5 лесни домашни рецепти за нега на стапалата


Здраво драги мои,

стапалата се оној дел од телото кој некако имаме тенденција да го занемаруваме или да го ставиме на последно место. Честопати ни се случило да нанесеме крем на телото, рацете и лицето и да ги заборавиме стапалата, а верувајте ми доволно е само малку повеќе внимание и грижа, за кожата на стапалата да стане мека и нежна и да нема потреба од турпии и разни други алатки за отстранување на грубата кожа од петиците.

Денешнава статија ја посветувам токму на нега на стапалата, каде ќе ви дадам 5 интересни и лесни рецепти за домашна нега на стапалата. Вие одберете го она што најмногу ви се допаѓа, иако верувајте ми сите се многу убави, хранливи и ефикасни.

1. Купка за стапала

Еднаш неделно пожелно е да се направи купка за стапала со цел да се омекне кожата на стапалото и да се намали чувството на отежнатост или подуеност на нозете. Купката што ќе ви ја предложам во продолжение е навистина многу едноставна за правење и потребни ќе ви бидат само 2 состојки и тоа:

- сода бикарбона
- маслиново масло

Во едно мало легенче со вода ставете една до две супени лажици сода бикарбона и исто толку маслиново масло. Температурата на водата пожелно е да биде пријатна, не премногу врела, меѓутоа сепак топла. Оставете ги нозете така потопени околу 15 мин. Со редовна употреба кожата на вашите стапала ќе биде помека и помазна.

2. Пилинг за стапала 


Пилингот пожелно е да го направите еднаш неделно по купката за стапала. Ја остава кожата навистина мека и нежна, а потребни ќе ви бидат следниве состојки:

3 супени лажици морска крупна сол
2 супени лажици морска ситна сол
4 супени лажици масло по ваш избор (маслиново, бадемово, кокосово)
етерично масло од еукалиптус (факолтативно)

Во еден сад или директно во финалната тегличка, помешајте ги најнапред крупната и ситната сол и потоа додадете од маслото. Убаво промешајте и додадете 6 капки етерично масло од еукалиптус и повторно убаво промешајте. Овој пилинг ќе ви трае од 3 до 6 месеци.


3. Маска за меки пети

Оваа маска за пети е волшебна и верувајте ми, дава резултати веќе по третата апликација. Потребни ќе ви бидат само 3 состојки кои одлично ја хранат и омекнуваат кожата и тоа:

1 кафена лажица кисело млеко
1 кафена лажица мед
1 кафена лажица маслиново масло

Убаво помешајте ги сите состојки и смесата обилно нанесете ја на петите (ако ви остане може и на целото стапало). Одозгора ставете пластична фолија (онаа за храна) и некои постари чорапчиња за да држат топло. Оставете ја маската да делува така околу 20 мин. и потоа исплакнете ја со млака вода. 


4. Домашен крем за нега на стапалата



Овој домашен крем за стапала е многу лесен за изработка, многу ефикасен и се прави со само три состојки:

- 20 гр. шеа путер
- 35 гр. маслиново масло (или друго по ваш избор)
- комбинација на етерични масла од: лаванда 4 капки, чајно дрво 3 капки и нане 2 капки

Најнапред со помош на еден миксер (најдобро е доколку го имате оној за шлаг, во спротивно може и со обичен миксер) работете го шеа путерот (шеа путерот е доста лесен за работа, меѓутоа ако имате потешотии претходно малку згрејте го). Потоа додадете го маслото и продолжете да работите. Може да додадете и една супена лажица нишесте за да го избегнете маслениот ефект на кремот. Откако ќе добиете убава структура додадете ги етеричните масла и со помош на една силиконска шпатула убаво промешајте. Ставете го кремот во едно празно пластично кутиче.


Нанесете го на убаво чиста кожа (благо навлажнета) најдобро навечер пред спиење и ставете памучни чорапчиња за да држат топло. Наутро ќе се разбудите со прекрасна мека кожа на стапалата. Етеричните масла додатно ќе го збогатат кремот и ќе дадат прекрасен мирис кој и тоа како е пожелен кога станува збор за стапала секако. Овој производ трае од 3 до 6 месеци.

5. Гел за уморни стапала 

За овој производ потребни ви се само две состојки и тоа:

- 2 супени лажици алое вера гел
- 4 капки етерично масло од лаванда

Убаво помешајте двете состојки и ставете ја смесата во едно празно и чисто кутиче. По можност чувајте го во фрижидер, затоа што ладното додатно ќе го зголеми ефектот на производот. Се нанесува на чиста и сува кожа со благи кружни движења од петиците, кон глуждовите и нагоре сѐ до колената. Етеричното масло од лаванда има смирувачки ефект, додека алое вера гелот освежува.

Ете драги мои, се надевам дека овие едноставни а доста ефикасни рецепти ви се допаднаа и дека ќе се обидете да направите дел од нив. Доколку е така слободно оставете ваш коментар под статијата со ваше искуство од рецептите.

Сетете се дека многу повеќе вакви рецепти може да најдете во мојата книга Природно убави со Биодевојка во сите подобро снабдени книжари низ републикава и онлајн на Literatura.mk


Јас ве гушкам а ние наскоро се чистаме со нови соджини.
Поздрав
Вики



Comments