Предлог за нискобуџетни козметички производи (под 500 денари)




Здраво на сите,


откако првата ваква статија појави голем интерес кај читателките за ваков вид на рецензии, еве ме повторно со уште една статија за интересни нискобуџетни производи. Овие статии ги правам со цел да ви дадам идеа за нискобуџетни производи (за кои не мора да потрошите цело богатство) кои не се секогаш органски, меѓутоа декларацијата е прифатлива.

Како што секогаш велам, сите сме различни и она што одговара за мене не мора да одговара за сите, меѓутоа може да ви послужи како предлог или идеа.

Знам дека сте нетрпеливи да дознаете кои производи ќе ги претставам денес, па затоа да започнеме.

 1 Масло од авокадо на.Biokosmos


Ова е едно од најдобрите масла доколку имате сува кожа или повозрасна кожа без сјај. Богато е со токоферол (витамин Е), каротеноид (кој се претвора во витамин А) и фитостероли.

Маслото од авокадо има огромно својство да навлезе во кожата олеснувајќи ја апсорбцијата на активните компоненти кои се наоѓаат во него. Тие компоненти го поттикнуваат клеточниот метаболизам на обновување на клетките на кожата, придонесуваат за задржување на еластичноста на самата кожа и имаат големо анти ејџ влијание.

Редовната апликација на ова масло на кожата на лицето ја намалува појавата на брчки на лицето и ја оддржува елстичноста на кожата, а со тоа и самиот сјај и свежина.

Маслото од авокадо на  Biokosmos е органско и ладноцедено што се познава и од темно зеленета боја која е и доказ плус за врвен квалитет на истото.

Има многу густа структура и изразит мирис.

Цената на ова масло е 227 денари.

2. Ноќен cерум за трепки со кафеин на Alverde


Морам да напоменам дека серумов го купив по грешка. На германскиот сајт на ДМ видов еден производ за трепки, серум, кој сакав да го купам овде. Со оглед на тоа што бев на брзина го видов овој мислејќи дека е истиот и го земав.

Кога стигнав дома и сфатив дека не е истиот, ја разгледав декларацијата на овој серум и се вчудоневидив што на второ месо има алкохол.

Меѓутоа направив на овој начин: навечер на трепките најнапред ставив маслен серум кој сама го правам од рицинусово, маслиново масло и масло од јојоба (доколку сакате да го дознаете рецептот за овој домашен серум прочитајте овде), па врз него го ставав овој серум.

Резултатите се фантастични, трепките ми се поцврсти, а ми изгледаат и подолги (не знам дали е ова моја импресија ама како и да е маскарата многу поубаво изгледа).

Не знам дали ова се должи на серумот на Alverde или комбинација на мојот серум со овој, меѓутоа резултатите ми се допаѓаат.

Сакам да напоменам дека само серумот на Alverde го немам никогаш нанесено ддиректно на трепките без претходно да ставам од маслата.

Цената на овој серум е 159 денари.

3. Растителен глицерин Sensilis


Обично глицеринот го нарачувам или носам често од Италија (кога одам таму), меѓутоа почнав истовремено уште поодамна да барам и растителен глицерин кај нас со цел да ви олеснам на сите вас кои сте љубители на домашни производи во изборот.

Најнапред беше трагедија затоа што сите глицерини во аптека кои ги најдов беа од животинско потекло (а јас сакав растителен), сѐ додека случајно не налетав на овој глицерин Sensilis.

Квалитетот можеби не е како оние кои ги нарачувам од надвор, меѓутоа мене ми изгледа сосема ок како производ и со премногу пристапна цена. Веќе го имам искористено во повеќе домашни проиаводи и задоволна сум од резултатот.

Целта ми е сепак да ви покажам што може да најдете во Македонија. Лесно е да ви кажам да си нарачате од интернет, меѓутоа сепак претпочитам да најдам алтернативи или солуции и овде.

Може да го најдете во аптека  и цената е 76 денари.

4. Деодоранс спреј на La Signe


Јас обично ги користам деодорансите на Alverde кои ми се најпристапни и ми се допаѓаат, меѓутоа еден ден излегов да ги разгледам сите традиционални деодоранси со оглед на тоа што некои читателки ми се пожалија дека оние на Alverde не траат долго (иако ова е индивидуално и зависи од потта и самиот организам).

Повеќето деодоранси кои ги видов содржеа алуминиумова сол, меѓутоа се изненадив кога го најдов овој кој не содржи.

Деодорансов не е органски, ниту пак комплетно природен, меѓутоа за среќа не содржи алуминиумова сол, ниту пак потасиум алум.

Моќта на овој деодоранс е во алкохолот во комбинација со парфемот кој го неутрализира лошиот мирис под пазувите. Со оглед на тоа што има висок процент на алкохол, доколку имате многу чувствителна кожа не ви го препорачувам поради несакана реакција, меѓутоа еве мене ми е сосема ок.

Мирисот е цветен и свеж, а за трајноста е индивидуално.

Само да напоменам дека од оваа марка има уште еден деодоранс во зелена опаковка на кој пишува сенситив, меѓутоа содржи алуминиумова сол па не ви го препорачувам.

Цената е 75 денари.

5. Етерични масла на MeiLab


Многу девојки постојано ме прашуваат каде може да најдат етерични масла за домашните производи.

Јас најчесто ги препорачував оние на Флора кои се органски, меѓутоа не секој од нас може да ги купи со оглед на тоа што цената им е од 400 па нагоре, а и изборот не е голем.

Овие на  MeiLab не се органски, меѓутоа се чисти етерични масла со одлична цена и навистина солиден избор. Има 7 или 8 различни етерични масла.

Може да ги најдете во сите аптеки, а цената се движи од 160 до 300 денари во зависност од маслото.

6. Антицелулитен серум гел на Alverde


Обично сама дома си правам антицелулитни масла, меѓутоа кога го видов производов ме заинтересира па го купив.

Станува збор за производ со гел структура кој брзо се впива во кожата, иако не веднаш, и дозволува да се направи кратка масажа при нанесувањето која според мене е од основно значење за целулитот.

Има интензивен мирис на цитрон и рузмарин (иако помалку од маслото од истава марка), не остава масна трага ниту пак трага врз облеката.

Мене лично ми се допадна иако јас повеќе сакам масла.

Цената на овој производ е 199 денари.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а доколку ви се допаѓаат ваквиот вид на статии слободно оставајте кометнари за оној тип на производ кој ве интересира (коса, кожа декоративна козметика) и јас ќе ги пронајдам за вас.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Здраво,сакам да те прашам за етеричните масла барав пред недела две ама во ниту една аптека кај што влегов ги немаа,можеш ли да ми кажеш ти од која аптека точно ги купуваш,фала однапред ☺

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Ана, ги има во аптеката Ани Фарм во Капитол, ама ги имам видено и во Зегин (само две или три вида). Со сигурност може да ги најдеш на штандот на Логона во Сити Мол, таму имаат најголем избор 6/7 разни видови. Поздрав.

      Delete

Post a Comment