Прекрасна насмевка со активниот јаглен на Institute Organica


Здраво драги мои,

кога се стремиме кон побели заби последното нешто што би го направиле е да ги миеме со нешто црно :). Меѓутоа ете понекогаш бојата не е пресудна за резултатот. Како што можевте да забележите и од насловот на самата статија, денес ќе говорам за една состојка која може да помогне во избелување на забите на многу природен начин, односно активнот кокосов јаглен и заедно ќе разгледаме како може да се користи производот на Институт Oрганика кој е единствен од овој вид кај нас на пазарот.

Активниот јаглен може да се добие од повеќе видови на материјал кој може да карбонизира како на пример дрво, кокосова лушпа, пилевина и др., иако оној од кокосовата лушпа се смета за супериорен со оглед на тоа што има многу поситна структура. Процесот на подготовка на кокосовиот јаглен започнува со одбирањето на квалитетни зрели лушпи од кокосовиот орев кои потоа се горат, меѓутоа не за да се уништат туку само да се карбонизираат (во присуство на одреден процент на воздух).


Како што веќе напоменав на почетокот, во оваа статија ќе го разгледаме активниот јаглен на Институт Органика. Станува збор за активен јаглен добиен од кокосовите лушпи кој како што веќе напоменав е супериорен по квалитет од останатите типови на јаглен. Секако станува збор за прочистен јаглен кој е сигурен да се употребува за оваа намена.

Доаѓа во прекрасно мало пакување од 50 гр. во навистина оригинална амбалажа, и морам да напоменам дека луѓето кои стојат за оваа марка посветуваат огромно внимание не само на квалитетот на производите, туку и на амбалажата што е вистинска реткост.



Мора да напоменам дека активниот јаглен (како и било која друга природна состојка со избелувачки ефект), во никој случај нема да ви ги направи забите побели од она што природно ви се. Би била лажга доколку ви го кажам обратното. Активниот јаглен може да ги отстрани дамките и наслагите од вашите заби предизвикани од одредени состојки како:

- црвено вино;
- кафе;
- зачин кари;
- цигари;

меѓутоа нема да ги направи забите побели од она што природно ви се.

Обично се употребува чист врз четката за миење на заби (мала количина) и потоа се четкаат забите. Меѓутоа со оглед на тоа што овој производ прави многу “неред“, во смисла мора многу да бидете внимателни кога се миете доколку не сакате да го најдете лавабото од купатилото комплетно црно, би сакала да ви дадам еден рецепт кој специјално го направив со цел да ја олеснам употребата на овој производ.


Станува збор за еден вид на домашна паста со кокосово масло и активен кокосов јаглен. Рецептот е многу едноставен и како две основни состојки се земаат кокосовото масло (она за внатрешна употреба) и секако коксовиот активен јаглен. Пропорцијата е 2 кафени лажички кокосово масло со една кафена лажичка активен јаглен од Институт Органика. Кокосовото масло се топи на пареа и се додава една кафена лажичка активен јаглен.


Убаво се меша, се остава повторно да се зацврсне и со таа смеса се мија забите. Летно време може да го чувате во фрижидер затоа што кокосовото масло преминува во течна состојба.


Зошто токму кокосово масло? Ова масло има природно антибактериско дејство и помага во избелување на забите

Според мене, активниот јаглен најдобро е да го користите еднаш неделно, а останатите денови да ги миете забите со паста која е природна или пак во случај на некој проблем со забите или непцата, паста препорачана од вашите стоматолози. Со оглед на тоа што сепак станува збр за абразивна состојка, не е препорачливо да се претерува и овде важи правилото помалку е повеќе (барем според мое мислење).

Активниот јаглен може да го користите за безброј други работи во козметиката, како на пример подготовка на маски за лице со прочистувачки ефект или пилинзи за лице за комбинирана до масна кожа. Еве еден рецепт за скраб кој може многу лесно да го подготвите дома:

Во еден мал сад помешајте една кафена лажичка сода, една кафена лажичка активен јаглен и додадете малку масло (онолку колку е доволно да се направи убава смеса). Со оваа смеса направете благ пилинг на лицето (избегнувајќи ја зоната околу очите) и убаво измијте. Кожата ќе ви биде помека и поубава.


Активниот јаглен може да го користите и во производството на сапуни за миење на лицето.


Драги мои, се надевам дека оваа статија ви се допадна. Дали вие го имате пробано овој производ и колку сте задоволни од него?

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments