MENTHA PIPERITA OIL*, MENTHA VIRIDIS LEAF OIL*, MENTHOL*, MAGNOLIA OFFICINALIS BARK EXTRACT, COMMIPHORA MYRRHA OIL, LIMONENE. 
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Како што може да забележиме пастава е комплетно на природна база. Во голем број на пасти за заби ( особено оние кои не се природни и органски) може да се најде содиум лаурул сулфат како една од главните состојки, кој е доста агресивен и може да ги иритира чувствиtелните непца во устата. Овде тоа не е случај. Може да забележиме калциум карбонат (кој е ставен како чистач), потоа вода, глицерин и ксилитол. Од екстракти може да најдеме алое вера екстракт, потоа нане, сладок корен и врба.

Вака искомбинираните екстракти и состојки овозможуваат да оваа паста за заби убаво чисти, не иритира и го остави здивот свеж. Има смирувачко дејство врз непцата, благодарение на екстрактот од алое вера, освежувачко дејство благодарение на екстрактот од нане и сладок корен и благо дезинфицирачко дејство во самата уста. Уште еднаш повторувам дека ова ми е паста бр. 1 најдобра што досега сум ја пробала. Мислам дека си ја пронајдов идеалната паста за заби.

2. Паста за заби со Алое Вера



Пастата со Алое ми е втора омилена паста, бидејќи и оваа се покажа одлична за мојата проблематика. Иако не е наменета за чувствителни непца како претходната, сепак многу помага при оваа проблематика (ова особено се должи на високото присуство на алое вера во самиот производ). Откако ја потрошив онаа претходната, преминав прво на онаа со нане и зелен чај (која не беше најсоодветна за мојот проблем), па веднаш ја земав оваа од која сум исто така премногу задоволна. Декларацијата е следнава:

INCI: CALCIUM CARBONATE, AQUA, GLYCERIN**, ALOE BARBADENSIS LEAF EXTRACT*, XANTHAN GUM, CITRUS RETICULATA PEEL OIL* (AROMA*), COMMIPHORA MYRRHA OIL, MAGNOLIA OFFICINALIS BARK EXTRACT, LIMONENE, LINALOOL.
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Од декларацијата може да забележиме дека оваа паста е премногу нежна и блага. Базата е слична на претходната, меѓутоа оваа не ги содржи сите екстракти кои ги имаше претходната. Овде може да забележиме екстракт од алое вера, масло од цитрус, екстракт од смолата смирна, Алое вера екстрактот во оваа паста делува смирувачки врз непцата, додека смолата која е дел од оваа декларација има ефект на дезинфекција. Оваа паста има послаб вкус од претходната (интензитет) и мене многу ми се допаѓа поради тоа бидејќи не е многу “лута“ ако можам така да се изразам и одлична за сите оние кои се малку почувствителни. Дава фантастична свежина и остава пријатно чувство во устата по употребата. Ја препорачувам за сите оние кои имаат чувствителни непца и се чувствителни на вкус (односно сакаат нешто свежо меѓутоа не нападно).

3. Паста за заби со нане и зелен чај



Оваа паста има посилен вкус и дава убава свежина во устата по употребата. Оваа паста не е соодветна за мојот проблем, меѓутоа тоа не значи дека не е добра. Како состав е одлична и доколку не страдате од чувствителни непца слободно земете ја, ви ја препорачувам затоа што одлично освежува и чисти. Наменета е за секојдневна употреба и хигиена на устата. Декларацијата е следнава:

INCI: CALCIUM CARBONATE, AQUA, GLYCERIN**, ALOE BARBADENSIS LEAF EXTRACT*, XANTHAN GUM, EUCALYPTUS GLOBULUS LEAF OIL* (AROMA*), COMMIPHORA MYRRHA OIL, MAGNOLIA OFFICINALIS BARK EXTRACT, LIMONENE.
 (* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

4. Паста за заби за деца со Алое Вера
Да не ги заборавиме и нашите најмили. Правилната паста за нега на детските заби е од огромна важност и многу е важно да ги научиме нашите деца уште од мали да стекнат здрави навики при миење на забите и оддржување на правилна хигиена. Токму затоа мора да бидеме сигурни дека производот кој им го даваме за таа намена е природен и органски. Оваа паста за заби е идеална за нега на детските заби и ги содржи следниве состојки:

INCI: CALCIUM CARBONATE, AQUA, GLYCERIN**, ALOE BARBADENSIS LEAF EXTRACT*, CHAMOMILLA RECUTITA FLOWER EXTRACT*, XANTHAN GUM, AROMA, COMMIPHORA MYRRHA OIL, MAGNOLIA OFFICINALIS BARK EXTRACT, LIMONENE.
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Од декларацијата може да забележите дека оваа паста е многу нежна и блага за детските заби и непца. По калциум карбонатот на прва позиција следува вода, глицерин и екстракт од алое вера. Ова е базата на самата паста која чисти меѓутоа и има смирувачки ефект. Потоа може да забележиме екстракт од камилица кој го зголемува смирувачкото дејство на овој производ. Оваа паста има овошен вкус, така да е многу пријатна за употреба и децата ја обожаваат (барем моите внуки).


