Масло за заштита на косата со spf 7


Здраво драги мои,

Се надевам дека сте добро и дека дел од вас веќе уживаат на море и плажа. За сите оние кои се моментално на летен распуст, но и за оние кои се подготвуваат, една корисна и интересна статија за домашно подготвено масло за коса со spf 7 кое ќе ја заштити вашата коса од сонцето, морската вода и ветерот на плажа. Многу е лесно за подготовка, а верувајте многу функционално и ефикасно. Ќе ја заштити вашата коса, ќе го  спречи сушењето на истата (под дејство на сонцето) и од одмор ќе се вратите со здрава и сјајна коса. Ајде да започнеме.

Голем број од природните растителни масла имаат природно заштитен фактор. На пример маслото од морков има заштитен фактор 40 маслото од макадамија има spf 6, кокосовото масло spf 4 маслиновото масло некаде околу 8 итн. Меѓутоа внимание, ова не значи дека може да се намачкаме само со масло и да излеземе да се сончаме, туку ова заштитно дејство на маслата може да го искористиме за заштита на косата. За кожата може да го нанесеме маслото под кремот за сончање како подлога или подобрување на ефектот на самиот крем. За кожата обавезно користете креми со заштитен фактор.


За подготовката на ова денешно масло ќе ни бидат потребни само 2 состојки и тоа: маслиново масло и кокосово масло.

Во едно празно темно шишенца од 100 мл. ставете 70 гр. маслиново масло и 30 гр. кокосовото масло. Ова е најевтина варијанта и сигурна сум дека сите од вас веќе дома ги имаат овие масла. Убаво промешајте ја смесата и вашето масло е готово. Може да го ставите во темно шишенца со испрскувач или пак темно шишенца без испрснувач (како на пример моето). Пожелно е шишенцето да биде темно за да го заштити маслото од ужегнување и од топлината на сонцето.

Доколку дома имате повеќе масла може да ја направите следнава комбинација: 60 гр. маслиново масло, 20 гр. масло од макадамија и 20 гр. кокосово масло или пак 50 гр. масло од авокадо, 40 гр. бадемово масло и 10 гр. кокосово масло.


Маслото се нанесува на мокра коса после секое исплакнување од морето или базенот. Најдобро би било доколку наутро пред да одите на плажа благо ја намокрите косата и ставите мала количина од маслото и на тој начин ја подготвите косата за на плажа. Потоа по секое капење во морето или базенот најнапред темелно исплакнете ја косата со слатка вода истапкајте ја со пешкир и нанесете обилно од маслото за коса. На овој начин ќе ја заштитите косата од сончевите зраци и морската вода и ќе го спречите оштетувањето на влакното.


Повеќе совети за заштита на косата за време на летните одмори ќе најдете во статијата Како да ја заштитиме косата за време на летните одмори

Пријатни одмори и запомнете правилната заштита од сонцето е предуслов за здрава кожа и коса.

Се читаме наскоро
Вики

Comments