Освежете се ова лето со домашно подготвена детокс вода


Здраво драги мои,

сигурно веќе знаете што е детокс вода, а сигурна сум дека и многумина од вас ја прават дома. Детокс водата е вода во која се додава разно овошје или зеленчук (по ваш избор), која одлично го прочистува организмот и го елиминира вишокот на течности. Овој напиток е одлична здрава алтернатива на купечките сокови, кои најчесто содржат шеќери и вештачки бои, а секако претставува и совршен напиток доколку ви е здосадено да пиете само вода. Навистина е многу лесен за подготовка, а доколку продолжите да ја читате оваа статија, со вас ќе споделам два рецепти за детокс вода за прочистување на организмот и забрзување на метаболизмот.

1. Антиоксидантна детокс вода со малина

- 200 до 300 гр. малини;
- 2 лимони (јас користам зелен затоа што ми се допаѓа многу повеќе од жолтиот);
- свежо нане;
- свеж ѓумбир;


Изборот на овие состојки не е случаен:

- малините се моќни антиоксиданси, изобилуваат со витамини и имаат ниска калорична вредност, а висока хранлива вредност;
- ѓумбирот го забрзува варењето на храната и ја намалува подуеноста во стомакот;
- лимонот помага во исфрлањето на токсините од телото;
- нането го забрзува варењето на храната и го смирува желудникот;

Во еден голем бокал (оној за лимонада) исечете два лимона (доколку користите прскани излупете им ја кората), додадете ги малините (малку исецкајте ги и нив за подобро да пуштат од својот сок), додадете неколку листови нане и исецкајте едно мало парче корен од ѓумбир. Количината на состојките зависи од вас и вашиот личен вкус. Јас обично мешам малини со боровници, ама овојпат боровници не најдов, така да ја зголемив количината на малините.

Откако ќе ги ставите сите состојки, во бокалот ставете литар вода, поклопете го со капачето и ставете го во фрижидер цела ноќ. Утредента процедете ја течноста и уживајте во вашата нискокалорична течност од која ќе има бенефициите целиот ваш организам. Верувајте ми, вкусот е фантастичен и според мене нема потреба да се засладува, но доколку сакате, додадете малку кафеав шеќер или мед по ваш вкус.

Еве како изгледа напитокот по цела ноќ во фрижидер.


Овој напиток може да го ставите во едно пластично шише и да го конзумирате во текот на целиот ден, кога е многу жешко а имате потреба од нешто природно и освежително, како и за време на физичката активност кога губите голем дел од течностите.

1. Детокс вода од краставица

Оваа детокс вода е навистина многу вкусна, ќе се изненадите од тоа колку освежува и ја згаснува жедта. За подготовката на истата потребни ви се следниве состојки:

- една поголема краставица или две помали;
- два лимони;
- малку корен од ѓумбир;
- малку свежо нане


Во еден голем бокал најнапред убаво исецкајте ја краставицата (доколку користите прскана излупете ја, во спротивно оставете ја кората). Потоа додадете го лимонот исечен на поголеми парчиња, ситно исецканиот корен од ѓумбир и нането. Додадете литар вода, убаво промешајте, покријте го бокалот со капаче и оставете го во фрижидер преку ноќ.


Следниот ден процедете ја течноста, ставете ја во едно шише од литар (или две од пола литар) и пијте ја во текот на денот.


Ете толку едноставно, а имате прекрасен здрав напиток.
Сега да ви објаснам зошто токму овие состојки.

Краставицата е зеленчук кој организмот многу лесно го преработува. Одлична е во спречување на воспаленијата и го елиминира вишокот на течности од организмот, а со тоа ја спречува и надуеноста на стомакот.

Лимонот го помага варењето на храната, помага во брзото разложување на состојките во организмот и го спречува формирањето на гасови во цревата.

Ѓумбирот го забрзува варењето на храната и ја намалува подуеноста во стомакот.

Нането го забрзува варењето на храната и го смирува желудникот.

Се надевам дека овие два рецепти ви се допаднаа и дека ќе се обидете да ги направите. Освежете се ова лето на малку поинаов начин и уживајте експретиментирајќи со разни видови овошје и зеленчук.

До следно читање
Вики


Comments