Доколку сте во потрага по една убава органска паста за нега на забите на вашите деца, еве оваа паста е вистинскиот избор за вас. Вие ќе бидете мирни дека производот е сигурен за вашите деца, а тие ќе го обожаваат овошниот вкус и миењето на заби ќе биде многу лесно, како детска игра.

Забите никогаш не треба да се четкаат со хоризонтални движења. Таквата сила го разјадува забот во неговиот врат и со текот на времето се оштетува забното ткиво, се јавуваат пукнатини (ерозии) во вратот на забите и зголемена чувствителност на самите заби. Секогаш чистете ги забите со вертикални движења кои може да бидат кружни и тоа во горната вилица од горе према надолу, а во долната од доле према нагоре. На децата тоа може да им го објасните на овој начин: во горната вилица како што паѓа дождот, а во долната како што расте тревата. Многу е важно уште од мали да ги научиме како правилно да ги мијат забите и да стекнат здрава навика за цел живот. Секој заб осебно теба да се чисти од надвор и внатре, а целата процедура треба да трае најмалку 3 минути.

Изборот на четката треба да биде прилагоден на типот на забалото и достапноста на сите заби. Најчесто четката треба да е со рамни влакна, медиум дебелина на влакната, и со помала глава за да ги опфати сите заби. Препорака е четките да се заменуваат од 3 до 5 месеци.

Јас лично секое миење на забите го завршувам со исплакнувач за уста кој не само што го подобрува дејството на пастата и ја оддржува хигиената на устата, туку дава и свежина. Токму затоа од огромна важност е и ова средство да биде природно и по можност без алкохол (иако понекогаш подобро е да се избере природно средство со алкохол, отколку некое без меѓутоа со многу хемиски состојки). Јас лично бирам без алкохол (ова е секако мое лично мислење).

Исплакнувачот за уста со нане е вистинскиот избор бидејќи не само што е природен и сертифициран органски, туку е нежен и без алкохол што особено ми се допаѓа. Значи ги има сите можни адути на еден одличен и природен производ.


INCI: AQUA, GLYCERIN **, ALOE BARBADENSIS LEAF EXTRACT *, XYLITOL, SALIX PUPUREA BARK EXTRACT *, MENTHA PIPERITA LEAF EXTRACT *, GLYCYRRHIZA GLABRA ROOT EXTRACT *, ZINC CITRATE TRIHYDRATE, MENTHOL *, COMMIPHORA MYRRHA OIL, AROMA, SODIUM HYDROXIDE 
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Од декларацијата може да видиме дека после водата има глицерин, екстракт од алое вера и ксилитол. Ова е базата на самиот производ. Како екстракти ќе најдеме екстракт од нане, сладок корен и врба. Овој исплакнувач доаѓа во пакување од 300 мл. со специјално капаче како чашка за користење на производот. Одлично ја освежува устата и не ја суши бидејќи нема алкохол. Дали ви е познато чувството кога ќе ја исплакнете устата со средства кои содржат алкохол потоа устата ја чувствувате сува и затега (барем јас имам такво чувство, ова е лично мислење)...епа со овој исплакунувач тоа чувство за среќа го нема. Устата останува чиста и што е најважно свежа долго по употребата. Јас лично го обожавам и сметам дека е најдобриот исплакнувач што досега сум го пробала.


Овие производи ќе ги најдете по цена од 300 мкд за пастите (сите пасти имаат иста цена) и 640 мкд за средството за исплакнување на заби. Може да се купат на штандот на Белина во трговските центри Сити Мол и Рамстор во Скопје и Палма Мол во Тетово, како и онлајн на сајтот bellina.mk

Покрај правилната техника на чистење на заби, обавезна е и секојдневна употребата на забен конец. Со негова помош се чистат просторите помеѓу забите и на тој начин се отстрануваат бактериите и плакот, кои се недостапни за четката. Забниот конец се обмотува на показалецот од двете раце на растојание од 5 цм.Со движење напред назад се поставува во меѓупросторот без притисок. Откако ќе навлеземе во меѓупросторот се чисти едната па другата површина со повлекување.Иако вака делува тешко, сосема е едноставно и со малку труд на почетокот, преминува во рутина и здрава навика.

Овие навидум едноставни и наивни навики ќе го продолжат векот на вашите заби и ќе ја унапредат состојбата на вашата усна празнина.Мора да напоменам дек во случај на создаден забен камен, од неизбежна важност е истиот да го исчистите кај стручно лице, стоматолог во зависност од склоноста на вашиот организам за создавање на истиот.

Уште еднаш голема благодарност до Др. Мр. Ели Андонова Миланов за помошта при пишувањето на оваа статија. Доколку сакате слободно посетете го нејзиниот инстаграм профил dorabela_estetik каде може да видите дел од работата на Др. Ели, или пак стоматолошката ординација Дорабела Естетик.



Јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и пред сѐ ви беше од корист. Ние се читаме наскоро со многу интересни и нови содржини и рецензии.

Ве гушкам
Вики




Comments